„Путин е тешко вооружен, изолиран и ирационален човек“
4 март 2022„Путин нема да сопре пред ништо и ние мора да ја препознаеме вистинската закана која тие зборови ја носат“, вели во разговор за „Зона на конфликти“ на ДВ, Ричард Ширеф поранешен втор човек на НАТО командата во Европа.
Пензионираниот британски генерал предупредува дека било каква руска закана врз територија на НАТО, во актуелната ситуација, може лесно да прерасне во конфликт од несогледиви последици.
„Доколку се случи било каков руски упад на територија на НАТО, тоа значи дека сите 30 членки на НАТО ќе бидат во војна со Русија. А доколку дојде до тоа, тоа значи дека две нуклеарно вооружени страни ќе се судрат, и тоа секако го зголемува ризикот од нуклеарна пресметка“.
- Дали Русија користи вакуум бомби во Украина?
Генералот смета дека за адекватна одбрана на балтичките држави, НАТО мора да испрати неколку оклопни дивизии во тие земји, придружени со воздушна и поморска поддршка доволна за водење на голема војна.
„Путин ќе се обиде да се наметне со сите сили, и доколку чувствува дека ставањето во игра на нуклеарниот арсенал му дава предност, ќе го стори и тоа. Немам дилеми дека треба да се подготвуваме за тоа дека тој би можел и да го употреби“, вели Ширеф.
„Тој е тешко вооружен, изолиран, ирационален, бесен стар човек“, додава Ширеф.
- Војна во Украина: Стариот поредок во урнатини
Генералот ги отфрла повиците за воспоставување зона на забранети летови од страна на НАТО на украинска територија, како што бара Киев.
„Мора да разбереме дека воведувањето таква зона над Украина е декларација на војна. Тоа ќе значи дека авиони на НАТО треба да уриваат руски авиони. Да уништуваат руска противвоздушна одбрана и радари. Тоа ќе биде декларација на војна, и ќе значи дека НАТО е во војна со Русија“.
Британскиот генерал вели дека Украинците пружаат неверојатен отпор, но не е сигурен уште колку долго ќе можат да издржат.
„Начинот на кој се борат Украинците е неверојатен. Но да не се залажуваме. Храбри мажи и жени со анти-тенковски орудија и Молотови коктели нема да сопрат армија тенкови“, вели Ширеф и додава дека Западот и НАТО треба уште сега да почнат да ги подготвуваат силите на отпорот во Украина.