Црна Гора: Макотрпен пат на историски промени
31 август 202130 август за Црна Гора е датум од неспоредливо значење. На тој ден пред една година луѓето првпат во историјата на земјата изнудија мирна промена на власта преку парламентарни избори. Претходно три децении владееше автократот Мило Ѓукановиќ со неговата Демократска партија на социјалисти (ДПС) – најдолгото владеење на една партија во посткомунистичка Европа.
Ѓукановиќ, кој е актуелен претседател со мандат до 2023 година, од 1991 година ја имаше претворено земјата со 640.000 жители во еден вид приватна држава за себе, својата фамилија и тесен круг пријатели и деловни соработници. Под негово водство цутеа корупција, организиран криминал, перење пари, шверц со дрога и цигари. Изборите постојано беа фалсификувани, критичарите на режимот беа под закана, физички напаѓани, па дури и убивани.
Но лани, закон за религијата стана повод за повеќемесечни масовни протести, кои доведоа до изборите на 30 август. И за целиот регион на Западен Балкан, каде претежно владеат корумпирани партиски моќници, тоа беше сигнал со големо значење.
Поделено расположение
По изборите настана анти ДПС коалиција од исклучително различни политички сили, од српски националисти до проевропските, социјал либерални Зелени. Очекувањата од неа беа исто толку високи колку и скепсата. Една година по историската промена, расположението во земјата е поделено, политичката ситуација е напната, а билансот скуден.
Сѐуште луѓето со олеснување издишуваат при помислата на окончувањето на тридецениското владеење на ДПС. Меѓу нив е и Вања Чаловиќ-Марковиќ, најпознатата цивилна активистка и борец против корупцијата во земјата, која со години добиваше смртни закани и беше мета на оцрнувачки кампањи од страна на режимот на Ѓукановиќ. За Дојче веле таа изјави: „Се чувствувам многу послободна, но очекував многу повеќе позитивни работи, наместо тоа, имаме многу нови проблеми.“
Тешко наследство
Експертската влада раководена од премиерот Здравко Кривокапиќ, на власт од декември минатата година, постојао најавува реформски намери и пристап кон ЕУ до 2025 година, но дејствува претежно без план и ги разочара очекувањата на бројни граѓани.
Истовремено, нема доволна поддршка од сопствените редови: најголемиот коалиционен партнер, просрпската партиска десно конзервативна алијанса Демократски фронт (ДФ), со месеци при бројните спорови околу внатрешни и надворешнополитички прашања бара оставка на премиерот и ги бојкотра законските иницијативи на владата.
Црна Гора е оптоварена притоа со тешко наследство – судството, државното обвинителство и полицијата со децении беа политички контролирани. Промена на раководните кадри на новата влада ѝ успеа само во одделни случаи, клучните реформи во судството и управата уште не се спроведени.
Смртни закани против вицепремиерот
И во борбата против моќниот организиран криминал во Црна Гора, билансот е мешан. Дел од водачите на нарко клановите, кои со години го контролираат европскиот пазар на кокаин и водат меѓусебни крвави пресметки, во кои загинаа околу 50 луѓе, меѓу кои двајца и во Германија, навистина се уапсени. Но, апсурден видлив резултат на борбата против организираниот криминал е што за неа задолжениот вицепремиер Дритан Абазовиќ од зелено-либералната граѓанска партија Обединета реформска акција (УРА) со месеци мора да е под 24 часовна заштита од неколкумина телохранители, зашто прими бројни смртни закани откако ги одби понудите за поткуп од нарко мафијата.
Недостаток од визии и концепти
Вања Чаловиќ-Марковиќ смета дека во Црна Гора е можно „Ѓинѓиќ сценарио“, поранешниот српски реформаторски премиер Зоран Ѓинѓиќ беше убиен од мафијата во 2003 година, со логистичка помош од кругови на тајните служби. „Организираниот криминал уште е силно инфилтриран во државните структури и располага со многу информации“, вели Вања Чаловиќ-Марковиќ.
Таа добро ги знае работите, невладината организација чиј соосновач е таа, МАНС, разоткри десетици случаи на организиран криминал и државна корупција. Моментно Чаловиќ-Марковиќ волонтерски раководи со експертски тим на владиниот новоформиран анти-корупциски совет.
Таа има малку надежи за краткорочни успеси во борбата против корупцијата и во прочистувањето на безбедносните органи. „Станува збор за структури стари 30 години. Многумина од новите министри немаат раководно искуство, немаат поим колкави се проблемите и се саботирани од стариот персонал. Но, за жал, на владата ѝ недостигаат во целина визии, концепти, кохерентност и делумно политички желби.“
Старо-новиот идентитетски спор
А како тоа да не е доволно – бројни политички и верски актери во Црна Гора сѐ подлабоко заглавуваат во експлозивен идентитетски спор. Актуелно тој е разгорен со планираното (за в недела, 05.09) устоличување на новиот митрополит на Српската православна црква во Црна Гора, Јоаникије. Свеченоста треба да се одржи во Цетиње, поранешниот средновековен главен град на Црна Гора, кој е симбол за самостојноста на црногорската нација.
Истовремено, таму се наоѓа и богат по традиција манастир на СПЦ, во кој вообичаено се врши устоличување на митрополитите за Црна Гора.
Претставници на партијата ДПС церемонијата ја сметаат за целна провокација против црногорската држава, што е конструирано обвинување. Официјално, СПЦ не го негира постоењето на Црна Гора како држава. Но, го доведува во прашање постоењето независен црногорски идентитет во однос на Србија, земјата ја смета за дел од „српскиот свет“, односно дел од српскиот идентитетски и културолошки простор.
Ѓукановиќ провоцира конфликти
Најголем дел од Црногорците, од независноста на земјата прогласена во 2006 година, се определени нормално за својата држава, но истовремено и за СПЦ, до скоро се чинеше дека некогашниот идентитетски спор е надминат.
Но, сега тој е повторно потпалуван од политички интереси: од една страна од СПЦ и просрпските партии во Црна Гора, како оние од сојузот Демократски фронт, а од друга страна од претседателот на државата Ѓукановиќ и неговата партија во опозиција – ДПС.
Ѓукановиќ повика на протести против церемонијата во Цетиње, сметајќи ја за анти црногорска и насочена против интересите на неговата земја. Тој најави дека ќе присуствува лично на церемонијата ако таа се одржи на друга локација. Негов советник претходно ги повика полицајците на граѓанска непослушност, односно да не интервенираат при насилни протести.
„Заеднички интерес на Демократскиот фронт и на ДПС е дестабилизирање на владата и спречување на реформите“, вели Вања Чаловиќ-Марковиќ. „Идентитетската дебата ја потпалува посебно Мило Ѓукановиќ, и тоа од лични причини. Тој, по толку години на власт, секако не сака така лесно да се откаже од илегалниот имот и својата моќ. Мислам дека нема да се воздржува преку идентитетскиот спор да провоцира насилни конфликти.“
За Чаловиќ-Марковиќ, по една година од промената во земјата, сепак има и позитивни резултати. „Луѓето конечно стекнаа искуство дека постои можност слободно да се каже своето мислење и да се промени власта без следниот ден да настапи пропаст на светот или ним да им се случи нешто драматично. Ова искуство ќе остане, на него треба да смета секоја идна влада“.