1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Опаѓа бројот на заразени пред почетокот на школската година

ДТЗ
31 август 2021

Кризните штабови во Струга и Кичево побараа наставата да се одложи или да се одржува онлајн, но ваквото барање не е прифатено. Школската година започнува според планот.

https://p.dw.com/p/3zirq
Nord-Mazedonien: Venko Filipce, Gesundheitsminister
Фотографија: Regierung Nordmazedonien

Сите анализи укажуваат дека училишната година треба да почне со физичко присуство. Бројот на новозаразени со Ковид - 19 на дневно ниво стагнира, со што учебната година може да почне на 1 септември, со почитување на протоколите, порача министерот за здравство, Венко Филипче. Тој информираше дека денеска бројот на новозаразени е под 900 лица. 

Според министерот, протоколите за учениците се изработени и има можност децата со хронични болести онлајн да следат настава, со што ќе се заштити ранливата категорија граѓани од зараза со корон вирус. Единствениот начин да им се помогне на децата е да се вакцинираат возрасните, за да се заштитат родителите и постарите лица, укажува Филипче. Доколку се појави позитивен случај во училиште, епидемиолозите ќе проценат дали паралелката ќе треба да се префрли на онлајн настава или наставата да се изведува комбинирано. 

-повеќе на темата: Учебна година: Имате 36.9? Среќен почеток!

Тестирање на децата, кое е препорачано од СЗО и УНИЦЕФ, засега нема да има. Но, ако има индикација за тоа, ќе се направи рапид тестирање на учениците. 

Струга и Кичево бараат онлајн настава

Во меѓувреме, Кризните штабови во Струга и Кичево побараа наставата да се одложи или да се одржува онлајн поради опасноста од ширењето на Ковид-19. Комисијата за заразни болести ги разгледала барањата за одложување на учебната година, но заклучила дека нема потреба од тоа. По оваа одлука, во Струга и во Кичево, може да започне наставата во училиштатa. 

Министерката за образование и наука Мила Царовска вчера истакна дека нема дискусии за менување на моделот на наставата за кој одлучува Комисијата за заразни болести. Исклучок е направен по однос на барањето на  локалниот Координативен штаб на Тетово за преминување на онлајн настава за првите две недели од учебната година во тамошните средни училишта поради епидемиолошката состојба.

-повеќе на темата: Пандемијата ги направи децата тажни и осамени - им недостасува дружба и училиштето

Од Mинистерството за здравство апелираат за масовна вакцинација, особено на родителите чии деца ќе тргнат на училиште и во градинка, како би се заштитиле семејствата. Воедно се посочува дека во случај на влошување на епидемиолошката состојба, МОН по проценка на Комисијата за заразни болести, за реализација на наставата има две резервни сценарија со кои ќе се заштити и зачува здравјето на учениците и наставниот кадар како приоритет, притоа одржувајќи го континуитетот на образованиот процес.