Трамп ги уништува соништата на „сонувачите“
6 септември 2017Министерот за правда на САД Џеф Сешнс најави дека за шест месеци ќе биде укината програмата ДАЦА, која ги штити од депортација младите имигранти, кои како деца влегле илегално во САД. Оваа т.н. Програма за американскиот сон, на „сонувачите“ им овозможи да студираат и да добијат дозволи за работа, без оглед на нелегалниот влез во САД.
Според Сешнс, програмата ДАЦА ќе биде укината на 5. март, што на Конгресот му остава време со закони да воведе нова заштита за младите имигранти, илегално донесени во земјата.
„Државата мора да постави и да спроведе граница во поглед на бројот на мигранти кои ги прима во текот на една година, а тоа значи дека не можат сите да бидат прифатени. Но, тоа не значи дека станува збор за лоши луѓе и дека нашата земја нив не ги почитува или ги омаловажува. Сепак, ние мора на соодветен начин да ги спроведуваме законите усвоени од Конгресот“, истакна Сешн.
Претходно американскиот претседател Доналд Трамп преку Твитер му порача на Конгресот „да биде спремен“ да усвои закон за имиграција.
Меѓу членовите на Републиканската партија има бројни противници на укинувањето на програмата ДАЦА.
Поранешниот американски претседател Барак Обама пак одлуката за укинување на програмата со која младите имигранти се штитат од депортација, ја оцени за „сурова“ и донесена „надвор од здрав разум“.
„Станува збор за млади луѓе, израснати во САД, деца кои учат и студираат во нашите училишта и факултети, кои тргнуваат во професионален живот, патриоти кои го почитуваат нашето знаме“, изјави Обама, за време на чија администрација во 2012. година и беше воведена програмата. Нејзините приврзеници протестираа во Лас Вегас, Лос Анџелес и во други градови.
Од одлуката за укинување на програмата ДАЦА, од депортација се загрозени околу 800.000 млади луѓе, претежно од Мексико.