1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трите најголеми опасности за изборите

10 март 2020

Можно ли е да дојде до одлагање на предвремените парламентарни избори ако се злоупотребат во политички цели ескалацијата на бегалската криза и на коронавирусот. Пишува Ерол Ризаов

https://p.dw.com/p/3Z7Al
Stichwahl in Nord-Mazedonien Wahllokal
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

Над Македонија истовремено се надвиснуваат три големи опасности кои можат да го загрозат здравјето на граѓаните и на државата. Првата опасност која се заканува од самите нас е регуларноста на изборите, основен и најважен предуслов за евроатланските интеграции на земјата која со лоши избори може да биде вратена кај што беше пред 15 години, па и поназад...

Втората закана е мигрантската криза која повторно добива драматични размери, а Македонија е на главната бегалската рута. И третата која може да биде и најопасна е коронавирусот кој сѐ повеќе се заканува да  прерасне во пандемија со трагични последици. Мигрантската криза и корона вирусот се глобална закана, но нивната политичка злоупотреба може да има силно влијание на изборите, а со тоа и на иднината на државата.

Владата, партиските лидери и сите одговорни во вакви ситуации  во институциите на системот, премиерот, претседателот на државата во консултација со уставот мора да бидат подготвени како се постапува во случај на вонредни состојби кога истовремено има опасност од пандемија, мигрантска криза и нерегуларна, полна со омраза, предизборна кампања. Можно ли е одлагање на изборите и кои се излезните решенија во вакви ситуации. 

Црна кампања

Да ги разгледаме овие три опасности од аспект на историски за нас значајни предвремени избори. Прво, од каде произлегува реалната закана за регуларноста на изборите од самите нас иако до 12 април има повеќе од еден месец. Амбиентот во кој се одвива предизборната кампања веќе ја доби оценката дека на повидок се највалканите избори досега. Со црната кампања на ВМРО-ДПМНЕ и со наездата на лажни вести не само на социјалните мрежи и интернет портали, туку и на националните телевизии и радио станици со таканаречените директни  емисии во кои зад фасадата за наводно демократската трибина со граѓаните се одвива срамно уништување на сите и онака малку преостанати новинарски, професионални и етички норми и стандарди. Освен во ретки исклучоци овие емисии полни со говор на омраза и лаги се под постојана инвазија на партиски активисти, а има и платеници кои имаат добра дневница да ја поздрават емисијата и водителот и да истурат еден куп гадости и лаги пред зависниците од популистичките примитивни тиради составени во партиските штабови. Ретките исклучоци само докажуваат дека пропагандната војна влегува во забранетата зона кога  кампањата станува нерегуларна, надвор од основните демократски правила.

Црната кампања на билбордите и во партиските медиуми  со потпис на ВМРО-ДПМНЕ платена со пари од буџетот, на сите граѓани, но и од  сомнителни извори, е всушност признание дека црнилата се очајна  замена на неуспешните обиди Зоран Заев да се вовлече во аферата Рекет. Функционери  од врвот на ВМРО-ДПМНЕ  против кои се водат судски постапки, или се под истрага и кои се сведоци во судски процеси уплашени од соочување со правдата јавно даваат изјави, обвинуваат, се закануваат, фабрикуваат лаги и шпекулации. Не знам дали во нашите закони е забрането обвинети лица, или тие за кои се води истрага да  можат јавно да дават изјави кои наштетуваат на судските процеси, но знам дека тоа во многу демократски земји е недозволиво. Дури и кај нас ако има некои законски ограничувања за јавно и лажно морализирање  на криминалци и корумпирани  политичари, тоа очигледно не се почитува. На добар пат сме од криминалците кои ја опустошија земјата со валканата предизборна пропаганда да направиме  јунаци и големи патриоти.

Итроштината на Мицкоски

Работите стигнаа до таму што лидерот на ВМРО- ДПМНЕ Христијан Мицкоски се оградува од оваа криминогена група која бранејќи се себе за да се спаси од правдата нанесува штета и на самата партија бидејќи нивните мотиви се лесно препознатливи. Каде се чуло видело арамии да се борат за владеење на правото за да дојдат на власт и да управуваат со државата. Мицкоски со итроштина предлага Антонијо Милошоски и Зоран  Заев во тв дуел да ги расчистат сметките меѓу себе, така и двајцата "да загинат". Итроманот жртвува пешак за топ.

Дури,  изборите на денот на гласање да поминат во најдобар ред во предизборната кампања која се уште не стасала до точка на вриење има големи отстапувања, не од скандинавски избори какви што ни требаат за да нема ниту една дамка, туку и од балканските каде изборите веќе не се организираат со бугарски возови и со туристички наградни викенди за гласање. Ако денот се познава по утрото и ако натаму продолжи да се вжештува кампањата на 13 април може да се разбудиме во длабока политичка криза поради неверодостојни избори што може да ги оправда резервите кон Македонија што ги имаат некои членки на ЕУ каде десницата е на власт, или има силно влијание против проширувањето на ЕУ.

Nord-Mazedonien Journalist Erol Rizaov
Ерол РизаовФотографија: privat

Втората опасност е мигрантската криза која од ден во ден добива драматични димензии. Се злоупотребуваат судирите со бегалците за да поентираат политичките партии во битките за власт и за европски пари. Екстремната десница и радикалите веќе еднаш ја искористија хуманитарната катастрофа да ги зајакнат своите политички позиции во цела Европа иако крајната станица на бегалците беше Германија и во  многу помал број во другите западноевропски земји. И во Македонија  2015 година  стравот од бегалците беше предизвикан со лагите дека се работи за наезда од исламисти и терористи кои ќе останат во земјата и дека за нив се подготвуваат специјални кампови и месечен надомест што ќе се плаќа од буџетот. Кога не остана ниту еден од бегалците, тоа веќе не беше значајна вест. Замолкнаа домашните радикали како ништо да не било како што прават секогаш по обелоденување на вистината. Викаа на цел глас дека нема да влеземе во НАТО па кога тоа стана реалност, молкнаа. Викаа дека преговорите со ЕУ никогаш нема да почнат,  па сега нешто се стишија и бараат тоа да биде и нивни успех,  а цело време работеа до тоа да не дојде .

Популизмот цвета како вирусот

По најновиот бран на мигранти кои ја уплашија Европа по судирите на турско грчката граница реална е проценката дека цунами од страдалници може да стаса на македонско грчката граница доколку брзо не се најде решение. Само илјада  мигранти низ Македонија дури и како транзит ќе биде повод за политичка злоупотреба која може да има пресудна улога на изборните резултати што изборите ќе ги прави неверодостојни. Додека пак поворка од повеќе илјади бегалци на границата и судири со полицијата слични на оние на границата меѓу Грција и Турција би означил триумф на македонската Златна зора.

Претходни колумни од авторот:

Ќе му ја скинеме ли главата на петелот?Џуџето од Кичево стана џинот на ВМРО ДПМНЕ

Феноменот Заев

Кој ќе биде последната жртва на груевизмот
Третата опасност- коронавирусот веќе ги донесе поените на десничарските лидери во повеќе земји меѓу кои и во Франција, во Италија и во Шпанија, а да не зборуваме за авторитарните лидери во државите на централна и југоусточна Европа. Од Европскиот парламент силно одекна реченицата дека "популизмот би можел да цвета додека се шири корона вирусот". И во Македонија  вирусот стана политичка предизборна тема број еден. Замислете изборниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ откри дека заразната болест во земјата намерно ја внесуваат сдсмовци за да се спасат од поразот.

Во деновите кога кај нас немаше ниту еден заболен, Христијан Мицкоски ја откри примамливоста вирусот да се внесе во изборите, па не  предупреди со легендарната реченица дека неговите политички противници молат бога да стаса корона вирусот за да се одложат изборите.  Каков е тој ум кој може да смисли вакво нешто? Таа ужасна манипулација може и да се оствари како вистина ако земјата ја зафати пандемија од корона вирусот кој не бира нација, вера и партија. Не знам што би правел тогаш Мицкоски со победата дури и да е имун на вируси.

Медицински и научни  светски авторитети тврдат дека коронавирусот може да биде еден од најзначајните настани во светот во наредната деценија со несогледливи последици кои ќе предизвикаат големи промени во животот на луѓето и во односите меѓу земјите и во светската економија. Да се калкулира оваа глобална опасност по здравјето и животот на луѓето  во битките за власт е дно на дното. Од ова подоле чинам нема.