1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Тргни - застани, некој ќе застари

19 јануари 2021

Во 2020 година се одржало 151 рочиште за судските предмети иницирани од поранешното СЈО, а биле одложени 99. Во април и мај не било закажано ниту едно рочиште.

https://p.dw.com/p/3o6qb
Nord-Mazedonien Justiz l Wahlmanipulation - Angeklagte Saso Mijalkov
Од „Таргет-Тврдина“ во март поради застарување ќе отпадне едно од кривичните дела кое му беше ставено на товар на Сашо МијалковФотографија: Petr Stojanovski

Од „Таргет-Тврдина“, капиталниот предмет на поранешното СЈО кој се однесува на незаконското прислушување и уништување на опремата со кое е извршено тоа дело, во март поради застарување ќе отпадне едно од кривичните дела кое му беше ставено на товар на Сашо Мијалков, поранешниот директор на Управата за безбедност и контразузнавање. Веста за застарувањето на делото во јавноста создаде забуна дека тој нема да одговара за незаконското прислушување, што не е точно. 

За Мијалков застарува „Примањето награда за противзаконито влијание“ од член 359 став 2 в.в. став 1 од КЗ, кое се однесува за уништувањето на опремата со која се вршело прислушувањето. Но, не застаруваат другите дела за кои е обвинет во врска со нелегалното прислушување: „Злосторничко здружување" и „Злоупотреба на службената положба и овластување“.

Мала статистика

Оваа вест го врати во фокусот прашањето - до каде се судските предмети иницирани од страна на поранешното СЈО? И заради пандемијата, но и заради одложувања од други причини, чест рефрен во изминатата година беше „рочиштето е одложено".

Јавноста нема увид колку од рочиштата за овие судски предмети воопшто биле одржани. Одговорот го дава Коалицијата „Сите за правично судење“, која изготви инфографик со статистика за судските предмети кои што се иницирани од страна на поранешното СЈО. Податоците се однесуваат за одржани и одложени рочишта во текот на 2020 година, како и споредбена статистика за периодот 2018-2020 година.

Од 250 насрочени рочишта за судските предмети иницирани од поранешното СЈО, во 2020 година се одржало 151 рочиште, а биле одложени 99. Притоа, во месеците април и мај не било закажано ниту едно рочиште.

Причини за одлагање на рочиштата се различни. Од 99 одложени рочишта, за 48 од нив причината за одложување била Ковид-19. Одбраната/обвинетите одложиле 20 рочишта, 13 се одложени поради други причини, за 11 рочишта причината за одлагање бил судот, а 7 рочишта биле одложени поради Јавното обвинителство.

Nord-Mazedonien Justiz l Wahlmanipulation - Staatsanwältin Fatime Feta
Споредено со претходните две години, во 2020 година, со 151 одржани и 99 одложени рочишта (40%), учинокот изгледа најскромен (архивска фотографија)Фотографија: Petr Stojanovski

Споредбено, каква била состојбата во 2018 и 2019 година?

Во 2018 година, од 308 насрочени рочишта, 210 се одржале, а 98 биле одложени (32%). Во 2019 година имало 655 насрочени рочишта, од кои 418 се одржале, а 237 биле одложени (36%). Споредено со претходните две години, во минатата 2020 година, со 151 одржани и 99 одложени рочишта (40%), учинокот изгледа најскромен.

Поединечно, „рекордот" за неодржани рочишта до лани го држеше судскиот процес за „Талир“. Предметот се однесува на незаконско финансирање на ВМРО-ДПМНЕ, а во него се обвинети Никола Груевски, и други партиски функционери за „злоупотреба на службената положба и овластувања“ и „перење пари“. Од 18-ти февруари 2019 година до февруари 2020 година, не се одржа ниту едно рочиште за предметот „Талир" иако биле закажани 16 рочишта. Потоа дојде короната.

Дигитализација за навремена правда

Корона-кризата само ја зголеми можноста за „надградување" на разни досега видени начини за избегнување на рочиштата. Министерот за правда, Бојан Маричиќ во разговор за ДВ како една од причините за потребата од филтрација во судството, ги наведе и честите одолжувања на рочиштата.

„Сведоци сме на чести одложувања на рочиштата, пред сè, на оние за висока корупција и организиран криминал, а на тоа реагира и јавноста. Целта на филтрацијата е да се направи длабинска проверка на работата на судиите од повеќе аспекти, меѓу кои и неоправдано одложување на рочиштата. Ќе се проверува и непочитувањето или прекршувањето на законските рочишта, застарување на гонење, односно извршување на санкции во кривичните предмети, како и евентуални неправилни одлуки или приговори за застареност од странките“, рече министерот за правда.

Nord-Mazedonien  Nordmazedonien   Bojan Maricic
Министерот за правда Бојан Маричиќ како една од причините за потребата од филтрација во судството ги наведе и честите одолжувања на рочиштатаФотографија: DW/P. Stojanovski

Во изминатата година, и коронавирусот драматично влијаеше врз работата на судовите секаде во светот, што ја наметна потребата од имплементација на алтернативни решенија - воведување систем на „далечинско“ или „виртуелно“ судење, со користење на современа аудио-визуелна технологија. Во Северна Македонија кон таква пракса премина само Основниот суд - Кавадарци, кој одржа неколку „виртуелни“ рочишта, каде право на присуство имаше и стручната јавност. Проблемот ја наметна потребата за што побрза дигитализација на судовите, со цел да се  зголеми ефикасноста, да се забрзаат судските процеси, а од друга страна да се намали потребата  од физичко присуство заради здравствена превентива.

„Пандемијата на коронавирусот претставува своевиден катализатор на дигитализација на општествата", смета Маричиќ.

„Ја отворив оваа тема, бидејќи сметам дека дигитализацијата во иднина едноставно ќе мораме да ја направиме, доколку сакаме да сме во чекор со развиените држави. Секако, свесен сум дека за ова се потребни законски измени, потребни се техника и финансиски средства, но уште попотребно е овој процес да почне и да заврши, со цел побрза работа на судовите, подобра поврзаност, а со тоа испорачување на навремена правда", порача министерот за правда.