Триумфот на Бориќ е голема шанса за чилеанската левица
20 декември 2021Надежта го победи стравот од неизвесност. И тоа со импресивен резултат. Со победата на Габриел Бориќво вториот круг од претседателските избори се отвора пат за структурни промени и воведување праведен општествен модел во Чиле.
Големо изненадување е убедливата победа на Бориќ со предност од над 11%. Ова не е тесен изборен резултат, туку јасна порака од гласачите, каде се вброија и голем дел од гласачите од центарот откако по првиот круг нивниот кандидат испадна од трката. Победата беше толку јасна, што десничарскиот популист Хозе Антонио Каст го призна поразот уште кога беа избројани едвај 50% од гласовите. Добар знак за времето што претстои.
Високиот одзив дава и поголем легитимитет
Уште еден добар знак е големата излезност, што на идната влада ѝ дава поголем легитимитет и широка база. Во добар демократски манир, покрај противкандидатот кој загуби, победата на Бориќ му ја честиташе и претседателот во заминување Себастијан Пињера и му посака многу успех.
Тонот од изборната вечер, која стана своевидно славење на демократијата, беше навистина различен од предизборната кампања. Да се надеваме дека тоа нема да се промени во следниве месеци, кога новата влада ќе започне со работата која воопшто нема да биде лесна. Младиот Габриел Бориќ, кој има само 35 години, презема голем товар – на неговите плеќи сега тежи одговорноста да ја поведе земјата во нов правец на солидарност и интеграција која треба да се отслика во држава ориентирана кон благосостојба. Притоа, тој мора да биде сигурен дека неговиот „реформски воз“ нема да излета од шините поради преголема брзина.
Тој мора да се спротивстави на поривите на традиционалните елити кои ќе сакаат да си ги задржат своите привилегии, истовремено соочен со притисокот од неговиот табор кој ќе бара брзи резултати. Тој ќе мора да ги убеди луѓето дека трпението е доблест кога се има јасна цел и јасно дефиниран пат. Претприемачите ќе мора да ги убеди дека е во нивен интерес и тие да се качат на овој воз полн со можности, затоа што најдобро опкружување за економијата е земја со социјален мир без кој стабилноста е само илузорна. Тоа е една од научените лекции од протестите од октомври 2019.
Образование и здравствена нега за сите не се утопија
Бориќ и чилеанската левица имаат единствена шанса да покажат дека ветувањето за напредок не е исклучиво наследство од екстремниот неолиберализам што исклучува многумина коишто не можат да фатат чекор. Ова е шанса да покажат дека и во Латинска Америка е можно да се намалат социоекономските разлики без економијата да се вовлече во бездна и да ги побие сите оние кои секој повик за социјална правда го нарекуваат левичарски екстрем. Желбата за висококвалитетно образование достапно за сите не е утопија. Ниту е тоа здравствен систем втемелен на солидарност, во кој оние кои имаат повеќе треба да им помогнат на послабите. Во многу европски земји ова се подразбира, а во ниту една од нив не владеат ултралевичарски влади.
На регионално ниво главна задача на чилеанската левица е да се избркаат „страшилата” од диктатури како Куба, Венецуела и Никарагва, кои лебдат низ Латинска Америка.
Неопходни се дијалог и разбирање
Предизвиците се многустрани и комплексни. Но, вреди сериозно да се проба со умерен и прагматичен пристап, бидејќи е дојдено време да се поверува дека изборот не е сведен единствено на - неолиберализам или пропаст. Една од доблестите кои му се припишуваат на Бориќ е способноста за дијалог и настојувањето да се најде разбирање. На Конгрес каде распределбата на силите е различно поставена, таа способност и ќе му биде нужно потребна.
Но, и чилеанската десница мора да сфати дека не може да се изземе од проектот за создавање поправедна чилеанска држава, која нема да се води од незауздани амбиции за остварување профит. На земјата ѝ е потребен нов социјален фокус за да може врз основа на нов Устав, кој сега е во подготовка, сигурно да чекори кон иднината. Првите месеци на новата влада ќе бидат пресудни за создавање клима на доверба која е нужно неопходна за успех на процесот на носење нов Устав. Така надежта ќе може и натаму да се наметне над стравот и несигурноста.