1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Катастрофи

Тригодишно девојче спасено во Измир – 65 часа по земјотресот

ЖА / агенции
2 ноември 2020

Тригодишната Елиф, која од петокот се водела како исчезната по земјотресот, е спасена од под урнатините во турскиот град Измир. Спасувачките икипи извлекле и 14-годишна тинејџерка, која е пренесена во болница.

https://p.dw.com/p/3kkgq
Türkei Erdbeben Mädchen in Izmir gerettet
Фотографија: Istanbul Fire Authority/AA/picture alliance

Речиси три дена по катастрофалниот земјотрес во Турција, од под урнатините е извадено тригодишно девојче. „Ја спасивме малата Елиф речиси 65 часа по земјотресот. Остануваме овде сѐ додека не стигнеме и до последните затрупани", напиша Службата за справување со катастрофи на Твитер. На телевизиски снимки беше прикажано како спасувачите го носат детето кон возило за медицинска помош.

Еден од пожарникарите кој учествувал во спасување на детето сведочеше: „Ме фати за прст и не ме пушташе“. 

„Пресреќна сум. Јас сум повторно со неа, а наскоро таа ќе биде заедно и со мајката и сестрите, моите молитви се услишани", изјави бабата на малото девојче пред новинарите. Мајката на Елиф и нејзините останати три деца, две девојчиња и едно момче, беа извлечени од под урнатините на осумкатна зграда уште во саботата. Според турскиот министер за здравство Фахретин Коџа, едното од децата, седумгодишно момче, починало од повредите.

Повеќе:

Потрага по преживеани во Измир

Силен земјотрес во Турција

Во раните утрински часови денеска е спасена и 14-годишна тинејџерка, која по пружената прва медицинска помош е префрлена во болница, како што јави турската новинска агенција Анадолу.

Според Службата за справување со катастрофи, по земјотресот од петокот досега се спасени 105 луѓе, а работите на расчистување на урнатините во пристанишниот град продолжуваат.

Од силниот земјотрес во Егејско Море беа потресени делови од западна Турција и од Грција. Во Турција загинаа 81 лице, стотици луѓе се повредени, а две момчиња на грчкиот остров Самос починале откако биле затрупани од паднат ѕид. Европско-Медитеранскиот сеизмолошки центар измери јачина на земјотресот од 6,9 степени. Епицентарот бил на 13 километри североисточно од грчкиот остров Самос.