1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ципрас соочен со внатрешнопартиски конфликт

Јанис Пападимитриу/БГ9 март 2015

Владата на левичарот Алексис Ципрас не дозволува грчкиот парламент да го разгледува договорот за продолжување на помошта од кредиторите. Тоа предизвика судир во редовите на Сириза.

https://p.dw.com/p/1EnaV
Фотографија: REUTERS/Alkis Konstantinidis

Во левичарскиот сојуз Сириза на премиерот Алексис Ципрас во тек е внатрепартиски судир. Во конкретниот случај не се работи за останувањето на Грција во еврозоната, туку за кавга околу програмата за помош која ЕУ-партнерите ја продолжија до јуни годинава. Левичарскиот премиер пред домашната јавност тврди дека станува збор за договор за кредит, а не за продолжување на програмата за штедење во целина. Оваа формулација имплицира дека мерките за штедење и кратењата во буџетот сепак биле на преговарачката маса.

Со ваквата аргументација Ципрас предизвика недоверба и критика во сопствените редови: на една затворена седница на неговата фракција кон крајот на февруари, дел од пратениците се изјаснија против ваков договор со партнерите од ЕУ. Најмалку 10 од нив, во пробно гласање, се изјаснија против продолжување на помошта за Грција, а им се придружија и други пратеници. Предупредување дојде и од деснопопулистичката партија Независни Грци (АНЕЛ), која е коалициски партнер на Ципрас. „Доколку овие договори дојдат во парламентот, ќе мораме да гласаме против“, изјави пратеникот на Анел, Никос Мавраганис.

Заобиколен парламент

Од тие причини раководството на Сириза одлучи да не го става новиот договор на гласање во парламентот. „Новата влада не потпишала договор за нови кредити, туку само ги продолжила постојните“, објаснуваше партиското гласило на Сириза- Авги.

Економистот и публицист, Макис Андронопулос, не го разбира таквото толкување. „Од една страна се говори за продолжување на постојните договори, а од друга на гласачите сакаат да им укажат дека програмата со мерките за штедење не е продолжена“, вели Андронопулос. Тој додава дека левичарската партија е заробеник на сопствената политика.

Андронопулос во разговор за ДВ не го крие фактот дека е симпатизер на Сириза. „Премиерот Ципрас за разлика од своите претходници е носител на надеж која нема никаква врска со моќните политички семејства во земјата и која сака да се спротивстави на корупцијата и на бројните сплетки“, вели тој и предлага Ципрас да се ослободи од радикалното левичарско крило во својата партија.

Griechenland Symbolbild Touristen als Steuerfahnder
Според плановите на грчката влада и туристите ќе „гонат“ даночни затајувачиФотографија: picture alliance/blickwinkel/McPHOTO

Поранешниот социјалистички лидер Андреас Папандреу тоа одамна го стори. По негова наредба во 1977 година од партијата се исфрлени многу водечки членови. Андронопулос вели дека тоа се случило пред ПАСОК да дојде на власт во 1981 година. На Ципрас нема да му биде едноставно тоа да го стори, бидејќи интерниот конфликт и‘ штети на стабилноста на владата. Андронопулос предупредува дека наскоро би можело да дојде и до нови избори доколку Ципрас планира да го стори тоа.

Јасни пораки од левото крило

Во последниот период левото крило на Сириза испраќа сѐ појасни пораки: откако Манолис Глезос, пратеник во Европскиот парламент, јавно го обвини партискиот врв дека ја „издал изборната програма“, економистот Костас Лапавицас побара во јуни да се „преструктуираат“ грчките долгови. Тој предупреди дека дотогаш владејачката партија треба да го спроведе во дело она што го пишува во изборната програма. „Четиримесечното продолжување служи за тоа да се осигура дека Сириза ќе започне да ја реализира сопствената изборна програма“, тврди Лапавицас. Тој не е непознат во Грција. Овој професор на Лондонскиот универзитет одамна се залага за враќање на драхмата. Доколку во јуни Грција мора да одлучува меѓу пакетот мерки за штедење или членството во еврозоната, тогаш ќе се „прашува народот“, без разлика дали на избори или на референдум, вели Лапавицас.

Економистот Андронопулос има поинакво мислење. „Грчките гласачи се повеќе конзервативни. Нивното барање до левичарската партија гласи: 'да' за ветените нови преговори, 'не' за целосен прекин на соработката со кредиторите. Левичарската влада не смее да заборави дека за својата победа на изборите треба да им заблагодари и на бројните гласови на конзервативците“.

Сепак, првиот нацрт-закон на левичарската партија не ја подели политичката класа во Атина. Напротив, левичарската фракција, конзервативната опозиција и социјалистичката Пасок во петокот (6.03) во парламентот ја изгласаа програмата за ублажување на острите мерки за штедење. Меѓу останатото, предвидени се картички за купување животни намирници и додаток за станарина на оние на кои им е потребна. Се проценува дека тој проект ќе чини околу 200 милиони евра.

Притоа, министерот за финансии Варуфакис во писмо до шефот на Еврогрупата, Јерон Дајселблум, најавува и оданочување на игрите на среќа на интернет и намалување на бирократијата во земјата. Уште една идеја од писмото: и туристите во иднина ќе имаат можност да изигруваат ловци на неплаќачите на данок во земјата.