Три години затвор за Мијалков
8 март 2019„Ако одлучи Апелација, јас ќе ја одлежам казната“, изјави денеска по соопштувањето на пресудата за случајот „Титаник 2“ екс шефот на тајната полиција Сашо Мијалков, кој беше осуден на три години затвор. Мијалков, кому судот му одреди и мерка притвор по изрекувањето на пресудата, уште нагласи дека „со бегање не се решаваат проблемите“ и дека бегањето не е „стил на моето живеење“.
Покрај Мијалков, мерка притвор по пресудата му беше изречена и на поранешниот член на ДИК, Бедредин Ибраими, кој доби казна затвор во траење од 4 години и шест месеци.
Лидерот на ДПА, Мендух Тачи, кој денеска не беше присутен на изрекувањето на пресудата, доби казна затвор од 3 години и два месеца. Тој заедно со останатите тројца обвинети поранешни членови на ДИК, Сашо Срцев, Влатко Сајковски и Анета Стефановска, казнети со по три години затвор, треба да се јавува еднаш неделно во судот.
Обвинетите имаат право на жалба. Судијата Огнен Ставрев при изрекувањето на пресудата нагласи дека „никој нема право да ја узурпира правната држава за интереси на поединци и групи”. Според судијата, обвинетите ги сториле кривичните дела со умисла, со што била нанесена е штета врз изборната волја на граѓаните на локалните избори во 2013 година.