1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Цветните оази во келнските тротоари

12 јули 2021

За да ја откријат фантазијата на доброволците во себе, македонските граѓани треба да го надминат менталитетот кој промените ги очекува само „од горе“, од политиката. Пишува Кица Колбе

https://p.dw.com/p/3wLfr
Mazedonien Kica Kolbe Schriftstellerin
Фотографија: Privat

Во келнските квартови Зилц, Линдентал и Клетенберг врз тротоарите во лето бдеат огромните  зелени крошни на прастарите липи, багреми и   јавори.  Додека ја пишувам колумнава, пред мојот прозорец се отвора погледот врз една таква улица. Куќите, градени кусо пред или по војната, имаат само приземје и прв кат, а вториот е поткровјето. Дрвјата во градините се повисоки од покривите на куќите. Кога некоја од куќите  ќе го смени сопственикот, најчесто по смртта на оние што ја граделе, урбанистичкиот план дозволува на нејзиното место да се изгради модерна градба која не смее да биде повисока од соседните куќи. На тој начин со децении ништо не се менува во визурата на улицата.

Deutschland Frühlingsblumen in Köln
Пролетни цвеќиња во КелнФотографија: picture-alliance/dpa/O. Berg

Тоа што  многу улици и алеи  имаат  стари дрвореди се должи на законот за заштита на дрвјата (Baumschutzsatzung) во покраината Северна Рајна Вестфалија. Тој ја пропишува заштитата на дрвјата во парковите, во градските јадра и квартови, но и на градежното земјиште кое е опфатено со плановите за новоградба. Заштитени се дрвјата чии стебла имаат обем од  80 см, но и повеќе. Кај дрвјата со неколку стебла, забраната за сеча почнува кај обем од 50 см. Обемот се мери на висина од еден метар. Законот за заштита на дрвјата не важи за плодните дрвја, со исклучок на  оревите и костените. Сечата на дрво е дозволена само во строго регулирани исклучителни случаи. Овој закон помага да се сочува зеленилото во градовите како Келн. Тоа не  ги краси келнските тротоари само во вид на дрвореди. Тоа сега се пројавува и како цветни оази  во тротоарите. Тие настанаа во квадратниот метар земја околу стеблата. Уште пред десетина години еден политичар на партијата на Зелените во квартот Зилц посеа во својата улица сончогледи околу стеблата на дрвјата среде тротоарите. Другата година, покрај сончогледите, соседите насадија и рози, георгиони и лаванда. Денес се ретки тротоарите со стари дрвја, околу чие стебло жителите немааат насадено секакви цвеќиња. За да ги заштитат, станарите од најблиските згради го оградуваат празниот простор околу стеблото  со ниска ограда. Често поставуваат и малечки табли со молба кон минувачите да внимаваат на цвеќињата. Има улици во кои станарите  во оазите пред своите влезови во пролет садат нарциси и зумбули, но, сепак,  најомилена во келнските оази среде тротоарите стана лавандата. Топлината на асфалтот прави тие да растат непречено, небаре се  во некоја медитеранска земја. Оваа пролет гледав често родители кои заедно со своите деца садеа цвеќиња во  земјата околу стеблата  пред нивниот влез. Само така се развива свест уште од мали нозе за значењето на зеленилото, но и на заедништвото.

-претходни колумни од авторката: Егејскиот оркестар за свадби

Во Диселдорф, на пример, таа свест ја поттикнуваат доброволци иницијативата „Про Диселдорф“ (Pro Düsseldorf). „Доста беа зборови, треба акција“, е девизата на ова здружение на граѓани. Тие сметаат дека заштитата на животната средина, збогатувањето со зеленило на урбаните средини не смее да се остави само на политиката. Сите нивни активности се реализираат со доброволна работа на  граѓаните. Плакатот за првата акција јасно  го истакнал  мотивот -  „Диселдорф – тоа е твојот град! “ Со тоа тие ги поканиле своите сограѓани заеднички да го разубават својот град. Најнапред, заедно да го исчистат од сметот и ѓубрето. Еднаш во годината стартува акцијата во која стотици доброволците го собираат ѓубрето крај  Рајна, во парковите, околу зградите. На тоа повикуваат со своето учество многу познати личности во Диселдорф. 

BdT - Krokusse im Düsseldorfer Rheinpark
„Сината лента крај Рајна“ - милиони качунки во ДиселдорфФотографија: picture-alliance/dpa/D. Young

Во  2008-та, „Про Диселдорф“ со помош на многубројни спозори  ја реализираше акцијата „Сината лента крај Рајна“ ( Das blaue Band am Rhein), во која беа насадени 5 милиони качунки. Тие во вид на син бран, сличен на брановите на Рајна, се извиваат  низ зелените ливади и паркови по текот на реката. Следната година бројот на качунките нарасна на 9 милиони, а потоа сини полиња со качунки никнаа на многу места во градот. Плод на активноста на „Про Диселдорф“ се и цветните оази  околу стеблата на дрворедите, слични на оние во Келн. Иницијативата „Про Диселдорф”  се грижи за садниците со помош на спонзори, но негата и грижата на цвеќињата во оазите во тротоарите ја преземаат станарите. Слично на младоженците во акцијата „Свадбена ливада“, која е уште една оригинална идеја на истата граѓанската иницијатива. Има стар германски обичај во кој младоженците при свадбата садат дрво - за долговечен брак и за пород. „Про Диселдорф“ ги потсетила граѓаните на него, нудејќи им на младоженците веќе пораснато дрво  на јаболкница или круша. Тие за него донираат 300 евра. Крај  стеблото се поставува дрвена табла со името на младоженците и датумот на стапувањето во брак. Кога дрвото ќе роди плод, бербата е нивна. Еднаш во годината „Про Диселдорф“ ги кани сите брачни парови на закуска и пијалок во „Свадбената ливада“. Одлична идеја како да се зголеми бројот на плодните дрвја во градовите, затоа што од 2006-тата  до денес во Диселдорф беа  засадени  300 свадбени дрвја. 

-претходни колумни од авторката:Бугарски чардаш околу Македонија

Речиси во сите поголеми германски градови има вакви здруженија на граѓани во кои се организираат доброволци и спонзори, политичари и активисти во  постојани акции за озеленување и разубавување на улиците, тротоарите, дворовите, покривите и фасадите на зданијата. Обично градската управа доделува средства за ваквите активности. Воопшто, во Германија државата на многу начини ја поттикнува доброволната работа на граѓаните во разновидни  здруженија. И сојузното министерство за заштита на околината и за градежништо го поттикнува  зеленилото во градовите со акцијата „Зеленило во градот –  за иднина со квалитетно живеење.“ Акциите кои ги координира ова министерство  треба да ја зголемат свеста за значењето на зеленилото за здравјето на граѓаните, но и за квалитетот на животот во градовите. 

Што можат македонските граѓани да направат додека  чекаат македонската политика да стане свесна за значењето на зеленилото во градовите? Тие можат да го сторат тоа што го чинат  секој ден келнските граѓани во своите улици и квартови. Доколку се угледаат на нив и почнат самите да се грижат за тротоарите и за  тревниците околу зградите. Најнапред, чистејќи го брегот на Вардар од сиот смет и ѓубре. Потоа,  чистејќи  го  и најмалечкото непосеано или ненасадено парче земја во скопските дворови, во тротоарите и игралиштата. За да насадат цвеќиња кои, за почеток, може да ги донираат самите. Затоа што само тогаш ќе се грижат за нив заеднички, сфаќајќи дека градот им припаѓа ним, на жителите. Тогаш, како во Келн и Диселдорф, и во Скопје би  растеле околу стеблата во тротоарите мирисливи грмушки од лаванди и рози, а во  тревниците околу зградите  би настанале чудесни градини. На радост и задоволство на сите, но особено на децата и на старите луѓе.

-претходни колумни од авторката:Балканот и бегалските приказни

Има многу нешта кои може да ги направат  жителите во своите квартови во Скопје со доброволна работа. Има уште повеќе можности доколку основаат здруженија за  озеленување на целиот град. Онака, како што тоа го сторија пред повеќе од тринаесет години граѓаните од Диселдорф во здружението „Про Диселдорф“. За сето тоа е потребна само малку фантазија, многу самопрегор и силно чувство за заедништво во својот кварт. И скопските граѓани можат да основаат иницијатива  „Про Скопје“.  Со истото мото  како тоа на граѓаните на Диселдорф -  „доста беа зборови, треба граѓанска акција“! Нивната фантазија, нивната доброволна акција потоа ја поттикна  и политиката да  понуди свои акции. Фантазијата и визиите за убавите градови, ретко потекнуваат од политиката. Тие се  најчесто дело на  креативните поединци. На оние кои  не заборавиле да мечтаат и да сонуваат за убавината во својот живот, во својата околина. Многу   нешта со кои може да се разубави животот во градот не се скапи. За да ја откријат фантазијата на доброволците во себе, македонските граѓани треба да го надминат менталитетот кој  промените ги очекува само „од горе“,  од политиката. Притоа забораваат дека македонските политичари го имаат истиот менталитет. Тие чекаат да им каже некој друг (од „уште погоре“) што треба да сторат. На пример, некој од Брисел, откако ќе почнат преговорите за членство во ЕУ. И затоа  ќе изминуваат уште многу лета без  доброволна граѓанска  акција. А таа  би можела да направи за неколку години да пораснат вистински полиња со лаванда во скопските тревници и тротоари. 

 

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.