„Шарените“ порачуваат: Да се вештачат штетите од Владата!
14 јуни 2016Додека учесниците во „Шарената револуција“ одбројуваат денови до 18-ти јуни, поставен како краен рок за исполнување на нивните барања, Владата донесе одлука да се спроведе вештачење кое ќе ги утврди штетите предизвикани од протестите.
„Ова е врвен апсурд и отворена провокација“, велат учесниците во „Шарената револуција“ кои, меѓу другото, побараа до 18-ти јуни Уставниот суд да се произнесе за уставноста на Специјалното јавно обвинителство, да престане прогонот на демонстрантите, да се ослободат сите приведени учесници во протестите и да се повлечат пријавите против нив.
Но, од „Илинденска“ број 2, презентираат други планови.
„Владата на седница го задолжи Бирото за судски вештачења во рок од 30 дена да изврши проценка на штетите врз административните згради на државните институции, на локалните самоуправи, на споменици, плоштади и други објекти во Република Македонија, штети кои се настанати како резултат на одржаните протести во повеќе градови низ земјата, и да ја достави до Владата и до институциите во чија надлежност се оштетените објекти“, образложи за медиумите портпаролот на Владата, Александар Ѓорѓиев.
„Ова е начин за дополнителен притисок врз демонстрантите“, смета Здравко Савески од партијата „Левица“, кој заедно со сопартиецот Владимир Куновски помина 45 дена во притвор. Двајцата се товарат за учество во толпа и за демолирање на народната канцеларија на претседателот Ѓорге Иванов. На рочиштето на 10-ти јуни, нивната одбрана го оспори вештачењето на државното правобранителство, а Основниот суд Скопје 1 им го укина куќниот притвор и им одреди мерки за претпазливост - да им бидат одземени патните исправи и да се јавуваат во одреден рок во судот. Но таа одлука сѐ уште не е правосилна. Савески вчера сѐ уште беше во куќен притвор.
„Владата е последната институција која има легитимитет да зборува за штета врз Скопје. 'Шарената револуција' ги разубави грдосиите на 'Скопје 2014'. Ако Владата има минимален сенс за естетика, треба да го дозволи тоа, дури и да го поздрави“, дециден е Савески.
А штетата што ја направи власта?
Предмет на вешатачења ќе бидат штетите на зградите на Собранието и на Владата, на министерствата за правда и култура, на Управата за јавни приходи, Агенцијата за медиуми, Агенцијата за вработување, порта „Македонија“, поголем број споменици и споменични обележја, плоштади, како и објекти на општините Битола и Прилеп. За некои од објектите, Бирото за вештачења веќе почнало или направило проценки по барање на самите субјекти. Според владиниот портпарол, по проценката од Бирото за вештачење, ќе следи план за санација на објектите, но таа по потреба може да биде користена и за утврдување на видот и обемот на евентуална одговорност за сторените штети, но тоа зависи од органите на прогонот кои спроведуваат ваков вид на постапки.
Со казна од органите на прогонот се соочи и Уранија Пировска, извршна директорка на Хелсиншкиот комитет. Таа минатиот месец беше повикана на информативен разговор во полициска станица поради прекршок сторен за време на протестите, при што ѝ беше одредена казна од 50 евра во денарска противвредност. Таа признала дека фрлала боја, но дека не се чувствува виновна за тоа што го сторила, по што одбила да го потпише платниот налог за казната. Истото го сторија и други учесници во протестите кои беа повикани на разговор во полициска станица. Пировска го брани ставот дека е сосема легитимно граѓаните својот револт да го искажат над објекти кои биле изградени со нивни пари и без нивна согласност, а кои драматично го сменија ликот на градот.
„Утврдувањето на висината на материјалната штета причинета од 'Шарената револуција' претставува врвен апсурд од невидени размери, ако се има предвид штетата која оваа власт ја направи во државата. Да не зборуваме дека станува за баснословни суми за изградба на овие објекти, под сомнителни околности и трансакции. 'Шарената револуција' се бори за слобода и правда и чинот на боење претставува чин на обележување на криминалите на оваа власт“, вели Пировска.
Владата да си поднесе оставка!
Минатата недела во скопскиот кафе-бар „Излет“, се одржа солидарна акција во која граѓани донираа над 15.000 евра за поддршка на демонстрантите на „Шарената револуција“, кои се соочуваат со прекршочни и со кривични пријави. Притоа беа најавени и други акции за собирање финансиски средства. Намерата на Владата да ги „официјализира“ штетите од протестите, не ги предомислува учесниците во „Шарената револуција“ во продолжувањето на протестните активности.
,,Наместо да утврдува 'штети' од боењето на фасадите, Владата треба итно да си поднесе оставка и со тоа да оневозможи преку своите дејствија да врши натамошни штети врз индивидуата, општеството и државата“, вели граѓанскиот активист Марјан Забрчанец.
„Од Владата и од МВР се бара веднаш да престанат со прогонот врз демонстрантите, а не да влегуваат во активности кои лесно може да бидат разбрани како провокација кон 'Шарената револуција' и 'Протестирам', имајќи предвид дека на ваков начин на демонстрантите им се припишува вина заради тоа што се одважиле да се спротивстават на режимот и гласно да бараат правда и слобода. Она што е јасна порака од сите овие 60 денови, е дека боењето на институциите е манифестација на револт кон властите, кои 10 години ги држат тие институции заробени“, вели Забрчанец.
Тој потсетува дека боењето е спроведено во функција на повлекувањето на аболицијата, за одбрана на СЈО, за овозможување услови за фер-избори. Вели дека сите тие барања директно ја засегаат правдата и демократијата и секое дејствие кое води кон нивно исполнување треба да се смета за вредност, а не за штета.
„Затоа, рокот од 30 дена кој Владата го дала за утврдување на 'штетите' од борбата за правда во Македонија, треба да стане рок за оставка на актуелната влада, за вклучување на граѓанското општество во преговорите и за дефинирање неодложен план за неопходни реформи за избори, на кои граѓаните слободно ќе ја изразат својата политичка волја“, категоричен е Забрчанец.
„Шарената револуција“ денеска одбројува уште четири дена до крајниот рок за исполнување на нивните барања.