1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Трета доза од вакцината на Бионтек и Фајзер?

дпа | ЕМФ
9 јули 2021

Производителите на вакцини Бионтек и Фајзер сакаат да поднесат барање за дозвола за трета доза од нивната вакцина против Ковид-19.

https://p.dw.com/p/3wFgj
BioNTech COVID-19 Impfstoff
Фотографија: Douglas R. Clifford/Tampa Bay Times/ZUMA/picture alliance

„Од податоците кои ги собра израелскиот Министерство за здравство и практиката стана јасно дека опаѓа заштитата што ја дава вакцината од инфекции и симптоматски заболувања шест месеци по втората доза“, соопштија производителите. Врз основа на податоците со кои се располага досега веројатно е „дека ќе биде потребна трета доза по шест до дванаесет месеци по целосното вакцинирање“, се вели во соопштението.

Бионтек и Фајзер „во наредните недели“ ќе ги поднесат податоците до Американската агенција за лекови ФДА и Европската агенција за лекови ЕМА, како и до други надлежни тела.

Непосредно по соопштението на Фајзер и Бионтек, американските медиуми го пренесоа соопштението од ФДА и американскиот центар за контрола и превенција на болести ЦДЦ дека на Американците кои се целосно вакцинирани во моментов не им е потребна трета доза, но доколку научните сознанија покажат дека таа е неопходна, тогаш тие се подготвени за тоа. Како што се вели, овој проблем се истражува, но американските здравствени власти притоа не се потпираат само на податоци од фармацевтските компании.