1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Повлекување како подготовка за конфликт

17 октомври 2019

Зад одлуката за повлекување на американските војници од северна Сирија би можеле да стојат геостратешки интереси, смета германскиот политиколог Јозеф Брамл. Погледот притоа е насочен кон Иран

https://p.dw.com/p/3RNa5
Syrien Hasakeh Provinz Tal Baydar US Militärfahrzeug
Фотографија: Getty Images/AFP/D. Souleiman

По него потоп? Доналд Трамп ги повлече американските трупи од северна Сирија, а со тоа го отвори патот за воената офанзива на Турција во регионот. Оваа одлука наиде на критики на меѓународно ниво. Поточно, критичарите сметаат дека Трамп не е заинтересиран за стратешката надворешна политика. Но, тоа не е точно, вели германскиот политички научник Јозеф Брамл, бидејќи  зад одлуката за повлекување на војската, би можеле да стојат геостратешки интереси.

„  Тезите дека Трамп сега наводно се повлекува во неговата полжавска куќичка се погрешно толкување“, вели за ДВ Јозеф Брамл , шеф на американската програма во Германското здружение за надворешна политика и автор на блогот „Експерт за САД“. Според него, Соединетите Американски Држави нема да се повлечат од Блискиот Исток. Наместо тоа, со повлекување на копнените трупи, тие се погрижуваат за тоа да ги минимизираат можните контранапади; а тие би можеле да дојдат од Иран.

Повеќе:

-Американски војници во Сирија под турска стрелба

-Трамп е воздржан за Иран поради добра причина

-Дали САД повторно ги „предадоа“ Курдите?

Брамл ја набљудува сириската политика на САД, во прв ред со поглед кон Иран. Бидејќи во судирот со Исламската Република, САД сè уште го немаат кажано последниот збор. „Поаѓам од тоа дека САД преку превентивни напади сакаат да го спречат Иран да се вооружи со нуклеарно оружје“, вели Јозеф Брамл.

Josef Braml
Германскиот политиколог и експерт за САД, Јозеф БрамлФотографија: Privat

Ако САД извршат воздушни напади против Иран, Брамл верува дека мора да се смета на контранапади. Иран во таков случај би можел да ги земе за цел, на пример, американските трупи стационирани во блиската Сирија. „Ако САД имаат помалку војници во регионот, тогаш во случај на ирански контранапад, би имало помалку жртви“.

Непредвидливоста на Трамп ги отежнува прогнозите

Она што ги отежнува и онака комплексните предвидувања во врска со стратегијата на САД за Блискиот Исток е непредвидливоста на американскиот претседател Доналд Трамп, смета политикологот Кристијан Хаке. „Она што тој го зборува воопшто не одговара на она што го прави“, истакна Хаке во интервју за ДВ по нападот врз саудиските нафтени објекти.

По повлекувањето на американските трупи во северна Сирија, Турција започна воена офанзива против курдската милиција  (ЈПГ). Последиците се веќе огромни. Според Светската здравствена организација (СЗО), повеќе од 200.000 луѓе се избегани пред налетот на турските трупи и нивните сојузнички џихадистички паравоени формации. Сириската опсерваторија за човекови права известува дека 130  борци на Сириските демократски сили предводени од Курдите и 69 цивили се веќе убиени.

Малку е веројатно дека САД не би можеле да го проценат влијанието кое повлекувањето на нивните трупите би го имало во тој регион. Меѓутоа „регионот и Курдите, исто така, можат повторно да станат жртвен јарец на ривалството меѓу големите сили“, вели Брамл.

На крајот, ова значи: САД против Кина

Кога  станува збор за ривалството меѓу големите сили, политикологот Брамл се осврнува не само на САД и Иран, туку и на Кина. „Затоа што кога станува збор за конфликтот со Иран, станува збор и за Кина“.

Militäroffensive der Türkei
Фотографија: picture-alliance/dpa/A. Alkharboutli

Кина е најголем увозник на иранска нафта. Покрај тоа, поврзаноста со Иран е уште поважен дел од кинеската иницијатива „Нов пат на свилата“, која треба да воспостави нови коридори од Кина до Европа и до Африка.

И тоа не ја прави ситуацијата потранспарентна. Различните интереси и актери на Блискиот Исток се тесно испреплетени. Накратко: Повлекувањето на американските трупи од Сирија може да биде стратешко минимизирање на целите на напад. Тоа ќе биде важно за САД доколку има воена ескалација со Иран. А во тој случај и Кина веќе не е далеку. Брамл вели: „Ако го погодите Иран, вие исто така сте го погодиле глобалниот ривал Кина, земја која мора да се снабдува во регионот“.