Фирми му вртат грб на Фејсбук - претрес во Кембриџ Аналитика
24 март 2018За Фејсбук станува сѐ понепријатно. Претпријатието за вселенски летови СпејсХ и производителот на електромобили Тесла ги замрзнаа своите акаунти на Фејсбук. Тоа претходно преку Твитер го најави милијардерот Eлон Маск, кој го има главниот збор во овие две фирми, од кои секоја на Фејсбук има по 2,6 милиони симпатизери.
По скандалот со злоупотреба на податоци на корисниците на социјалната мрежа, реагираа веќе и Комерцбанк и интернет-претпријатието Мозила, запирајќи ги своите реклами на Фејсбук.
Пред неколку дена излезе на виделина дека информации на 50 милиони корисници на Фејсбук нелегално биле употребени од страна на британската фирма Кембриџ Аналитика.
Основачот и шеф на Фејсбук Марк Закерберг дури по неколку дена го прекина молкот околу скандалот и призна дека е направена грешка и се извини: „Ова е голем удар за довербата, навистина жалам што тоа се случи“, изјави тој во интервју за СиЕнЕн.
Високорангирани политичари од САД официјално побараа Закерберг да дојде на сослушување пред надлежна комисија на Конгресот во Вашингтон.
Претрес во Кембриџ Аналитика
Во меѓувреме британски суд наредил претрес на централата на советодавната фирма Кембриџ Аналитика во Лондон. 18 соработници на британските истражни органи синоќа извршиле претрес на канцелариите на претпријатието, како што јавуваат британските медиуми.
Повеќе:
Скандалот со Кембриџ Аналитика го чини Фејсбук 40 милијарди долари
Закерберг на удар поради Кембриџ Аналитика
Кембриџ Аналитика е позната како фирмата која со своите услуги наводно му помогнала во победата на Доналд Трамп на американските претседателски избори во 2016. година. Претпријатието се сомничи дека милиони корисници на Фејсбук во САД целно „бомбардирала“ со недозволени политички реклами во корист на сегашниот претседател, употребувајќи ги притоа незаконски собраните податоци од Фејсбук. Кембриџ Аналитика, пред претресот, одбила да одговори на барањето на британските власти за доставување на одредени податоци.
Посебно пикантно е на каков начин изби скандалот. Директорот на Кембриџ Аналитика, Александер Никс пред скриена камера се фалел со можноста за употреба на уценувачки методи во изборен натпревар. Неговата фирма може да испрати девојки и да компромитира одреден кандидат, му изјавил тој на репортер на британскиот Чанел 4, кој настапил лажно во улога на претставник на потенцијални богати муштерии, заинтересирани за успех на одредени кандидати на изборите во Сри Ланка. Никс беше суспендиран по скандалот.