Патоказ за Македонија и за балканската шесторка
6 февруари 2018Европската Комисија сака да ја врати довербата во процесот на проширување кон сите држави од Западен Балкан и на најнапредните земји во тој процес ќе им понуди можна временска рамка, според која, кон крајот на 2025. година би можеле да станат членки на Европската унија. Тоа би требало да биде главната позитивна порака од Стратегијата за проширување, која денеска во Стразбур ќе биде усвоена од Европската Комисија, а пред Европскиот парламент ќе ја претстави претседателот на ЕК, Жан Клод Јункер.
Нацрт-стратегијата досега претрпе повеќе измени. Според извори кои имале увид во последната верзија, иако досега за водечки се сметаа Црна Гора и Србија, како единствени од регионот кои се во преговарачки процес за членство во ЕУ, (Македонија и Албанија имаат статус на кандидати, но немаат отворено преговори), во Стратегијата сега рамноправно се спомнувале сите држави од регионот под синтагмата „шесте партнери од Западниот Балкан“ (или западнобалканска шесторка - WB 6).
Според истите извори, во Стратегијата е наведено дека сите земји во регионот еднаш ќе станат членки на ЕУ, но не во состојбата во која се денес. Наводно, во последната верзија на документ повеќе не се спомнуваат датуми, освен 2025. година како можна година за проширување, но „по испорака на реални и одржливи реформи и дефинитивни решенија за спорови со соседите“.
Повеќе на темата:
-Стратегија на ЕУ: Да се забрза приклучувањето на Западен Балкан
-Ги сака ли ЕУ подеднакво сите на Балканот?
Според високи дипломатски извори од Брисел, посочената година не значи краен рок, туку „отворена перспектива“.
„Процесот ќе остане заснован исклучиво на заслуги и само ако се исполнети условите, тогаш 2025. година може да биде реален датум за пристапување“, потенцираат тие.
Во претходниот нацрт, стоело дека Србија и Црна Гора доколку ги исполнат сите потребни услови, би можеле во 2024. година да потпишат пристапен договор. Но, наводно сега се вели дека „пристапниот договор може да биде потпишан тогаш кога ќе се заклучат преговорите, по мислењето на ЕК, согласноста на Европскиот парламент и одлуката на Советот за прием на нови членки“.
Решавање на билатералните спорови
Најважните елементи на Стратегијата ќе бидат повиците за решавање на билатералните спорови пред зачленувањето во ЕУ.
„Политиката за проширување на ЕУ мора да продолжи да извезува стабилност, а не да увезува билатерални спорови“, се вели во документот на ЕК.
Засега нема информации дали во овој контекст во Стратегијата е спомнат спорот на Македонија со Грција, а бриселскиот портал „Еурактив“ без дополнителни објаснувања вчера објави дека „Европската комисија на 5-ти февруари јасно ставила до знаење дека нема да се обиде да влијае врз преговорите предводени од ОН за да се најде решение за вечниот спорот за името помеѓу Грција и Македонија, иако Жан-Клод Јункер треба да го посети Скопје од на крајот на месецот“.
Според извори од Брисел, она што сигурно е наведено во Стратегијата, е дека Србија „итно“ треба да ги нормализира односите со Косово.
„Без плодотворна и сеопфатна нормализација на односите меѓу Белград и Приштина по пат на дијалог кој го олеснува ЕУ, не може да има трајна стабилност во регионот. Сеопфатен и правно обврзувачки договор е итен и клучен, за Србија и Косово да можат да напредуваат на нивниот европски пат“, било наведено во документот на ЕК.
Во неа се потенцирала и нужноста од искоренување на организираниот криминал и корупцијата, регионалната соработка и помирување, деполитизација на судството, транспарентност, почитување на слободата на медумите, а биле наведени и конкретни акциски планови со кои ЕУ ќе помогне во развој на регионот за да може тој што побрзо да се доближи до стандардите на ЕУ. Посебно внимание се обрнува на решавањато на граничните спорови.
„Таму каде што граничните спорови не се решени билатерално, страните треба да ги предадат безусловно на обврзувачка меѓународна арбитража, чии пресуди мора да бидат во целост применети и почитувани од двете страна пред пристапувањето, и кои мора да се земат предвид во подготовките за пристапни договори“, било посочено во Стратегијата.
Во неа се укажува и на потребата да се работи повеќе на решавањето на судбината на исчезнатите во текот на војните и на надминување на разликите од минатото кои и по 25 години се уште се присутни.
„Уште е потребно време да се изличат раните од '90-тите. Но по 25 години, време е отворените прашања да се решаат со нова енергија. Сите држави недвосмислено мора да се обврзат, со зборови и дела, дека ќе го надминат наследството од минатото со помирување и решавајќи ги отворените прашања многу пред нивниот пристап во ЕУ“, порачува ЕК во стратегијата.
Јункер на „геополитичка“ турнеја низ Балканот
Досега повеќе држави на Европската Комисија и испратија свои сугестии во однос на она што треба да биде наведено во Стратегијата во однос на различни теми. Претседателот на ЕК доби писмо и од 12 земји (Австрија, Чешка, Шпанија, Ирска, Италија, Литва, Латвија, Унгарија, Малта, Полска, Словачка и Словенија), кои предлагаат еднаш годишно да се одржува самит на челниците на ЕУ со шесте земји од Западен Балкан. Тие предлагаат ресорните министри од „шесторката“ да учествуваат на министерските состаноци на ЕУ по прашањата за заштита на околината, здравството, трговијата и надворешна политика. Според земјите предлагачи, тоа ЕУ „не би ја чинело ништо“, а би имало големо политичко влијание и би било корисно и за земјите од регионот и за репутацијата на Унијата.
Дали тоа ќе се реализира ќе се знае по посетата на претседателот на ЕК, кој како што објави порталот „ЕУ Обсервер“, „оди во 'геополитичка' турнеја низ Балканот“. Според наводите, Јункер од 26-ти февруари до 1-ви март ќе ги посети Белград, Подгорица, Приштина, Сараево, Скопје и Тирана. Порталот се повикува на висок извор на ЕУ, кој вели дека посетата на Јункер се реализира бидејќи „Западен Балкан е стратегиски многу важен, тој порано или подоцна ќе пристапи во ЕУ, но геополитичкото влијание на Русија, Кина и Турција се зголемува, па е многу важно влијанието на ЕУ во тој регион да остане, и да биде доминантно“.