„Тритон“- спас за бегалците?
16 ноември 2014Најважниот елемент за спасувањето на море не се бродовите, туку два авиона на крајбрежната стража кои можат да ја надгледуваат областа од Лампедуза и Малта до Либија. Еден од авионите, кој е опремен со чувствителни радари и камери, е од Финска. „Бродовите во овој регион обично се полни со бегалци. Веднаш се гледа дека палубата е полна со луѓе. Рибарските бродови се натоварени со рибарска опрема, мрежи и слични работи“, вели пилотот Лаури Пакала. Тој информациите кои ги собира при извидувањата ги праќа во централната италијанска крајбрежна стража во Рим која одлучува за тоа на кои бродови им е потребно спасување, а на кои не.
Успехот на „Маре Нострум“
Италија паралелно со европската операција „Тритон“ и натаму во меѓународните води спроведува сопствена спасувачка мисија со име „Маре Нострум“. Италијанската влада, меѓутоа, планира да ја заврши бидејќи е прескапа. „Тритон“ со два авиона, еден хеликоптер и шест бродови нема да може да го прави она што веќе една година го прави италијанската морнарица. Имено, таа од Средоземното море извлече над 100.000 бегалци. Изабела Купер, портпарол на Европската агенција за оперативна соработка на надворешните граници на членките на ЕУ (Фронтекс), вели дека „Тритон“ е само додадок: „Улогата на Фронтекс не е да ги замени граничните контроли во Италија или во некоја од другите членки на ЕУ. На земјите кои се особено оптоварени им ставаме на располагање само дополнителни технички апарати или персонал за да можат да ја контролираат границата.“ Новата мисија „Тритон“ ќе остане под италијанска команда. Италија и натаму мора да организира и да наредува спасувања во своите води. „Постојат меѓународни закони според кои постои обврска за спасување на сите оние кои се на море“, укажува Купер.
„2014 - најлоша година“
Германскиот министер за внатрешни работи Томас де Мезие тврди дека организираното спасување само ги охрабрува бегалците на опасно патување. Таквите ставови за многу офицери на бродот „Виана до Кастело“ се неразбирливи. „2014. година беше драматична“, вели Изабела Купер. Таа додава дека никогаш немало толку бегалци, и онакви кои смртно страдале и оние кои се спасени. За зголемениот број бегалци пред се’ е одговорна драматичната ситуација во Сирија, Еритреја, Конго или Судан. „Ситуацијата е многу тешка. Важен негативен фактор е ситуацијата во Либија. Тоа е пропадната држава во која нема полиција и правосудство кои би можле да ги запрат криумчарите и трговците на луѓе“, вели порпаролката на Фронтекс.
Пилотот Лаури Пакала вели оти за време на извидувањата не се доближува премногу до бродовите на кои има бегалци. Искуствата од досегашните акции му покажаа дека бегалците во такви ситуации понекогаш прават нешто што ги доведува во поголема опасност. „Во вода фрлаат опрема или апарати за навигација. Мислат дека ќе бидат спасени ако се навистина во неволја. Кога ќе видат авион, прават се’ за да бидат спасени“, објаснува Пакала.
Европската унија постојано се жали дека во Либија поради нефункционирањето на правосудството и слабите државни структури е тешко да се направи што било против трговците со луѓе. Сега почнува условно кажано „зимската сезона“ во која вообичано помалку луѓе издвојуваат по неколку илјади евра за опасна пловидба. Изабела Купер, портпаролка на Фронтекс на италијанскиот остров Лампедуза, се надева дека криумчарите нема да успеат да ги убедат оние кои не можат да ги издржат лошите временски услови сепак да се качат на бродовите за бегалци.