Трамп во Вашингтон: „Нашата држава е на земја“
27 јули 2022Доналд Трамп си остави време пред да застане зад микрофонот на првиот настап во Вашингтон по завршувањето на претседателскиот мандат. Пред да настапи во конференциската сала на хотелот Мериот, на собир на America First Policy Institute, тинк тенк основан од поранешни менаџери на избори со цел да се поттикнува политиката на Трамп, тој се движеше од една точка до друга, се насмевнуваше, климаше пријателски со главата и поздравуваше луѓе во публиката. Потоа својот говор го почна со оценка за владата на Бајден, која, според очекуваното, е разорна:
„Нашата држава е на земја. Имаме највисока инфлација и највисоки цени на бензинот. Американскиот сон е уништен. Ако во ноември, по изборите за Конгресот, освоиме мнозинство, а потоа победиме на наредните претседателски избори, ќе мора да направиме сѐ за да ја спасиме иднината на нашата земја.“
„Одврзани раце на криминалците“
Трамп не го интересира тоа што иинфлацијата и цените на бензинот веќе биле повисоки во минатото. Тој има долга листа со идеи и нив ги претстави во говорот кој траеше час и половина. Според Трамп, особено трагична и катастрофална е ситуацијата со безбедноста во земјата:
„Демократското раководство им остави одврзани раце на криминалците. Ништо не е поважно од тоа улиците повторно да станат безбедни и повторно да се воспостави ред и мир.“
Трамп во неколку точки детално опиша како треба да изгледа овој безбедносен концепт. Полицијата треба многу да се зголеми. Потоа, на американската Национална гарда треба да ѝ се дадат повеќе овластувања и таа треба да може сама да интервенира, особено во градовите кои се главно управувани од Демократите. Ситуацијата таму е особено лоша, смета Трамп. Тој дури предлага и смртна казна за дилерите на дрога.
„Тој е малку нервозен и збунет“
При презентацијата на своите идеи, Трамп остана главно монотон и се „загреваше“ само кога стануваше збор за мали анегдоти од неговиот мандат или лудории - како на пример дека сака да основа женски кошаркарски тим со НБА ѕвездата Леброн Џејмс. Помеѓу тие точки, продолжи да лансира нови критики за владата на Бајден.
Трамп немаше убедлив настап во Вашингтон, оценува поранешниот републикански конгресмен Карлос Корбело за Ен-Би-Си: „Тој не изгледа толку динамичен како обично, малку е нервозен и збунет. Ова не му е баш најславен ден“.
Трамп не отфрла кандидатура
Кон крајот на својот настап, Трамп ги гаѓаше сите што сакаат да го повикаат на одговорност за упадот на Капитол. Според него, она што се случува во истражната комисија има само една цел: да го спречат повторно да се кандидира. Дали навистина ќе се кандидира? Трамп не одговори на ова прашање. Но, стана јасно - во никој случај не го отфрла тоа:
„Победив во мојата прва претседателска трка во 2016 година и имав уште подобри резултати при мојата втора кандидатура во 2020 година. Знаете што? Можеби едноставно ќе треба да го повториме тоа“.