ЦДУ води, опстанокот на владината коалиција неизвесен
22 септември 2013Христијанско-демократската унија на актуелниот канцелар Ангела Меркел е убедлив победник на денешните избори за Бундестагот. Прогнозите на АРД и ЦДФ (првата и втората програма на германскиот јавен ТВ-сервис) се слични: 42 проценти за ЦДУ кај АРД, додека 42,5 кај ЦДФ, заедно со сестринската баварска партија ЦСУ. Сепак, за Меркел и нејзината актуелна коалиција ќе биде критично до пребројувањето на последните гласови, оти за помалиот партнер - либералите (ФДП) не е сигурно дека ќе влезат во новиот состав на Бундестагот: според АРД се под границата од неопходните пет проценти - 4,7, а според ЦДФ 4,5.
Кај опозицијата, социјалдемократите (СПД), според АРД ќе освојат 26, според ЦДФ половина процент повеќе. Зелените 8,5 односно осум, Левицата 8 односно 8,5. Евроскептичната партија Алтернатива за Германија (АфД) е на 4,9 односно 4,8 проценти, и како и либералите, ќе остане во неизвесност до конечното пребројување на гласовите.
Ова се првите излезни прогнози. Податоците за учеството на избирачите се нешто подобри отколку на претходните избори пред 4 години.