1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хан: Бојкот на парламент во демократија е неприфатливо

Анила Шука
27 февруари 2019

Флоријан Хан, експерт за европски прашања на пратеничката група на ЦДУ во германскиот Бундестаг, во интервју за ДВ ја критикува одлуката на албанската опозиција да го напушти парламентот.

https://p.dw.com/p/3EAxn
Florian Hahn
Фотографија: picture-alliance/AA

Фактот што германската Христијанско-демократска унија (ЦДУ) на канцеларката Ангела Меркел и Демократската партија на Албанија на Љуљзим Баша се сестрински партии не го спречува Хан жестоко да го критикува однесувањето на албанската опозиција. За разлика од другите водечки германски политичари, тој отворено ја поддржува промената на границите меѓу Србија и Косово, но под услов, тоа да значи меѓусебно признавање на двете држави. Со Хан разговараше Анила Шука.

ДВ: Имате ли разбирање за потегот на опозицијата во албанскиот парламент која одлучи да ги врати мандатите и да го бојкотира парламентот?

Хан: Имам разбирање за мирни демонстрации, за мирни протести, но сметам дека е погрешно токму таму каде што политичките судири во една демократија треба да се решаваат меѓу демократски избраните народни претставници - во парламентот, таа арена да се бојкотира.

Но опозицијата тврди дека не може да ја исполни својата парламентарна улога и не сака да биде само фасада на Владата која сака да ги контролира сите независни институции. Се согласувате ли со ваквиот став на опозицијата?

Добро се сеќавам кога Демократската партија беше на власт, а социјалистите го блокираа парламентот. И тогаш го критикував тоа и го сметав за погрешно. И не се работи за тоа дали демонстрациите се лоши или дали некој не треба да се спротивстави на работи кои ги смета за погрешни, туку дека парламентот како јадро на демократскиот систем во ниту еден случај не смее да се игнорира или бојкотира.

 Што би препорачале вие сега. Што да се прави?

Мојата препорака е да не се бојкотира парламентот, и препорачувам што побрзо да се напушти овој пат и повторно да се воспостави парламентарна расправа, како што предвидува демократијата.

Дали нови избори би биле решение?

Што ќе научат партиите од тоа? Доколку организирате нови избори, иако тоа Уставот не го предвидел, и дојде до смена на власта, што од тоа учи партијата во опозиција? Дека преку бојкотирање на системот и враќање на мандатите може да дојде до нови избори. Прашањето е, каде сака да оди Албанија? Сака ли Албанија да биде стабилна демократска држава, и дел од ЕУ? Во таков случај е важно опозицијата критички да ги опсервира различните реформски процеси. Но, бојкотот не е добар чекор за да се поддржи патот на Албанија кон ЕУ.

Albanien Anti Regierungsproteste
Протести во Тирана, 26.02.2019Фотографија: DW/A. Ruci

ЦДУ минатата година постави неколку услови за почеток на преговорите на Албанија со ЕУ. Има ли напредок во нивното исполнување?

Во многу точки гледаме премал напредок, во други поголемо придвижување и подобрување, на пример, во процедурите за контрола. Но актуелната ситуација, особено бојкотот на парламентот, се едно драматично назадување.

Но тоа е дело на опозицијата. Како ги оценувате реформите на Владата?

Ја гледаме Албанија како една целина. За нас е важно, колку што сакаме да ја видиме Албанија како дел од ЕУ, уште поголем е нашиот интерес, во ЕУ да имаме една Албанија која е стабилна и која ги споделува нашите демократски вредности. И во тој дел остануваат многу отворени прашања.

Француската министерка за Европа (Натали Лоазо) дека не е време за проширување на ЕУ, и дека ЕУ прво треба да се реформира, пред да дојде до натамошно ширење. Дали е тоа нова кочница за Западниот Балкан?

Не знам што кажала француската министерка. Но одлучувачки ќе биде Извештајот за напредокот. Тој ќе биде објавен на 29 мај и врз основа на тој извештај и на актуелните случувања на Западниот Балкан ние во германскиот парламент ќе одлучуваме.

Што мислите за идеите за промена на границите кои провејуваат во актуелните преговори за нормализација на односите помеѓу Србија и Косово?

Со промената на границите треба да се биде многу претпазлив, но јас лично, и тоа е мое лично мислење, сметам дека доколку две суверени држави се согласат околу тоа меѓусебно да си ги изменат заедничките граници и доколку тоа го прават од име на своите земји, тогаш, тоа мора да се прифати, односно мора да биде прифатено од меѓународната заедница.

Значи Вие имате различно мислење од Вашите партиски колеги?

Тоа е мое лично мислење. Ќе повторам: доколку две суверени држави меѓусебе така се договорат, и можат да преземат одговорност за своите земји, тогаш меѓународната заедница тоа мора да го прифати.

Има ли опасност од отворање на Пандорината кутија во регионот на овој начин?

Ние сакаме со тоа да биде поврзано меѓусебното признавање и суверенитетот на двете држави. Доколку тоа е вклучено и доколку и други земји се согласат со тоа, тогаш сметам дека не треба да се отфрла.