1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Чекајќи сабах со шејтанот

20 април 2017

Груевски, Ахмети и камарилите од ВМРО и ДУИ се криминалци со тапија. Но корупцијата барајте ја кај опозицијата, меѓународната, медиумите и секој од нас кој бара спас од криминалот преку прогледување низ лепливи прсти.

https://p.dw.com/p/2ba82
Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

Факт број 1: Кризата постоеше пред бомбите. Факт број 2: Бомбите беа поради кризата. Факт број 3: Бомбите беа вперени кон криминалот на ВМРО, не кон криминалот како појава. Факт број 4: Пржино се свика поради бомбите. Факт број 5: СЈО настана поради бомбите. Факт број 6: Изборите беа поради бомбите. Факт број 7: Инволвирањето на САД и ЕУ беше со мотив за прикривање на бомбите. Факт број 8: Селективната манипулација на бомбите ја компромитира опозицијата. Факт број 9: Кризата ќе заврши со де факто елиминација на СЈО, т.е. бомбите. Факт број 10: Кризата ќе продолжи и по нејзиниот договорен „крај”. И тоа уште побомбастично.   

Тоа е накратко списокот на 10-те заповеди кои го сочинуваат базичниот скелет на кризата, покриена со дебели наслаги на пропагандни сала за заштита и имобилизација на криминалниот естаблишмент. Тие десет заповеди се алфа и омега, оче наш и бисмилах, зора и мрак, почетен финиш на кружниот тек околу ужасот без крај. Точно прочитавте, без крај на повидокот. Тврдење изнесено не поради некаква видовитост на авторот, туку поради редоследот на презентираните факти како нишка криминални настани кои ја потврдуваат минато-сегашната константа на корупцијата. Чија иднина, судејќи според корумпираниот дух на опозицијата кон криминалот, е сепак обезбедена.

Оксиморонична кованица

За почеток, да се потсетиме дека знаците се кријат во самите имиња, во конкретниот случај базирано врз потеклото на термините криминал и корупција. Етимологијата на терминот криминал потекнува од латинскиот корен cemo кој се преведува како „носи одлука, пресудува“. Додека пак корупцијата е исто така со латински корени на  cor (заедно) rumpere (прекршување). Дистинкцијата сосема јасно ја поентира индивидуалната карактеристика и решавачката автономија на криминалот, во споредба со мнозинската и придружна конотација на корупцијата. Оттаму, ставањето на криминалот и корупцијата во иста категорија е безмалку оксиморонична кованица, бидејќи криминалците не можат да бидат корумпирани токму бидејќи тие се носители на злосторот како првичен грев. Додека пак корумпираните се соучесници во криминалот по основа на повинување кон актот преку споделување на мотивот добивка преку прекршување на законот или правилата.   

Преведено на конкретниот политички терен кај нас, релацијата помеѓу криминалот и корупцијата се пресликува низ нашиот терминолошки третман на режимот како одговорни за криминалот и корупцијата. Што колку и да звучи логично, е сепак полуточно и налага попрецизна идентификација на улогите во кризата. Елем, ВМРО и ДУИ се докажано криминални организации. Но затоа корупцијата е сепак нешто што повеќе ќе ја најдете на другата, опозициска страна. При што ДУИ ја презема улогата на дешифрант на двете улоги, со тоа што кон ВМРО настапува како фактор гарант на заемните криминали, а од неодамна се истакнува како деконспиративен фактор на корупцијата на опозицијата која радосно ги прегрнува. Беспредметни се веќе обвинувањата кон ДУИ за соучесништво во криминалот на ВМРО, бидејќи со нејзините (и на Бејли) поштедувања на ДУИ од бомбите, самата опозиција обезбеди комфорна сива зона во која Ахмети оперира, балансира и го блокира светлото на крајот на тунелот.

Со кој си, таков си

Интересно е што токму оние опозициони ликови и пера кои предизборно и цинично ги обвинуваа неопределените за релативизација на одговорноста помеѓу ВМРО и СДСМ денес молчат – срамно, да посрамно не може – пред кампањата на СДСМ и посебно медиумите за релативизација на криминалите од ДУИ. По принцип од понеделник до среда умилкување кон Ахмети, а од среда до петок луто барање од Али да се определи. Уште поодвратна е игранката на опозицијата со кон ним наклонетите и од партијата избрканите интегристи и академци кои соочени со падот во немилост пред Ахмети ги молзат според потреба и партиски поен, безобѕирно туркајќи ги под тепих нивните улоги во криминалите на режимот, а со тоа и самата опозиција и смислата на антикриминалната морална вертикала на општеството. Со кој си таков си, вели народот. По таа логика, доколку мафијата од ВМРО се има најдено на иста бранова должина со побратими криминалци од ДУИ, очигледно е дека и опозицијата си ја има најдено сопствена аморална корупциска спрега со побратимите и побратимките од ДУИ. Разликата е само во минутажата и метражата на пропагандата за ребрендирање од лопови во светци. Како современа верзија на средновековните индулгенции, при што чедноста не се докажува низ борбата против криминалот, туку низ селективна амортизирана аморалност.

Причината за таквата блискост од интерес и нула етичност е делумно поради заемните коруптивно-кариерни спони помеѓу дел од опозициските водства со соодветниот дел од ДУИ. Но главната причина е сепак во вкоренетиот став на меѓународната за соработка со „ѓаволи кои им се познати“ и за кои имаат доволно долга рака и компромат докази за да ги држат за гуша и танцуваат на ноти усогласени уште од средината на 90-те. Сѐ додека тој приод опстојува на линијата на преференцијален однос кон контролабилни политичари преку давање амнестија за злоделата, до тогаш и самата криза ќе доминира, а со неа и корупцијата како заштитен обрач околу криминалот. Бришењето или замаглувањето на црвената линија на поделба помеѓу режимот и опозицијата поради лабавите критериуми на опозициските партии резултира со првична состојба на загриженост, следена од збунетост и се заокружува со сегашната состојба на анемија во општеството. Се разбира дека најмал дел од таа корупција на општеството се однесува на финансиски кооптирања на поединците, за што власта секако нема ресурси, но ни потреба. За жал, корумпирањето на општеството од страна на опозицијата воглавно се одвива преку нејзино приклонување кон нетранспарентноста, вртоглави неконзистентности, непринципиелности и воопшто приклонување кон макијавелистичката мантра дека „целта ги оправдува средствата” како краткорочно лукративна, но среднорочно самодеструктивна прагма. Предолгата експлоатација на чистата, емоционална енергија на граѓаните за борба против криминалот на крај, после сите изговори, спинови и трикчиња завршува или во емоционална корупција на следбениците или пак во очајничко и ситничаво „гребење за симпатии”. Со тоа црпејќи ја последната нишка на опозицијата базирана врз елегична, но суштествено стерилна носталгична т'га за минатото „кога ние владеевме”.

Одбивање на митото

Одбивањето на митото предизвикува посилна емоционална реакција отколку прифаќањето и поради тоа е моќна алатка во рацете на опозицијата. Според истражувањето на Универзитетот Хауме во Шпанија, „оние кои одбрале да бидат чесни доживуваат посилна емоционална надразба, отколку оние кои прифатиле мито“. Податок кој и дава смисла на бурната и енергична реакција на протестите минатата година во споредба со бескрвната – иако масовна – летаргичност на „заедничарите“. Флип-флоп односот на опозицијата кон криминалот (според партиски приоритет) придонесе за корумпирање на нивната политичка порака, па сукцесивно и самата емоција за промени. Тврдокорните капитализираат таму каде што шарените – по команда од партијата - и свртија грб на општествената еволуција и егоистично ја прегрнаа процедуралноста како мамка сервирана од страна на режимот. Во трка кон канцелариите „шарените“ го напуштија и отстапија просторот за деволутивната манипулација од страна на „заедничарите“ и нивната стратегија за компромитација не само на „шарените“, туку дотолку полошо – на севкупната мисија, смисла, енергија и морална супериорност на борбата против криминалот.

Затоа, да не се лажеме. Груевски, Ахмети и камарилите од ВМРО и ДУИ се криминалци со тапија. Но корупцијата барајте ја кај опозицијата, меѓународната, медиумите и секој од нас кој бара спас од криминалот преку прогледување низ лепливи прсти и чекање сабах со шејтанот.

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема