Сѐ повеќе Руси во егзил во Белград
25 април 2022На последниот белградски протест против војната во Украина имаше многу руски дојденци, забележува репортерот на германскиот весник Франкфуртер рундшау. Меѓу нив бил и еден челист кој по избувнувањето на војната ја загубил работата во оркестарот во Санкт Петерсбург.
„Бев отпуштен бидејќи пред колегите го изнесов мислењето за војната“, вели тој за германскиот весник. Семејството на неговата мајка и неговата сопруга потекнуваат од Украина. „Всушност, по анексијата на Крим сакавме да емигрираме од Русија. Војната во Украина беше капката која ја прели чашата.“
Како што пишува Франкфуртер рундшау, илјадници Руси кои сега емигрираат се пристигнати во Белград. „На Русите не им е потребна виза за влез во Србија. Србија, кандидат за ЕУ, балансира меѓу Истокот и Западот, и не учествува во санкциите на ЕУ против Русија. Затоа државната авиокомпанија Ер Србија е една од ретките европски компании кои сѐ уште летаат за Москва и за Санкт Петерсбург“, пишува весникот.
Повеќе: „Скажи б“ – нови ученици од Украина во Врање
Како што се наведува, покрај Истанбул, Ереван и Тбилиси, и Белград станал омилена дестинација за високо образованите Руси. Од почетокот на март над 300 фирми, најчесто од ИТ секторот, ги префрлиле своите седишта од Русија или од Украина во Србија.
Во белградските банки велат дека сѐ повеќе Руси отвораат сметки, медиумите проценуваат оти има 20.000 до 30.000 доселеници. Саша Серхина, со потекло од Самара, живее во Белград подолго од 10 години. Таа е една од иницијаторите на иницијативата „Руси, Украинци, Белоруси и Срби заедно против војната“.
За Франкфуртер рундшау таа вели дека Русите кои се доселуваат би можеле да бидат од полза за Србија, слично на оние кои дојдоа по Октомвриската револуција од 1917 година. Серегина вели дека доаѓаат претежно припадници на „средната или високата средна класа“, но дека има и негативни последици. „Во Белград стана уште потешко да се најде стан по пристојна цена.“
Повеќе: Српската политика на клацкалка станува непријатна за Вучиќ
„Русите ги туркаат нагоре и онака веќе високите цени на недвижностите“, вели една даночна советничка за германскиот весник. „Се плашам оти луѓето со нормални примања тука наскоро нема да можат да си дозволат стан.“
Како што наведува франкфуртскиот весник „дојденците сепак во русофилната Србија не наидуваат на предрасуди, за разлика од оние кои одат во западноевропски егзил. Во Србија не мораат да се правдаат за војната на Путин која ионака претежно ја осудуваат. Наместо тоа ги мачи сосема друг феномен: во Белград наидуваат на домашни симпатизери на Путин“.
Музичарот од Санкт Петерсбург вели дека му е драго што во Белград смее да протестира против војната, но оти е шокиран што таму се продаваат блузи со ликот на Путин и што луѓето доброволно ги носат.
„Поради НАТО бомбардирањето и војната на Косово многу луѓе тука имаат поедноставени и апсурдни ставови за војната во Украина“, вели тој. „За нив, непријателот на непријателот е всушност пријател. Тие го поддржуваат Путин како противник на НАТО и неговата војна во Украина како контранапад.“
Франкфуртер рундшау пишува оти новопечените руски Белграѓани во своите групи на Фејсбук и на Телеграм сепак помалку зборуваат за војната, а повеќе за практични работи: како да се отвори сметка во банка, каде да се пратат децата на училиште и кои ресторани се добри. Музичарот од Санкт Петерсбург вели дека не знае колку долго ќе биде во егзил. „Животот оди некако натаму“, вели, „но сигруно нема да се вратам во Русија додека Путин е на власт“.