Тешки времиња за западните концерни во Кина
9 август 2014За Хорст Лехел, стручњак за Кина во Франкфуртската школа за финансии и менаџмент, сето тоа не е акумулација на случајности: „Работи со такви димензии ретко се случајност. Јас тоа повеќе го гледам во контекст на кампањата против корупција.“
Неколку истакнати кинески политичари веќе беа жртви на оваа кампања. Она што мултинационалните компании моментално го доживуваат, е иста кампања во областа на економијата, смета Лехел.
Во случајот на британската фармацевтска компанија Гласко Смит Клајн, изгледа има силни докази за систем на потплатување во Кина. Мајкрософт, се’ уште не знае во кој правец ќе се движат обвинувањата. На германските производители на автомобили им се префрла наводна злоупотреба на позицијата на пазарот и за прескапи резервни делови.
Злоупотреба на монополот?
„Кинеската влада изгледа го смета тоа за исклучително неправедно кога цените во Кина се повисоки во однос на другите држави и кога со монопол се стекнува профит“, вели автомобилскиот експерт ,Фердинанд Дуденхефер. Тој потврдува дека цените на обвинетите производители на автомобили во Кина се повисоки отколку на другите пазари.
Некои производители веднаш реагираа и ги намалија цените, посебно за полуксузните модели. Ауди на крајот на јули најави дека и до 38 проценти ќе ги намали цените за резервните делови во Кина. Значи ли тоа дека сепак има вистина во обвинувањата? „Што значи кога Кинезите велат дека деловите се прескапи? Кое мерило се зема за цена? Само понудата и побарувачката на пазарот ја одредуваат цената. Ако производителите без нечесни игри можат да ги спроведат овие цени на пазарот, тогаш е правилно“, вели Лехел.
За тоа дали имало нечесни игри, одлучуваат соодветните институции во Кина. Според кинескиот закон, казните за злоупотреба на монопол можат да се движат и до 10 проценти од обемот на продажбата. Целосната соработка со кинеските власти може да ја намали казната. Тоа објаснува зошто компаниите се заинтересирани веднаш да остварат целосна соработка во истрагата.
Моќниот кинески пазар
Послушноста на моќните меѓународни коорпорации во Кина има врска со важноста на кинескиот пазар. „Кина за производителите на автомобили како што е Фолксваген, стана егзистенцијално прашање. Фолксваген без Кина не би можел да опстане“, вели Дуденхефер од Универзитетот Дуизбург-Есен. Тоа го знаат и Кинезите. Кинеската влада подготвува насоки за во иднина. Времињата во кои мултинационалните корпорации заработуваа богатство во Кина, изгледа поминаа. Експертот за Кина, Лехел меѓутоа не верува дека овие компании се во замка, и оти се премногу зависни од кинескиот пазар: „Тоа е, секако, јасно дека Кина ќе продолжи да биде брз растечки пазар. Германските компании и натаму треба да бидат активни во Кина и треба да ги прошират своите активности.“ Лехел исто така смета оти германските компании не мораат да се плашат од кампањите против корупција, бидејќи таа едноставно не е стандард за германското деловно работење.