1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Украина оди со забрзано темпо кон статус на кандидат за ЕУ?

Хелга Шмит | АРД
15 јуни 2022

Пред одлуката по барањето на Украина за интеграција во ЕУ, ставовите на земјите од Унијата многу се разликуваат. Во времe на мир, Украина не би имала шанса за членство во ЕУ.

https://p.dw.com/p/4Cj7U
Ukraine Kiew | Ursula von der Leyen, EU-Kommissionspräsidentin & Wolodymyr Selenskyj, Präsident
Претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен и украинскиот претседател Володимир Зеленски на прес-конференција во Киев, 11.06.2022Фотографија: Sergei Supinsky/AFP/Getty Images

Работите сега би можеле да одат многу брзо. Во Брисел се очекува Европската комисија веќе оваа недела да ја даде својата оценка за апликацијата на Украина за членство. Претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен, во текот на изминатиот викенд отпатува за Киев за да ги разјасни отворените прашања.

Таа го пофали напредокот на владата, но виде и потреба од реформи во областа на владеењето на правото и борбата против корупцијата. Дури и ако препораката на Комисијата е позитивна, одлуката ја носат шефовите на држави или влади. Барањето на Украина ќе биде разгледано на ЕУ-самитот за една недела.

Украинците на промотивна турнеја

Тогаш е потребна едногласна одлука. Со оглед на тоа што секој глас е важен, Володимир Зеленски ги испрати своите најблиски соработници  на промотивна турнеја во главните градови на Европа.

Во Европскиот парламент во Стразбур, минатата недела, претседателот на украинскиот парламент Руслан Стефанчук рече дека неговото патување низ Европа има јасна цел: „Потребен ни е статус на кандидат! Тоа нашиот народ мора да го слушне од ЕУ, како порака дека она што го правиме не е залудно.“

По неговиот говор, пратениците од речиси сите пратенички групи се втурнаа кон него, сите сакаа селфи со Стефанчук. Европратениците ја поддржуваат Украина. Комисијата, исто така, помогна да се пополнат потребните формулари за апликација, што, како што се вели од дипломатски кругови, е крајно невообичаено.

Frankreich Straßburg | Sitzung EU Parlament - Ruslan Stefantschuk
Стефанчук во ЕП: Потребен ни е статус на кандидатФотографија: Jean-Francois Badias/AP/picture alliance

Земјите-членки поделени по прашањето на пристапување

Во земјите-членки на ЕУ, оценките сè уште се многу различни. Додека повеќето источноевропски земји не сакаат да губат време, некои земји сметаат дека работите се движат пребрзо.

Предводник на скептиците е Емануел Макрон. Францускиот претседател не мисли дека е добра идеја да се преговара за пристап среде војна. „Дури и кога на Украина утре би ѝ дале кандидатски статус“, секој знае дека процесот трае „всушност повеќе децении“, рече Макрон во говорот за Денот на Европа на 9 мај.

Францускиот претседател одамна ги опоменува партнерите дека би било подобро да се зголеми способноста на ЕУ да дејствува, отколку таа да се подложи на нови стрес тестови преку проширувањето. Но, Макрон гледа и опасност земјите како Украина да се оддалечат без да бидат поврзани со ЕУ. Затоа тој предлага еден вид привилегирано партнерство, „европска политичка заедница“ отворена не само за Украина, туку и за Грузија, Молдавија и Западен Балкан.

Статус помеѓу внатре и надвор?

Дека Унијата треба да им понуди на многуте земји кои вршат притисок за влез во ЕУ опција надвор од полноправното членство, статус помеѓу влез и останување надвор, е нешто за што се дискутира повеќе од 20 години. Источното партнерство беше чекор во таа насока, но Макрон оди понатаму. Тој сака да им понуди на земјите значително поголемо вмрежување и соработка во областа на безбедноста, снабдувањето со енергија, транспортот, развојот на инфраструктурата и прашањето за слободата на движење на луѓето.

Таквата заедница е отворена и за земјите „кои ја напуштија ЕУ“, додаде тој попатно. Бидејќи досега само една земја ја напушти ЕУ, ова може да се сфати како боцкање на сметка на омилениот противник на Макрон, Борис Џонсон. Останатото беше сериозно. Францускиот претседател бара поддржувачи за својот план. Тој сака да добие во време и да го тргне притисокот од многу емотивната дебата за Украина како земја кандидат. Канцеларот Олаф Шолц во својата прва реакција не беше против: предлогот на Макрон, според него, е „многу интересен предлог за справување со големиот предизвик што го имаме“.

Но, што значи тоа? Дали Шолц на неговото планирано патување во Киев ќе зборува за или против кандидатскиот статус? Претседателот Зеленски има големи очекувања. Тој очекува Шолц лично да го поддржи членството на Украина во ЕУ, изјави украинскиот претседател за ЗДФ.

Selenskyj im ZDF-Interview
Зеленски во интервју за ЗДФ рече дека очекува Шолц лично да го поддржи членството на Украина во ЕУФотографија: ZDF

Лидерот на германската СПД, Ларс Клингбајл, на разговорите во Брисел на почетокот од неделава, не сакаше да предвидува како ќе одлучи канцеларот. Како лидер на СПД, Клингбајл, пак, беше појасен: „Ние ги сакаме во Европската унија“. Украина се бори за европските вредности, оценува Клингбајл, и затоа е добро сега да ѝ се покаже патот кон Унијата. Сепак, Клингбајл истакна и дека мора да се почитуваат критериумите од Копенхаген, кои „никогаш не смеат да бидат поткопани“.

Критериумите од Копенхаген од 1993 година се услови за билет за влез во ЕУ. Функционална правна држава со заштита на малцинствата, транспарентна пазарна економија - дури и земјите кои сакаат да станат кандидати за пристап, мора да имаат основи за тоа. Меѓутоа, од гледна точка на повеќе ЕУ-членки, Украина е многу далеку од тоа.

„Корупција на највисоко ниво“

Пред војната, земјата беше многу долу на листата за корупција на Транспаренси интернешнал - 122-та од 180 земји. Списокот го одразува степенот на корупција што го перципираат граѓаните и важи како реакција на големите размери на олигархиската економија.

Во„Пандора пејперс“, документи од истражување со протечени податоци од даночните оази ширум светот, вклучуваат многу Украинци, меѓу нив и претседателот Зеленски и неговите соборци со компании „поштенски сандачиња“. На крајот на 2021 година, европските ревизори објавија посебен извештај со катастрофални заклучоци. ЕУ ја поддржува Украина 20 години. Само од 2014 година досега се дадени 15 милијарди евра за да се спроведат политички реформи. Но, влијанието на олигарсите и корумпираните државни функционери не се намалува. Помошта од ЕУ е едноставно „неефикасна против корупцијата на највисоко ниво“, се вели меѓу другото во извештајот.

Infografik Pandora-Papers Karte EN

Некои земји не се придржуваат до правилата

Холандскиот премиер Марк Руте е еден од оние кои критички гледаат на проблемите со корупцијата и владеењето на правото. Руте не сака „скратени патеки“ на патот до полноправно членство. И други се сеќаваат дека при последното проширување на исток беа примени земји, како Бугарија, кои не ги исполнуваат критериумите, или како Унгарија, кои користат ЕУ-пари за лично богатење на владејачката политичка класа.

Во времиња на мир Украина не имала шанса да стане кандидат за членство во ЕУ. Но, војната ги промени работите. Земјата се бори за преживување како нација - кој од шефовите на држави или влади ќе се постави против доделување на статус на кандидат во ваква ситуација? Прашањето ќе биде поставено за една недела, на самитот на ЕУ во Брисел.