Коронавирусот стигна до Монт Еверест
22 април 2021Сега пандемијата на короната стигна и до највисокиот планински врв на Земјата. Најмалку еден случај на Ковид-19 е пријавен од базниот камп на непалската јужна страна на Монт Еверест. Американското списание Оутсајд , повикувајќи се на локален извор, објави дека еден алпинист кој со хеликиптер бил пренесен од базниот камп во болница во Катманду бил позитивен на вирусот. Неговиот тим сега е во карантин во базниот. Во други извештаи се говори дури за тројца заразени алпинисти.
Близу до рекордот од 2019
Министерството за туризам на Непал сè уште не ги коментирало извештаите. Наместо тоа, властите објавија дека до средата (21 април) издале 377 дозволи за искачување на Монт Еверест. Тоа е само четири дозволи помалку отколку во рекордната 2019 година, кога метежот на Еверест се најде на насловните страници низ целиот свет.
Од избувнувањето на пандемијата на короната, во Непал се регистрирани околу 285.000 инфекции, а повеќе од 3.000 луѓе починаа од КОВИД-19. Сепак, бројот на непријавени случаи веројатно е далеку поголем, со оглед на ниските капацитети за тестирање во државата на Хималаите. Во средината на март, владата во Катманду ги ублажи ограничувањата за влез во земјата. Оттогаш, туристите треба да покажат само потврда за вакцинација или негативен ПЦР-тест, кој не е постар од три дена. Ако вториот тест на аеродромот во главниот град на Непал се покаже негативен, туристите можат слободно да се движат низ земјата.