1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Темната страна на ирското економско опоравување

Андре Лесли/ Б.Г.1 септември 2015

Многумина ја сметаат за светол пример на европските мерки за штедење, но и покрај славениот економски пресврт Ирска има една мрачна тајна: конфискацијата на приватните имоти. А проблемот допрва ќе се влошува.

https://p.dw.com/p/1GOZV
Фотографија: Anti-Eviction Taskforce

Емоциите се сѐ уште силни кога Ендру Бредшо зборува за случувањата од минатата година кога беше набркан од семејната куќа.

„Мојата и девојка јас ја напуштавме куќата кога, од спротивната страна, се разминавме со конвој од 8 возила- комбиња, џипови, полициски возила. Знаев дека доаѓаат по мене, па се вратив“.

Претчувството на Бредшо беше точно. Конвојот имал задача насила да го исфрли 40-годишникот од неговиот дом во малото гратче Мулингар, западно од Даблин. Бредшо не можел да ги исплаќа ратите од кредитот за куќата која ја купил во 2012 година.

Тоа е типична приказна која се случува низ цела Ирска речиси секојдневно. За разлика од порано, кога за конфискацијата одлучувале судовите во Даблин, овие денови локалните судови објавуваат листи низ целата земја за конфискации и пресуди за иселување. Во некои градови се споменуваат 40 до 50 конфискации дневно.

Проблемот е меѓу водечките теми во Ирска, но малкумина знаат за него во странство. Во 2011, Тришн Барнет ја формираше Групата против иселување, национална организација која се бори против конфискацијата на имотот. И покрај добрите вести за ирската економија, вели Барнет, и натаму голем број луѓе ги губат своите домови.

„Можеби мислите дека нештата се подобруваат, но кога разговарате со луѓето, сфаќате дека не е подобро“, вели Барнет која и самата го загубила домот во 2010 година.

Andrew Bradshaw vor seinem Haus in Mullingar
Ендру БредшоФотографија: DW/M.Hartleb

Лутината меѓу борците против конфискацијата достигна ново ниво откако беше откриено дека ирската банка „Перманент ТСБ“ неточно ги калкулирала каматите на недвижниот имот во времето на најдлабоката финансиска криза. Грешката довела до тоа 1.300 клиенти да плаќаат превисоки суми за нивните хипотеки и голем број семејства ги загубиле имотите.

„Доколку ТСБ е само една од банките кои го правеле тоа, тогаш што е со другите?“ се прашува Барнет.

„Келтскиот феникс“

Во меѓувреме, во Брисел, Ирска е фалена како една од успешните европски приказни во рамките на програмата за штедење. Во октомври минатата година, германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле јавно ја фалеше земјата, велејќи дека е „љубоморен“ на нејзиниот успех. Опоравувањето на земјата во медиумите се нарекува „Келтскиот феникс“, во контекст на претходниот период кога беше означувана како „Келтски тигар“.

Но пресвртот не успеа да го реши долготрачниот проблем создаден од ирскиот „хипотекатерн балон“, поради кој потрошувачите мораат да преземаат огромни хипотеки на, со години, преценетиот имот. Во таква ситуација, кога нешто ќе тргне наопаку, а во случајот на Ендру Бредшо тоа беше несреќа поради која не може веќе да работи, хипотеките брзо стануваат невозможни за отплаќање.

Anti Eviction Taskforce Irland
Протести против конфискацијата на имотиФотографија: Anti-Eviction Taskforce

„Ирска во моментов има одлични бројки“, вели даблинскиот економист Константин Гурџиев. „Но, три четвртини од растот на земјата е благодарение на мултинационалните компании и на оптимизацијата на данокот“. „Во суштина, оценката за опоравувањето би била 4 од можни 10“, вели тој.

Негативен тренд

Според Гурџиев, 27.000 конфискации се случиле во Ирска од почетокот на економските проблеми во 2008 година, а стапката се зголемува во првиот квартал од 2015 година. Експертот, кој е на чело на Ирската организација на сопственици на имот под хипотека, вели дека проблемот ќе се влошува.
Иако банките ги реструктирале кредитите за дел од потрошувачите, објаснува Гурџиев, тоа најчесто биле најлесните случаи, а оние потешките се оставени настрана. Сега, откако пазарот на недвижности во Ирска конечно се опоравува, Гурџиев вели дека некои банки намерно ја одложуваат конфискацијата на имотите, за да можат подоцна да добијат повисока цена за имотите. „Тие уживаат и чекаат цените на куќите да пораснат за потоа да можат да вршат конфискација на имоти со повисока вредност. Во меѓувреме, семејствата се‘ уште плаќаат неодржливи рати и на крајот тоа нема да им донесе ништо“, вели Гурџиев.

Constantin Gurdgiev Trinity College in Dublin
Константин ГурџиевФотографија: DW/A.Leslie

За некои како Ендру Бредшо, најголемото олеснување е кога конечно сѐ ќе заврши. „Уморен сум од борба. Тоа можеби ќе се промени следниот месец или година. Но чувствувам дека во моментов треба да оставам сѐ и да продолжам со својот живот“, вели човекот кој пет години се обидувал да ја спаси својата куќа.