Кавги пред самитот ЕУ-Турција
26 март 2018Од денеска ќе биде подобро. Ова во најмала рака важи за временската прогноза за бугарскиот град Варна на брегот на Црното Море. Но, кога станува збор за подобрување на климата на состанокот на највисоките претставници на ЕУ и на Турција, прогнозите не се толку оптимистични.
Каков е односот меѓу партнерите? Францускиот претседател Емануел Макрон на почетокот на годината односите ги нарече „лицемерни“. Германската канцеларка Ангела Меркел минатата недела во обраќањето пред пратениците во Бундестагот, невообичаено јасно ги критикуваше турските воени операции во сириските подрачја каде живеат Курди. Турција остро реагираше. Чудно е што „некои наши сојузници на ситуацијата гледаат со очите на терористите“, се наведува во соопштението на турското Министерство за надворешни работи.
Во меѓувреме, земјите-членки на ЕУ своето незадоволство го преточија во јасно соопштение, објавено во Брисел непосредно пред почетокот на самитот. „Европскиот совет ги осудува континуираните противзаконски акции на Турција во источниот дел од Средоземјето и Егејот“, се вели во него. Исто така се осудува тоа што во турските затвори се наоѓаат државјани од членките на ЕУ.
Повеќе од недоразбирање
Потреба од меѓусебни разговори постои. Во Бугарија, покрај другите, доаѓаат претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. Турската делегација со себе во Бугарија носи голема палета спорни прашања, како замрзнатите преговори за пристап на Турција кон ЕУ, визни олеснувања за турските граѓани и секако - следните три милијарди евра од Договорот за бегалците.
Германската канцеларка минатата недела рече дека стои зад Договорот и „секогаш ќе го брани“. Договорот е можеби една од причините со кои може да се објасни зошто ЕУ, а посебно Германија, воздржано реагираат на турските воени операции со кои очигледно се кршат човекови права. Зашто, ако се почувствува изиграна, Турција би можела повторно да ги отвори границите и да ги пропушти бегалците, што за ЕУ би имало непредвидливи последици.
Повеќе:
Доста е играње жмурка со Турција
Потпретседателката на пратеничката група на Левицата во Бундестагот, Севим Дагделен, вели дека тоа се само приказни за да не се врши притисок врз Турција. „ЕУ не смее да дозволи да биде уценувана. Унијата е неверодостојна ако се залага за почитување на вредности, а освен соопштенија и декларации, ништо не презема“. Дагделен смета дека самитот не треба да се одржи. Нејзината претпоставка е дека вистинска причина за европската толеранција е - во никој случај да не се загуби Турција како НАТО-партнер.
Кој е во подобра позиција?
„Неточно е дека на Европејците им се врзани рацете во однос на Турција“, тврди Асли Ајдинташбаш, експертка за Турција во Европскиот совет за меѓународни односи.
Постојат низа показатели дека ЕУ би можела да преземе важни чекори кон Турција, само ако би сакала. Зашто, Турција во голема мера зависи од добрите економски врски со Европа, првенствено со Германија. „Кога Анкара е поостра кон Берлин, паѓаат вредностите на акциите и курсот на турската валута“, вели Ајдинташбаш.
Повеќе од една шестина од турскиот извоз се остварува во Германија, која со години е најважен купувач на турските стоки. Покрај тоа, егзистира и голема финансиска корист од турската дијаспора. Според наводите на Бундесбанката, годишно од Германија во Турција се испраќаат преку 800 милиони евра.
Ајдинташбаш смета оти Германија нема вистинска идеја што да преземе со својата сила и способност: „Кај билатералните работи, таа знае тоа да го искористи, како во случајот со уапсениот новинар Дениз Јуџел. Меѓутоа, изгледа како да не сака да оди подалеку.“