Нема пропусти во градбата, тврдат надлежните
9 септември 2021Министерството за здравство тврди дека сите 19 модуларни ковид-болници во државата, вклучително и тетовската, која изгоре во страотен пожар во средата, се типски објекти, градени по највисоки медицински и безбедносни стандарди. Оттаму ја отфрлаат можноста да имало пропусти при градбата и упатуваат на направениот технички прием.
„Модуларните ковид-центри, вклучувајќи ја и болницата во Тетово, се отворени после технички прием. При градбата на сите модуларни болници, вградените материјали се сертифицирани. Министерството за здравство информира дека ковид-центарот во Тетово е проектиран со три влеза, ходниците се широки 2,4 метри, а парапетите на прозорците се ниски во случај на евакуација. Во објектот не е користено дрво и запазени се сите други потребни елементи за заштита“, соопштија од министерството.
На 15 април годинава, веднаш по пуштањето во употреба на објектот во Тетово, економскиот директор Артан Етеми се пожали на „ситни пропусти“ и побара фирмата изведувач во рок од 5 дена да ги отстрани.
Денеска, во изјава за „Фокус“, Етеми вели дека тие пропусти не можеле да доведат до пожарот.
„Констатирав ситни неправилности, на пример дека треба да се поправи подот во ходникот, да се инсталира туш кабина или дека треба да се стави заштитна ограда, што беше направено“, вели Етеми.
Градено по сите стандарди
И од Здравство ги потврдуваат овие информации.
„При градбата има уредно документирани записници за незначителни технички забелешки - силиконирање лајсни на подот, нивелирање на сифон во тоалет, продолжување на дел од олуците и сл. По овие барања, е постапено и истите се санирани пред пуштање во употреба и хоспитализација на пациенти. Овие документи ќе бидат доставени на увид на јавноста и медиумите уште денеска“, велат од Министерството за здравство.
Министерството за здравство очекува експертите и истражните органи што побрзо да го истражат случајот за несреќата.
„Сите аспекти на случајот да бидат предмет на темелна и брза истрага и секако одговорност доколку истрагата го покаже тоа. Модуларните болници се градени по највисоки стандарди, а набавката која Министерството за здравство ја правеше е согласно стандардите за ваквите болници кои се користат во многу земји во светот.“