Шарената револуција блокираше мостови
16 јуни 2016Во македонскат престолнина беа блокирани три централни мостови: „Гоце Делчев“, „Мајка Тереза“ и мостот „Слобода“.
Шарената револуција се одлучи на блокади како јавен притисок за исполнување на своите барања: произнесување на Уставниот суд за уставноста на СЈО, запирање на прогонот врз демонстрантите, ослободување на сите приведени и повлекување на сите кривични пријави од МВР за учество во протестите.
Освен тоа, се бара и оставка од Владата на ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ и формирање на преодна влада, како и формирање на специјално одделение во Кривичниот суд за случаите под јурисдикција на СЈО. „Шарените“ бараат и оставка од претседателот Ѓорге Иванов.
На новинарско прашање како го коментираат тоа што Уставниот суд на дневниот ред го нема поставено нивното барање за СЈО, Александар Младеновски денеска одговори дека сè уште има доволно време за да се направат промени.
„Во оваа држава сè е возможно, може во кој било момент нашето барање да се стави на дневниот ред на Уставен суд“, рече Младеновски.
Тој не сакаше да прецизира кои ќе бидат нивните следни активности доколку не се исполнат барањата, но рече дека ќе продолжат и понатаму да бидат активни.