1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хрватска огорчена поради арбитражната пресуда

Среќко Матиќ
30 јуни 2017

На Словенија ѝ припадна поголемиот дел од Пиранскиот Залив, а доби и пристап до отворено море. Ова е одлуката на Постојаниот арбитражен суд во Хаг, која Хрватска однапред ја отфрли.

https://p.dw.com/p/2ffrh
Grenzstreit zwischen Slowenien und Kroatien
Фотографија: picture-alliance/dpa/T. Brey

Ретко некој во Хрватска не го помина вчерашното попладне пред ТВ-екранот, следејќи го двочасовниот пренос од читањето на пресудата на Постојаниот арбитражен суд во Хаг, пред кој Хрватска и Словенија, како што би рекле многумина, под притисок од Брисел, од 2009. година се обидуваат да го решат спорот околу границите. „Нашите луѓе сакаат политички возбуди, сакаат кавги и адреналин, како народ ја имаме таа каректерна црта да уживаме во судири и докажување кој е во право. Затоа и политичката сцена ни е таква каква што е“, вака политичкиот аналитичар Мате Мијиќ за Дојче веле го коментира интересот кој го побуди пресудата, за која сите тврдеа дека не ги интересира.

Имено, Хрватска се откажа од оваа арбитража во 2015. година и тоа по објавувањето на снимките од разговорот на словенечкиот член на Арбитражниот суд во Хаг, Јернеј Соколац и словенечката застапничка пред судот, Симона Дреник. Одлуката е веќе донесена, беше заклучокот тогаш според снимките, а за доставување тајни информации на Словенците, беа осомничени претседателот на судот, Жилбер Гијоме и германскиот член на судот, Бруно Зим.

Хрватска се повика на членот 60 од Виенската конвенција, која допушта раскинување на спогодба во случај на нејзина „тешка повреда“, па без оглед на заминувањето на словенечкиот судија и словенечката застапничка, тогашниот премиер Зоран Милановиќ објави дека Хрватска ја напушта борбата, заработувајќи малку углед кај граѓаните, кои Словенија ја доживуваат како мал досаден сосед. Сепак, Арбитражниот суд се прогласи надлежен за овој спор, а самата постапка продолжи, на противење на Загреб.

Deutschland Berlin Auswärtiges Amt
Официјален Берлин бара почитување на Арбитражниот суд Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Becker

Опомена од Берлин

Одбивањето на спроведување на пресудата не значи негирање на меѓународото право, порача премиерот Андреј Пленковиќ само неколку часа пред нејзиното изрекување. Хрватска не ги прифаќа оние процеси во кои веќе нема елементарни претпоставки за нивно коректно водење, додаде тој. Токму што премиерот го изјави тоа, германската влада сугерираше дека во неговите зборови гледа напад врз меѓународното право. „Со оглед на спогодбата, која на 4. ноември 2009. година беше потпишана од Љубљана и од Загреб,  Берлин порачува дека, независно од содржината на одлуката, од гледиште на германската влада е важен принципот на меѓународното право и дека одлуките на арбитражните судови мора да се почитуваат и страните треба да ги имплементираат. Зачувувањето на интегритетот на меѓународното судство е во заеднички интерес на сите држави. Членките на ЕУ мора да предничат со добар пример“, се вели во соопштението. 

„Тоа писмо е некоректно, зашто постои едногласна одлука на Саборот и многу конкретни причини за повлекувањето од арбитражата. Постојат докази за нарушен интегритет на судот. Ниедна држава која се цени себе си, не би се согласила тој суд да решава за нејзиниот суверенитет и територија. Германија не се обидува да ја разбере хрватската позиција. Да се најдеше самата во ваква ситуација, не би размислувала ни момент како да постапи. Германците сакаат да доминираат со ЕУ со што помалку проблеми и ваквите билатерални прашања сакаат брзо да ги решат. Ние, како мала држава, не можеме да дозволиме да нѐ сфаќаат на толку лесен начин,“ коментира Мијиќ.

Бидејќи хрватската, а посебно политиката на ХДЗ, се поврзува со германските демохристијански партии, за оние понаивните меѓу евроскептиците, ова е прилика Пленковиќ да се дистанцира од Ангела Меркел и од Брисел со посилно покажување мускули кон Љубљана. Но, хрватскиот премиер мудро испраќа мирољубиви пораки кон словенечките колеги и повикува на договорно решавање на проблемот, кој егзистира веќе 26 години. Овој спор сигурно не е единствен од толку долгорочен карактер, зашто некои европски држави веќе со децении не можат да се договорат околу своето разграничување, па тоа не значи дека од денес словенечко-хрватските односи би требало да претрпат значителна промена. Без оглед што, според словенечките истражувања на тамошното јавно мислење, граѓаните очекуваат натамошно нарушување на односите.

Kroatien | Mate Mijic
Мате МијиќФотографија: privat

Дали Хрватска ќе тргува со ЕУ?

Попрагматичните Хрвати во оваа ситуација гледаат поповолен „трговски“ статус за државата, зашто Хрватска може признавањето на арбитражата и намалувањето на напнатоста во Унијата да го услови со преместување на дел од европската администрација од Велика Британија во Загреб. Имено, Хрватска веќе најави натпревар околу преместувањето на Агенцијата за лекови. „Не ми е сосем јасен мотивот да имаме уште повеќе администрација. Како да не ни се доволни нашите 150 агенции. Не сум поборник на доаѓањето на уште повеќе европска администрација. Сигурно дека имаме одредена трговска позиција, но сериозно би го нарушиле интегритетот на Саборот кога би ја поништиле неговата едногласна одлука. Тоа би било пукање во сопствената нога со долгорочни последици. Краткорочно, ние би можеле нешто да добиеме, но долгорочно би станале неверодостојна држава“, анализира нашиот соговорник.

„Не би требало да дигаме врева околу тоа каква одлука донесол судот и да јуришаме против судот. Мораме да бидеме прваци во спасување на интегритетот на Судот. Тоа може да се случи само така што оваа одлука нема да биде призната. Ако сакаме чесни институци и доследна примена на меѓународното право, и судовите мора да се исчистат, а Хрватска мора да се прикаже како некој кој бара чесност, поправедни и потранспарентни меѓународни институции“, заклучува Мијиќ.  

На хрватските граѓани пак во оваа пресуда им останува и причина за делумно задоволство. Имено, во пресудата се вели дека Света Гера сепак е хрватска територија, но дека арбитражните судии немаат моќ да ѝ наредат на словенечката војска да се повлече оттаму.