Хронологија на поморските тензии помеѓу Украина и Русија
На инцидентот на 25 ноември, во кој руски бродови ракетираа украински воени пловила, му претходеа месеци на тензии во Азовското Море. ДВ пишува за главните фази на конфронтацијата во Керчкиот проток.
Соработка меѓу Украина и Русија - на хартија
„Сите прашања поврзани со Азовското Море и Керчкиот проток треба да се решаваат само со мирни средства заеднички или со договор помеѓу Украина и Русија ...“ Ова се зборовите од преамбулата на Договорот меѓу Украина и Руската Федерација за соработка во користењето на Азовското Море и теснецот Керч, постигнат во 2003 година.
Конфликти во Керчкиот проток - врз која основа?
Според меѓународното право, трговските и воените бродови треба слободно да пловат во Азовското Море и теснецот Керч. Сепак, по анексијата на Крим од страна на Русија во март 2014 година, реалноста во Азовското Море почна да се движи сѐ подалеку од овој правен принцип.
ЕУ ја критикува Русија
Ситуацијата се влоши со отворањето на Керчкиот мост, кој ги поврзува Таманскиот и Кримскиот полуостров. Пред тоа, според резолуцијата на Европарламентот од 25 октомври 2018 година, руските инспекции во Азовското Море беа селективни и не го нарушуваа слободното движење на бродови и товар. Но, од пролетта 2018, според прес-службата на ЕУ, Москва демонстративно создава пречки во трговскиот превоз.
„Прекумерни“ проверки во Азовското Море
Проверките на бродовите од и кон украинските пристаништа руските граничари ги одолговлекуваа по неколку часа. Пристаништата, трговците и превозниците имаа значителни загуби. Според податоците од Киев, од крајот на септември 2018 година, повеќе од 200 бродови биле подложени на интензивни проверки, меѓу кои 120 биле со знамиња на земјите на ЕУ.
Аргументите на Русија
Во меѓувреме, руската страна ги обвинува Украинците за ескалација во Азовското Море. Така, на крајот на март 2018 година, Украина го запре и потоа го конфискуваше рибарскиот брод „Норд“ во Азовското Море кој е регистриран на Крим.
Керчката криза
Најголемиот инцидент досега во теснецот Керч се случи на 25 ноември, кога патувањето на украински воени бродови од Одеса кон Азовското Море заврши со гранатирање од страна на руските граничари кои тврдеа дека Украинците нелегално ја преминале руската граница. Сите три украински брода беа запленети и испратени до пристаништето Керч.
„Нелегално ја преминаа границата и влегоа во територијалните води“
Русата безбедносна служба ФСБ тврди дека украинските бродови „илегално ја преминале границата и влегле во територијалните води на Русија“. На состанокот на Советот за безбедност на ОН, заменикот-амбасадор на Русија, Димитри Појански, присилното запленување на бродовите го образложи со „основано сомнение дека тие превезуваат радикали кои се заканиле дека ќе го кренат во воздух мостот на Керч".
Поморското право ѝ дава право на Украина
Како што вели Даниел-Еразмус Кан, професор на Универзитетот на Бундесверот во Минхен, преминувањето на Керчкиот проток е регулирано на ист начин како и преминувањето на Босфорот или кој било друг морски теснец во светот. „Според Конвенцијата за поморско право од 1982 година, Украина има неограничено право на транзит низ Керчкиот теснецот. За ова, не е потребна дозвола од Русија", вели Кан.