Цела плата за шест часа работа дневно
18 март 2017Мадс Блехер се сретнал со „луѓе-зомби“ кои работат прекувремено. Една ноќ, тој инсталирал сервери во канцелариите на една голема компанија и бил вчудоневиден кога видел колку многу млади луѓе сѐ уште седат зад нивните компјутери. „Беа целосно втопени во нивните столови, тие едвај можеа да гледаат во екраните. Но сепак беа таму“, се сеќава Блехер.
Неговото соочување со корпоративниот свет и културата на прекувремено работење му даде пример за тоа како тој не сака да работи. Блехер денес има своја компанија „Транслејтед бај ас“, мала канцеларија за преведување во Копенхаген. Но во својата компанија, тој ги прави работите поинаку. Неговите вработени си одат дома по шест часови работа, а платени се исто како да работат од 9 до 5.
„Вообичаено кога имате многу работни часови се случува сѐ и ништо“, изјави тој за ДВ. Скратувањето на вообичаеното работно време за два часа му помогнало на старт ап бизнисот да се фокусира на задачите кои се навистина важни, додава Блехер. „Тоа ги изострува работите“.
Наутро, тимот одржува краток состанок на кој се утврдуваат дневните задачи. „Тоа дава позитивно чувство затоа што секој знае што се очекува од него“, вели Мадс. „Тогаш го правиш тоа, задоволен си и одиш дома и правиш сѐ што правиш во слободното време“.
Дали шесте работни часови се новите осум?
Заминувањето од работа рано попладне навистина звучи како сон на секој работник. И влијае на нервите. Студија спроведена од страна една осигурителна компанија открива дека половина од вработените во Германија се соочуваат со стрес. Многумина страдаат од главоболки, несоница или емоционално истоштување, некои дури и од депресија. Луѓето работат сѐ додека не се разболат. И тогаш, продолжуваат со работа. Дали е време одново да се осмисли начинот на кој заработуваме пари?
Компанијата „Транслејтед бај ас“ не е пионер во шестчасовниот работен ден. Во Шведска, овој концепт постои веќе некое време и голем број мали и големи компании се обидуваат да го воведат. На пример, компанијата за производство на автомобили „Тојота“ го скрати времетраењето на работните смени во сервисниот центар во градот Гетеборг пред повеќе од десет години – и праксата останува до денес, откако тоа придонесе за брзо зголемување на профитот.
Двегодишниот пробен период во домот за грижа на возрасни лица, истоа така во Гетеборг, штотуку заврши со интересни резултати. Намалувањето на времетраењето на работниот ден од 8 на 6 часови за 68 медицински сестри, без притоа да бидат скратени платите, придонесе да се зголемат трошоците. Локалната општина која го водеше експериментот мораше да потроши дополнителни 1,26 милиони евра за да вработи дополнителни 17 лица кои треба да ги надополнат изгубените часови. Истовремено, општината заштеди во исплатата на бенефиции за невработените и наплати даноци од нововработените луѓе. Но, на крајот тоа беше финансиски неуспех.
Сепак, експериментот беше успешен. Го постигна она за што беше дизајниран: го подобри задоволството и здравјето на вработените – и негата на пациентите. Размената е едноставна: Дали сакате да имате посреќни и попродуктивни вработени или да заштедите пари? Дали ова може да го револуционаризира начинот на кој функционира државата?
Соочување со реалноста
Не. Тоа е одговорот од Вернер Ајхорст од Институтот за економија на трудот (ИЗА) од Германија. „Тоа не е универзална мерка и не е генерален принцип кој може да биде имплементиран на краток рок“ изјави тој за ДВ. „Не можете да претпоставите дека работата која се работи за осум часови во сите случаи може да биде завршена за само три четвртини од времето“.
Доколку цела земја се префрли на шестчасовен работен ден, тоа најверојатно ќе ѝ наштети на економијата, предвидува Ајхорст. Повеќе луѓе ќе бидат потребни да се заврши истиот обем на работа, што ќе ги зголеми трошоците за вработување на компаниите. Тоа исто така може да резултира и со недостаток од работна сила, затоа што нема неограничена понуда на образовани професионалци кои би ги презеле новите работни позиции. „Би ставил голем прашалник позади ваквиот модел“, вели Ајхорст. Тоа го направи и локалната власт во Готенбург. По некое време тие одлучија да не продолжат со експериментот во домот за грижа на стари лица – поради високите трошоци.
Вистинско решение за сите
Крајот на експериментот не значи и крај за шест часовниот работен ден. Во некои компании сѐ уште има простор за скратен работен ден. Другите компании мора да најдат поинакви решенија, смета Ајхорст. „Сега има многу дискусии околу ова. Што е работа? Што е легитимен простор за неработење? Кои се границите на стресот?
Во Германија, додава тој, ригидното работно време „од 9 до 5“ сѐ повеќе исчезнува. Во последно време, многу компании нудат донекаде флексибилни работни часови и им дозволуваат на вработените да работат од дома – или им дозволуваат целосно слободно да одлучуваат како и кога би сакале да ги завршат нивните задачи.
Фокус на резултатот
Компанијата за развивање на веб-решенија „Потато“, основана во 2010 година, воопшто нема работно време. Вработените во канцелариите во Лондон, Бристол и Сан Франциско можат да доаѓаат и да си одат од работа кога сакаат, сѐ додека си ја завршуваат работата.
„Луѓето се повеќе продуктивни во одредено време од денот, но не се сите исти“, објаснува Деклан Кашин од „Потато“. „Доколку можете да работите кога сте најпродуктивни, тогаш во интерес на компанијата е да работи околу вас“, изјави тој.
Пред да се придружи на „Потато“ 35-годишникот работел како новинар, каде работните часови биле долги. „Работата во медиуми прави да биде тешко да се постигне добар баланс помеѓу работата и приватниот живот, додека работењето во компанија како 'Потато' дозволува да го имате тој баланс повеќе“.
Промената доаѓа
Се разбира, компаниите како „Потоато“ или „Транслејтед бај ас“ не нудат атрактивна и флексибилна работна култура „за џабе“. Тие се надеваат дека ќе ги убедат младите и талентирани луѓе да работат за нив и на тој начин да остварат предност пред конкурентите. Исто како што „Тојота“ во Гетеборг го задржа шестчасовниот работен ден затоа што на тој начин заработуваше повеќе. Мора да има бизнис логика. Но, можеби примерите кои овие компании ги поставуваат ќе го постават патот за темелни промени во работната култура.
Во Копенхаген, Мадс е задоволен што неговата посета на корпоративниот свет траела кратко. „Изгледаше нездраво“, изјави тој. „Имаше многу мал фокус на имањето на убав живот и многу повеќе на остварување на буџетите“. Тој сака да докаже дека е можно да се остварат буџетите и да се има добар живот.