1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Борба за надмоќ врз грбот на бегалците

Миодраг Шориќ
8 октомври 2019

Официјално се вели дека САД се налутени поради намерите на Турција за офанзива во северна Сирија. Притоа, желбата на турскиот претседател Ердоган е во интерес на Доналд Трамп, оценува Миодраг Шориќ.

https://p.dw.com/p/3Qs7K
Nordsyrien l USA und Türkei starten gemeinsame Patrouillen
Американски војник кој е дел од заедничка патрола со турските војници во сириското село ал-Хашиша, долж границата со Турција (08.09.2019) Фотографија: Getty Images/AFP/D. Souleiman

Претседателот Трамп никогаш не криел дека сака да врати дома голем дел од американските трупи во странство. Сега Белата куќа најави повлекување на многу војници од северна Сирија. Со тоа, Вашингтон ги остава на цедило своите досегашни курдски сојузници во борбата против исламистите. Многумина ова би го оцениле како цинична реалполитика. Трамп укажува на желбата на избирачите: Американците се уморни од војни. Тие речиси и не гледаат напредок во конфликтите на Блискиот и на Средниот Исток. Со тоа нека се мачат други!

Ветрот во Турција се промени

На пример Турците, кои се пред влез во северна Сирија. Претседателот Ердоган со месеци е изложен на внатрешнополитички притисок. Неговата партија на последнте локални избори претпре горчливи порази. Меѓу другото и поради тоа што неговите политички противници ветуваа дека ќе се зафатат со „сирискиот бегалски проблем“. Во Турција има околу четири милиони сириски бегалци. По осум години, повеќето од нив се сместија во новата средина. Многу нивни деца одат во турските училишта, семејствата се згрижени здравствено и социјално. Анкара на ова поле постигнува многу. Меѓутоа, во меѓувреме се врти политичкиот ветер. Стотиците илјади Сиријци ги истиснуваат турските работници. Тоа води до конфликти, особено сега, во економски тешки времиња. Политичарите кои сакаат да добијат поени и да бидат во подобра позиција од противниците бараат враќање на Сиријците во нивната татковина.

Soric Miodrag Kommentarbild App
Миодраг Шориќ

Еден од нив е Ердоган. Повлекувањето на Американците за него е добредојден подарок. Така добива одврзани раце за создавање на т.н. „безбедносни зони“ на северот на Сирија, каде би биле протерувани сириските бегалци. Истивремено, Ердогановата армија би преземала акции против курдските борци на ИПГ, која досега таму го имаше главниот збор. Ако се вмаршира во Сирија, би се зголемило политичкото влијание на Турција во целиот регион. Ако се преговара за идниот мировен поредок, Ердоган сака покрај Русите и Иранците да има важна улога.

Реалното во оваа реалполитика на Трамп и Ердоган е тоа што таа се води врз грбот на најслабите - бегалците. Што би правеле сега тие во еден и за нив туѓ регион во Сирија, земјата со белези на војна? Од што би живееле во полууништените места без инфраструктура, без работа? Како би биле одведени таму сириските бегалци - со сила и против нивна волја? Доколку се реализираат Ердогановите планови, на регионот му се заканува нова трагедија.

Подобро да се запрат, отколку да се интегрираат

Одговорност за судбината на луѓето во регионот имаат многумина: авторитарни владетели како претседателите Асад, Путин или Рохани. Но и европски шефови на држави или влади, како на пример во Полска или Унгарија, кои отфрлаат да примат бегалци и гледата настрана додека други страдаат. И уште притоа мислат дека се многу паметни.

Но, одговорност имаат и оние европски премиери кои на Ердоган му нудат натамошни милијарди евра за да ги држи бегалците подалеку од централна Европа. Зашто за нив тоа е многу поевтино отколку да ги интергираат стотиците илјади Сиријци во развиените општества. Политички бизнис. Политика на моќ наместо морал. Да, реалполитика.