Украина очекува позитивен сигнал од Букурешт
1 април 2008Џорџ Буш направи се за да ја обезбеди благонаклонетоста на домаќините. Тој најнапред на почесната гарда а потоа и на новинарите им се обрати на украински.
САД го подржува членството на Украина во Акциониот план на НАТО
На средбата со украинскиот претседател Виктор Јушченко , се говореше за основната тема- можното натамошно приближување на Украина кон НАТО. На заедничката прес-конференција Буш истакна дека ќе стори се за прием на Украина во Акциониот план на НАТО, кое важи за предворје кон полноправното членство :
„Во Букурешт неделава ќе продолжам да ја истакнувам јасната позиција на Америка . Ние го подржуваме членството на Украина и Грузија во Акциониот план на НАТО“ .
На новинарските прашања , како планираат двајцата претседатели да се справат со скептичните НАТО-членки како Германија и Франција , украинскиот претседател одговори:
„ Сигурен сум дека ќе добиеме позитивен сигнал во Букурешт. Патуваме таму токму со вакво расположение. Имаме доволно аргументи за да ги убедиме државите кои се сомневаат во нас“ .
Јушченко и Буш сметаат дека натамошната успешна демократизација на Украина зависи од приемот на земјата во Акциониот план на НАТО. Тоа имено овозможува строги контроли од надвор , но и преку невладините организации. Притисокот врз украинската влада да започне со реформи значително ќе порасне.
НАТО-амбициите на Киев не се насочени против Русија
Осврнувајќи се на руските закани за негативни економски и воени консеквенци од приближувањето на Украина до НАТО , Јушченко истакна уште еднаш, дека тоа не е насочено против никого во што значи ни против Русија:
„Станува збор за национални интереси. Кога ќе се погледне историјата на Украина , која е исполнета со трагедии , може да се извлече конечен заклучок: Нам ни е потребен колективен безбедносен систем , колективна одговорност и меѓународни гаранции“ -истакна Јушченко.
Џорџ Буш уште еднаш и вети на Москва дека спорниот систем за заштита од ракетни напади , што САД планираат да го инсталираат во Источна Европа не е насочен кон Русија:
„ Јас недвосмислено јасно му укажав на претседателот Путин дека ракетниот систем не е наменет за заштита од Русија . Конечно Русија би можела лесно да го совлада , тој одбранбен систем што сме го предвиделе“ -порача Буш.