Растечки тензии на турско-грчката граница
На ничија земја помеѓу Грција и Турција. Грчката полиција употреби и водени топови за да ги спречи луѓето кои се обидуваат да ја преминат границата во ЕУ. Атина соопшти дека запрела околу 10 илјади мигранти кои се обидуваат да ја напуштат Турција - откако претседателот Реџеп Таип Ердоган рече дека неговата земја „ги отвора портите“ кон Европа.
Грчките власти испратија автоматска текстуална порака на мобилните телефони долж граничните области во Грција, барајќи од луѓето да не се обидуваат да влезат.
Ставрос Замалидес, градоначалник на грчкото погранично место Кастаниес ја обвинува турската страна за актуелната ситуација.
„Видени се турски војници како патролираат со ножици за жица, за да ја пресечат оградата и да ги водат илегалните мигранти тука. Ова беше запрено само затоа што грчките војници кои патролираа во тој момент интервенираа и ја санираа оштетената ограда“, вели Замалидес.
Повеќе на темата:
-ЕУ му веруваше на Ердоган, сега нема план „Б“ за бегалците
-Пругата - лакмус за мигрантски бран: денес нема, но утре којзнае?
-Грците го губат трпението со бегалците: „Ова е инвазија!“
Некои од бегалците и покрај сите мерки на грчката полиција успејаа да влезат во Грција. Но, тоа не значи дека тие се безбедни.
„Ова е нашиот живот. Секојпат се бориме, за да си го спасиме животот и да преживееме и тоа е тоа", вели Ајамудин Азими, 20-годишен мигрант од Авганистан, кој успеа да влезе на грчка територија. Таму меѓутоа полицијата ги апси мигрантите како Ајамудин.
Тие или ќе бидат испратени назад или пак ќе бидат затворени за нелегално влегување во земјата.