1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Втор мандат за народниот трибун

Спирос Москову / превод: ЕМФ21 септември 2015

Грција гласаше и победникот гласи - Алексис Ципрас. Се ослободи од бунтовното ултралево крило на неговата партија, но дали ќе ги спроведе неопходните реформи? Спирос Москову се сомнева во тоа.

https://p.dw.com/p/1GZav
Фотографија: Getty Images/AFP/A. Tzortzinis

Мнозинството избирачи уште во јануари веруваше дека шефот на левичарскиот сојуз Сириза ќе ги ублажи социјалните последици од политиката на штедење во последните пет години во Грција. Алексис Ципрас тогаш вети крај на политиката на штедење. Од тоа нема ништо. По повеќемесечни преговори тој во последна минута мораше со меѓународните кредитори да договори трет пакет за помош за да спречи излегување на земјата од еврозоната.

Ципрас сега доби втор мандат од народот. Мнозинството Грци го награди неговото враќање кон реалноста и и натаму верува дека тој може да го ублажи ударот од неопходните реформи, кои мора да се спроведат брзо. Од Сириза отцепеното ултралево крило не успеа ниту да влезе во парламентот.

Се колне во едно, прави друго

Сепак, прашање е дали Ципрас и неговата Сириза, сега ослободена од товарот на ултралевите, се во состојба да спроведат модернизација на Грција. Во тоа во изминатите пет години не успеаја пет влади со различен колорит. А, барањата на кредиторите се се‘ уште исти: функционален јавен сектор, конкурентна економија, борба против корупцијата и затајувањето данок. Тоа на старите партии не им успеа, а Сириза во седумте месеци од првиот мандат исто така не успеа да даде јасен сигнал дека ќе се справи со тоа. Првите мерки на владата на Ципрас Први повеќе покажаа ориентација свртена наназад, омаж на државата како мајка која се грижи за сите.

Moskovou Spiros Kommentarbild App
Спирос Москову

Дали владата на Ципрас Втори ќе спроведува поинаква политика? Одговорот е повеќе не, отколку да. Уште вчеравечер стана јасно со кого Ципрас има намера да гради мнозинство во парламентот - неговиот досегашен коалиционен партнер, деснопопулистичката парија Независни Грци (Анел) на Панос Каменос. Ципрас не потрошил ниту една мисла на кој начин би можел да ги „врзе“ во владата проевропските сили, на пример социјалдемократскиот Пасок или партијата од центарот То Потами. Ципрас очигледно не бара широка политичка основа за одржливо опоравување на земјата - тој се колне во моралната и политичка чистота на Левицата, а коалицира со најнеподносливите десни популисти.

Од нафталин

Во еден од ретките моменти на искреност во текот на едно неодамнешно телевизиско интервју, Ципрас неодамна призна дека дури за време на мачните повеќемесечни преговори со партнерите ја спознал „моќта на парите“. Оправдани се сомнежите дека овој харизматичен и неискусен политичар ја осознал неопходноста од модернзиација на Грција во рамките на Европа, особено во рамките на еврозоната. Неговата левичарско херојска реторика од „нафталинот“ на 20. век, владеењето со сите трикови и средства кои ги употребуваа и веќе казнетите грчки стари партии, леснотијата со која тој во името на животниот стандард на широките народни маси ги загрозува токму тие маси, оставаат малку простор за надеж за иднина. Не е случајно што првпат во поновата историја на Грција 45 проценти од граѓаните со право на глас не излегоа на гласање.