1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Вжештена дебата- повеќе права за вакцинираните?

Ноткер Оберхојзер | агенции
10 август 2021

Есенската корона-стратегија е главна тема на денешната средба меѓу покраините и сојузната влада на Германија. Во земјата се води жестока дебата. Главното прашање останува– како да се зголеми стапката на вакцинирани?

https://p.dw.com/p/3ykmA
Weltspiegel | 31.05.2021 | Coronavirus, Impfungen in Berliner Bar
Фотографија: Wolfgang Kumm/dpa/picture alliance/dpa

Можни ограничувања за невакцинираните, повеќе права за вакцинираните, нов систем за анализа на корона-ситуацијата и иднината на бесплатните тестови – во светло на растечкиот број на заразени и стагнирачкото темпо на вакцинација германските политичари дебатира за понатамошниот курс во однос на пандемијата. На консултациите закажани за денеска меѓу канцеларката Ангела Меркел и покраинските премиери може да бидат донесени важни одлуки.

Седумдневната инциденција се зголемува

Според податоците на Институтот Роберт Кох, (РКИ), седумдневната инциденција во Германија и понатаму расте – во моментов е 22,6. Најниското ниво пред еден месец беше 4,9. И покрај тоа што во меѓувреме повеќе од 45 милиони луѓе во Германија се целосно вакцинирани против коронавирусот, темпото на вакцинација стагнира.

Според анализите на РКИ вакцинацијата спречила илјадници смртни случаи. Германија веќе се наоѓа во четвртиот бран. Со цел да се спречи што поголемо ширење на заразата потребно е колку што е можно побрзо да се зголеми бројот на вакцинирани кај населението.

Лашет се држи до 3-Г правилото

Во фокусот на политичката дебата централното прашање е како да се натераат што повеќе луѓе да се вакцинираат и дали треба да има ограничувања за невакцинираните. Покраинскиот премиер на Северна Рајна-Вестфалија и шеф на ЦДУ, Армин Лашет отфрла дискриминација за невакцинираните се додека тие може да приложат негативен тест за корона. „Државата не смее да исклучи од јавниот живот ниту едно лице кое е вакцинирано, има прележано или има негативен тест,“ изјави кандидатот за канцелар на ЦДУ/ЦСУ за „Билд ам зонтаг“.

Повеќе: Привилегии за вакцинираните во Германија?

Таканареченото 3-Г правило „geimpft, genesen, getestet“ – (вакциниран, оздравен, тестиран) – е „разумно, умерено и спроведливо“.

Шефот на парламентарната фракција на партиите од Унијата, Ралф Бринкхаус за „Велт ам зонтаг“ изјави дека премногу се зборувало за индиректната задолжителна вакцинација, а многу малку за правата на вакцинираните.

„Но, сметам дека есеноска тоа само од себе ќе се регулира бидејќи хотелиерите, клубовите и организаторите на настани ќе речат: извини кај мене не можеш да влезеш само со тест. Мислам дека притисокот од вакцинираниот дел од населението енормно ќе се зголеми.“

За градоначалникот на Хамбург од СПД, Петер Ченчер, има две алтернативи доколку повторно бидат потребни ограничувања поради зголемен број на заразени. „Карантин за сите - што не го сметам за оправдано, или ограничување за оние кои не се вакцинирани иако подолго време имале можност за тоа,“ вели тој. Во изјава за „Франкфуртер Алгемајне Цајтунг“ тој меѓу другото бараше исто да се третираат невакцинираните со негативен ПЦР тест, вакцинираните и оздравените. „Брзите антигенски тестови пак не се доволно сигурни“.

Како Германците се справуваат со „неомилениот“ полициски час?

Бовеншулте не сака никаков „притисок“

Неговиот партиски колега и градоначалник на Бремен, Андреас Бовеншулте за весникот „Ханделсблат“ изјави: „Мислам дека многу повеќе може да се постигне со убедување отколку со притисок“. Тој смета дека пристапот на исклучување на невакцинираните од одредени настани или посети „не е многу ефикасен“.

Повеќе: Вакцинација: Основните права не се привилегии

Претседателот на Германската лекарска комора, Клаус Рајнхард, смета дека ограничувања за невакцинирани може да има само ако се заканува преоптоварување на здравствениот систем.

Хабек се сврте против Шпан

Шефот на Зелените, Роберт Хабек на „ЦДФ“ зборуваше дека тестовите за корона мора да останат бесплатни. Наспроти предлогот на Министерството за здравство тој вели: „Ова е погрешна мерка за да се мотивираат луѓето да се вакцинираат.“  Министерството предложи тестовите за корона до средина на октомври повеќе да не бидат бесплатни, односно да останат бесплатни само за оние кои не може да се вакцинираат или за оние за кои нема општа препорака за вакцинација, како за трудници или деца под 18 години. Уште од март трошоците за тестовите се на товар на државата.

Повеќе:Германија фрла сѐ повеќе неискористени вакцини

Се погласни се барањата и седумдневната инциденца повеќе да не биде единствениот репер за корона-мерките. Пополнетоста на болничките капацитети и на интензивна нега треба исто така да бидат фактор кој треба да се земе в предвид, вели Лашет. Шефот на покраинската група на ЦСУ, Александар Добринт за „Билд ам зонтаг“ вели „Инциденцата ја одигра својата улога“, додека премиерката на Мекленбург Предна Померанија, Мануела Швезиг од СПД, пак се залага за „Корона – семафор“.

На градовите им се потребни јасни правила за наесен

Сојузот на градови во Германија побара стратегија за вакцинација за претстојната есен и зима со цел подобро да се подготват за четвртиот бран на корона. Првиот човек на сојузот, Хелмут Деди изјави: „Имаме редица задачи поврзани со вакцинацијата кои треба да ги исполниме – засилена вакцинација на постарите лица и оние на кои им е потребна грижа, зголемена вакцинација на деца над 12 години и уште повеќе директни понуди за вакцинирање.“ На градовите им се потребни јасни насоки за вакцинацијата особено по септември кога ќе се затворат поголемиот дел од големите центри за вакцинација.