1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Терористите не смеат да победат

Бернд Ригерт / превод: ЕМФ14 ноември 2015

Многу работи укажуваат на тоа дека нападите во Париз се извршени од исламистички мотиви. На цивилизираниот свет му е конечно потребен план против ваквиот терор, оценува Бернд Ригерт.

https://p.dw.com/p/1H5fP
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/M. Spingler

Франција е нападната. Европа е шокирана. Цел на кукавичките терористи се не само случајните жртви во Париз, туку сите ние, сите цивилизирани луѓе, односно како што рече американскиот претседател Барак Обама - целото човештво.

Со вџашеност и бес мораме да гледаме како терористите извршуваат координирани акции и можат да убиваат без да бираат. Франција, Европа, светот сега мора да се исправат обединети и да возвратат. Против извршителите, кои според сите сознанија се исламисти, е неопходна борба со сите средства. Оние кои ги влечат конците од позадина, духовните лидери на безобѕирните убијци, сеедно дали седат во Сирија, Ирак или на некое друго место, мора да бидат пронајдени и елиминирани најбрзо што е можно. Таканаречената „Исламска држава“ и‘ објави војна не само на Франција, туку на сите слободоумни луѓе.

Во името на прафранцуските вредности - слобода, рамноправност, братство, светот мора да се исправи против теророт. Самитот на 20-те најсилни економски земји во светот, кој почнува утре во Анталија, нуди добра можност за тоа. САД, Русија и можеби и трупите на НАТО од Европа би морале да се здружат заедно против терористичката банда „Исламска држава“, и тоа најбрзо што е можно. По нападите во Париз во јануари имаше впечатлив марш на солидарност на политичарите од цел свет. Добар гест, но тоа веќе не е доволно. Бескрупулозните убијци веројатно го разбираат само јазикот на насилството.

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт, автор на коментарот

Регрутирањето потенцијални атентатори од редовите на европската младина се толерира премногу долго. Против радикализацијата се неопходни поенергични мерки. Ако европски граѓани одат во Сирија или Ирак за таму да се обучуваат за терористи, тогаш треба барем со сите средства да се спречи нивното враќање во Европа.

Секој може да биде погоден

Сите останати конфликти меѓу државите сега мора да запрат. Зашто секој може да биде следен. Во Русија вчера исто така имаше аларм поради опасност од терор. Турција во октомври беше цел на терористички напади. Мадрид тоа го доживеа во 2004, а Лондон во 2005 година. Никој со сигурност не знае какви „спијачи“ и терористички ќелии во Европа или САД чекаат на тоа да бидат активирани. За судбината на сирискиот властодржец Асад меѓународната заедница може да се грижи и откако ќе биде скршена неверојатната сила на „Исламска држава“.

Покрај бегалската криза во Европа сега доаѓа и уште една терористичка криза, нова несогледлива закана. Сега Европа навистина мора да докаже дека е обединета и дека може да работи заеднички. Безбедноста на сите граѓани е загрозена. Мирниот живот е доведен во опасност. Одговорот на политичките лидери во Европа, САД и Русија сега мора да гласи: Ние се браниме!