1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Црна Гора: Криза без крај

Радомир Крачковиќ
12 април 2021

Политичката криза во Црна Гора продолжува и по промената на власта по три децении. Повторно се протестира на улица, патишта се под блокада, а во јавноста доминира потпалувачка реторика. Само улогите се сменети.

https://p.dw.com/p/3rsJn
Montenegro Proteste wegen Staatsbürgerschaft
Фотографија: Radomir Kračković/DW

Ситуацијата во Црна Гора повторно е вжештена поради протестите против владините планови за измена на регулативата поврзана со државјанствата и избирачкиот список. Новата власт тврди дека само ја исправа неправдата направена од минатата власт врз граѓаните кои не можеле да добијат црногорско државјанство бидејќи биле сметани за политички неподобни.

Исто така, конечно сакаат да го средат избирачкиот список кој со години е цел на критики и од него ги бришат црногорските државјани кои трајно се преселени во странство, додека оние со привремен престој во странство го задржуваат правото на глас.

Од друга страна, опозицијата порачува дека се работи за продолжување на „посрбување“ на Црна Гора, бидејќи, како што тврдат, со либерализација на добивањето државјанство, црногорски пасош за брзо време би добиле над десетина илјади граѓани со потекло од Србија, Босна и Херцеговина и Русија, додека избирачкото право би го изгубиле голем број црногорски иселеници.

Затоа, изминатите денови во повеќе градови нивните поддржувачи и други незадоволни граѓани излегоа на улица и ги блокираа патиштата. Најавени се блокади и за наредните денови, како и можна радикализација, а веќе се забележани повеќе инциденти.

Montenegro Podgorica Proteste wegen Staatsbürgerschaft
Протести поради државјанството во Подгорица, април 2021 годинаФотографија: Samir Kajošević

Политичка манипулација или етнички инженеринг?

Владата планира да ја измени одлуката за критериумите за добивање црногорско државјанство, при што освен непрекинат траен престој во Црна Гора, како еден од осумте услови за државјанство за законски ќе се смета и привремен престој. За политичкиот аналитичар и правник Борис Мариќ, ова е само техничко прашање кое не може да предизвика никакви суштински важни промени и тврди дека драмата околу државјанствата е исконструирана за политички цели.

„Ова не е никаква измена на Законот за државјанство. Ова е само техничка измена на една одлука за да се усогласи со законот. Таа одлука досега се применувала селективно. Така некому му требале 10, а некому 15 години непрекинат престој во Црна Гора - иако тоа не го пишува во законот, за да исполни само еден од осумте неопходни услови за да аплицира за црногорско државјанство. Според податоците на Министерството за внатрешни работи, такви случаи лани имало само 17, така што не се работи за бројка која би можела да влијае врз изборите или врз промена на етничката структура“, вели Мариќ за ДВ.

За опозициската Социјалдемократска партија (СДП) нема дилема дека ова се потези чија крајна цел е промена на структурата на населението, односно етнички инженеринг за во Црна Гора да има повеќе Срби, а Црногорците да станат малцинство во сопствената држава.

„Самиот премиер Здравко Кривокапиќ јасно порача дека сака измени на Законот за црногорско државјанство и воведување на двојно државјанство, а ова е само првиот чекор во таа насока. Не спорам дека имало проблеми во примена на досегашната одлука за критериумите за државјанство и дека некои луѓе биле лишени од ваквата можност, но тоа во најголем дел било поради непрофесионалноста на администрацијата и судовите. Меѓутоа, тие сега сакаат дополнително да го либерализираат законот и со тоа да ја променат структурата на населението и карактерот на црногорската држава“, тврди за ДВ генералниот секретар на СДП, Иван Вујовиќ.

Повеќе:

Новата црногорска влада - невозможна мисија

Србија и Црна Гора: Чувствителни теми и „борба на овнови на гумно“

Преголема Црна Гора или премала Србија?

Мариќ тврди дека со измената на оваа одлука конкретно се олеснува патот до државјанство за не повеќе од 500 лица и дека се работи главно за брачни другари на црногорски државјани кои доаѓаат од други земји.

„Од независноста во 2006 година досега Црна Гора доделила 30.000 државјанства и тоа не го стори оваа власт, туку претходната, која сега протестира. Тоа е драматична бројка за мала земја како што е Црна Гора. Значи овде се работи за класична замена на тезите и политичка манипулација“, порачува Мариќ.

Вујовиќ не се согласува со ова и тврди дека на овој начин за илјадници луѓе ќе се олесни патот до државјанство.

„Министерството за внатрешни работи соопшти дека во Црна Гора има 62.000 странци со постојан и привремен престој. Мора да излезат со конкретни податоци за колку точно луѓе би се однесувале овие измени. Ако тие не го сторат тоа, ние ќе го сториме – сѐ ќе анализираме и ќе ги објавиме конкретните бројки“, вели Вујовиќ.

Montenegro Podgorica Proteste wegen Staatsbürgerschaft
Подгорица, април 2021 годинаФотографија: Samir Kajošević

Мариќ пак додава дека и сите тие луѓе да ги исполнуваат условите од спорната одлука, би морале да се откажат од своето досегашно државјанство, бидејќи Црна Гора не дозволува двојно државјанство. Но, Вујовиќ вели дека праксата покажува дека токму тука се можни бројни злоупотреби и кршење на законот.

„Некој кој има српско државјанство, а сака црногорско, може да се одрече од српското и да добие државјанство на Црна Гора. Но, веќе утредента може да оди во Србија и повторно да аплицира за српски пасош, бидејќи Србија им дава државјанство на сите кои ќе се изјаснат како Срби по националност. Бидејќи немаме спогодба со Србија нема ни размена на податоци за нашите државјани. Нема да дозволиме таква игра“, порачува Вујовиќ, додека Мариќ смета дека нема да има никакви радикални промени.

„Сите кои сега гласаат на избори, ќе гласаат и понатаму. Бројот на новозапишани избирачи врз основа на полнолетство или со добивање на државјанство ќе биде на исто ниво како и досега“, категоричен е Мариќ.

Ќе мора да се преговара?

Тој вели и дека приказната околу измените на Законот за регистар за живеење е покомплицирана. „Некои лица со потекло од Црна Гора си ја врзаа судбината за други држави, таму имаат траен престој, добиле државјанство и гласаат во тие држави. Тоа се лица кои со децении не доаѓаат во Црна Гора и според некои проценки се работи за 10 до 15 илјади лица. Остатокот, до 40 илјади, колку што се проценува дека има иселеници со право на глас, се на привремена работа во странство и со ваквиот Закон нема да го изгубат правото на глас", вели Мариќ.

Montenegro Proteste wegen Staatsbürgerschaft
Блокади на патот Никшиќ-Подгорица, април 2021 годинаФотографија: Dijana Savović

Дијаспората на изборите главно гласа за опозицијата, бидејќи ја сочинуваат во најголем дел припадници на малцински народи, Бошњаци и Албанци. „Лицата на привремена работа во странство доаѓаат секоја година. Значи опозицијата нема да изгуби ниту еден гласач, тоа одговорно го тврдам. Дури и за првите, кои воопшто не доаѓаат и не гласаат, бришењето од избирачкиот список е комплицирана постапка и би можело да се случи за година или две“, вели Мариќ.

За Вујовиќ пак и тука намерата на властите е јасна. „Со измените на Законот за регистарот на живеење и престој сакаат да остават илјадници црногорски државјани на работа во странство без право на глас. Јасно е дека станува збор за етнички и изборен инженеринг", вели Вујовиќ.

Тој ја повикува власта да прифати дијалог за тоа прашање во новоформираниот парламентарен Одбор за реформи на изборното законодавство и вака чувствителни прашања да се решаваат по пат на консензус. „Мора да инсистираме на тоа, бидејќи владата со ова уште еднаш го покажува својот антицрногорски карактер, бидејќи од изборите се занимава главно со статусно-идентитетски прашања: Законот за слободата на вероисповед, попис и државјанство. Наместо тоа, попаметно ќе беше да се позанимава со тешката здравствена и економска ситуација и порастот на невработеноста“, заклучува Вујовиќ.

Европската комисија ги повика двете страни на воздржаност и порача дека секоја промена на легислативата која се однесува на државјанството мора да биде спроведена со широка консултација и почитување на правото на Европската унија.