Венеција: Aдио, крузери!
14 јули 2021
Со години во Венеција се води жолчна дебата про и контра крузерите, но сега одлуката е донесена: од 1 август огромните бродови не смеат да впловуваат во градот. Ова го соопшти министерот за инфраструктура Енрико Џовани по седницата на италијанската влада, истакнувајќи – ова е нужен потег заради заштита на природната средина, како и уметничкиот и културолошки интегритет на Венеција. Премиерот Марио Драги оцени дека станува збор за важен чекор за зачувување на лагуните во Венеција.
Крстаречките бродови со преку 25.000 тони тежина, подолги од 180 метри или повисоки од 35 метри во иднина треба да го користат индустриското пристаниште Маргера. Тоа е меѓутоа привремено решение, Венеција останува во потрага по соодветно пристаниште. Помалите крузери и натаму ќе можат да влегуваат во градот на вода.
Дебатата околу крузерите наново се разгоре во јуни, по подолгата пауза предизвикана од пандемијата на коронавирус. Претходно крузерите секоја година донесуваа милиони туристи во Венеција.
Брановите кои ги создаваат огромните пловечки колоси ги оштетуваат фундаментите на градот кој е дел од Светското културно наследство и се закана за чувствителниот еколошки баланс во лагуната. Освен тоа, бродовите кои пловат екстремно блиску до брегот, претставуваат опасност за другите бродови и чамци. Организацијата на ОН за култура, УНЕСКО, на почетокот на јуни предложи Венеција да биде ставена на листата на загрозени светски културни наследства.