1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ФАЦ: Подобри ЕУ-шанси за Северна Македонија

ЕМФ
31 август 2019

Весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ во својот денешен текст за состанокот на шефовите на дипломатии на ЕУ во Хелсинки се осврнува на македонските шанси за датум за преговори со Унијата.

https://p.dw.com/p/3OnHA
Belgien Die mazedonische Fahne am EU-Parlament
Фотографија: DW/M. Maksimovic

„Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика Федерика Могерини, очигледно смета дека шансите во октомври да биде донесена одлука за почеток на преговори за приклучување со Албанија и Северна Македонија се подобрени“, оценува уште во првата реченица од текстот посветен на средбата на шефовите на дипломатии на ЕУ во Хелсинки весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.

Натаму се вели:

„По средбата на ЕУ-министрите за надворешни работи со нивните колеги од двете земји (Северна Македонија и Албанија, н.з.), како и од Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора и Србија во Хелсинки, Могерини во петокот изјави дека значењето на проширувањето на ЕУ дошло до израз уште повеќе отколку досега. Одлука за почеток на преговори за приклучување со Северна Македонија и Албанија досега нема поради задршките на Франција, Данска и Холандија. Додека Париз укажува на неопходноста ЕУ прво да се зајакне, а потоа да се проширува, во Ден Хаг и во Копенхаген постои загриженост поради состојбата на реформскиот процес во Албанија. Оттука, не се исклучува ЕУ прво да донесе одлука за почеток на преговори со Северна Македонија.“

Повеќе: Германија бара брз старт на пристапните преговори со С. Македонија

Цитирајќи го шефот на германската дипломатија Хајко Мас дека тој „во овој момент не гледа неопходност за водење одвоена дебата за земјите“, ФАЦ пишува дека Мас „се заложи за одлука во наредните недели“. Освен тоа, весникот пренесува и дека финскиот министер за надворешни работи, Пека Хависто, чија земја сега претседава со Советот на ЕУ, го предупредил Мас оти доколу ЕУ одолговлекува „други држави би се обиделе натамошно да го зголемуваат своето влијание на Балканот“.