Ципрас ќе бара избори, партијата на Каменос се откажува
10 јуни 2019Откако од претседателот на државата Прокопис Павлопулос ќе побара распишување предвремени избори кои би се одржале на 7 јули, се очекува Алексис Ципрас веднаш потоа, во 20 часот, да ја презентира изборната програма на својата Сириза. Програмата, меѓу другото, предвидува отворање 500.000 нови работни места во наредните четири години и зголемување на минималната плата. Главните столбови на програмата, како што велат нејзините автори Јанис Драгасакис, Ефклидис Цакалотос и Алексис Харицис, се „отворање нови работни места со повисоки плати, праведно оданочување и ефикасна државна, развој за сите и безбедност за општеството“.
Повеќе: Ципрас разочаран по тешкиот пораз на Сириза
Во меѓувреме, некогашниот коалиционен партнер на Ципрас, Независни Грци, соопшти дека нема да учествува на предвремените избори. Шефот на партијата и поранешен министер за одбрана Панос Каменос вчера изјави дека неговата партија „го слушнала гласот на Грците“. На европските избори Независни Грци , кои имаат националистичка програма насочена против европскиот чадор за спас, освоија само 0,8% од гласовите.
На последните парламентарни избори во Грција во 2015 година Независни Грци имаа 3,7% од гласовите. По коалициските преговори со левичарската Сириза, станаа дел од владата на Алексис Ципрас. За премиерот тие беа важни за стигнување до мнозинство гласови со цел да се изгласаат, во Грција спорните, програми за штедење.
По постигнувањето на согласност за решавање на спорот за името помеѓу Ципрас и македонскиот премиер Заев, Каменос во јануари се повлече од функцијата министер за одбрана и најави повлекување на неговата партија од владата. Каменос истакна дека отсекогаш велел оти во спорот за името со северниот сосед, не прифаќа никаков компромис што го вклучува терминот „Македонија“. Повлекувањето на Каменос предизвика и гласање за доверба на Ципрас, од кое премиерот излезе како победник, меѓу другото и со помош на гласовите на некои пратеници на Независни Грци.