Тешка сообраќајна несреќа однесе во смрт 13 луѓе
13 февруари 2019Се уште не се познати причините за тешката сообраќајна несреќа која вечерва се случи на автопатот Скопје-Тетово и однесе во смрт 13 патници. Автобусот излетал од автопатот околу 17 часот и завршил на локалниот пат. На самото место починале седум патници. Десетици роднини и пријатели на патниците со часови чекаат информации пред Градската болница во Скопје. Надлежните ги прочитаа имињата на полесно повредените. Очевидци на трагедијата велат дека први на помош на настрадините во автобусот им дошле граѓани кои се обиделе да го свртат автобусот и да ги извлечат патниците.
Автобусот бил сопственост на компанијата „Дурмо Турс“. Министерот за транспорт Горан Сугарески за Тв 24 изјави дека компанијата ја имала потребната лиценца за работа, а возилата биле редовно контролирани. Полицијата разговарала со возачот на автобусот кој не бил потешко повреден во несреќата, но според неофицијални информации, тој рекол дека не се сеќава на настанот. Јавното обвинителство отвори истрага за случајот.
Владата вечерва одржува вонредна седница по трагедијата. Се очекува утрешниот ден да биде прогласен за Ден на жалост.
Министерот за здравство Венко Филипче соопшти дека се мобилизирани и приватните болници во Скопје за да им помогнат на повредените.