1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ши Џинпинг и „кинескиот сон“

Матијас фон Хајн
7 мај 2018

Колективната визија што ја наметна Ши Џинпинг ѝ дава печат на кинеската реалност, но се храни од минатото.

https://p.dw.com/p/2xJ5u
Buch „China regieren“ von Chinas Staatspräsident Xi Jinping
Книгата на Џи Шинпинг „Да се владее со Кина“Фотографија: DW

Остатокот од светот е во чудо. Кина постигна подем за само три децении. Од сиромашна земја во развој прерасна во глобална економска сила. Кина сега веќе се стреми да стане и водечка светска сила. Восхитот од постигнатото и стравувањата заради таквиот успех се измешани.

Меѓутоа, Кинезите - а особено политичките елити - во зајакнувањето на својата земја гледаат корекција на една историска аномалија. Пропагандистички ваквиот став е поткрепен со „кинескиот сон“ на Ши Џинпинг. Од преземањето на власта во 2012. кинескиот претседател на кинескиот народ му ветува враќање на величината што ја уживале кинеските династии. Со тоа, тој се надоврзува истовремено во две работи на исклучително изразената свест на народот за неговата историја.

Модерните Кинези се сфаќаат како наследници на цивилизација стара илјадници години, која до 16, век била водечка во културата, науката, техниката и администрацијата. Кина, „Централното царство“, како што и денес се нарекува на кинески, во таквата идеална претстава била токму тоа - центар на светот, опкружена од варвари, кои восхитени од блесокот на кинеската цивилизација со драго срце му се покорувале.

„Столетие на срамот“

Така погледнато, уште повеќе боде очи т.н. „столетие на срамот“. Јасно определен почеток: во 1842 со воена сила наметнатото отворање на кинеските пристаништа за британски опиум. Во првиот од т. н. „нееднакви договори“ Кина била приморана и да ѝ го отстапи Хонгконг на Англија. Привреен крај оваа приказна бележи официјално и пропагандистички со основањето на Народна Република Кина во 1949 година од страна Комунистичката партија.

Ова „столетие на срамот“ е другата страна на подемот на Кина. Кој знае дека уделот на Кина во светското економско постигнување во 1820-тите изнесувал над 30%? По внатрекинески востанија, колонијална експлоатација, распад на државата, јапонската окупција и граѓанската војна тој удел на почетокот на 1950-тите е намален на само 5%.

Фантомската болка за загубата на империјалната големина се одржува во колективната свест на Кинезите. Историските книги, тв-серии, текстови во печатени медиуми постојано потсетуваат на понижувањето на кинеската нација од страна на странските сили, потсетуваат на пропастот и сиромаштијата. Таквата култура на сеќавање на минатото го подготви тлото за широкото влијание на „кинескиот сон“ на Ши Џинпинг. Притоа тој, како визија наметната од врвот, е чиста спротивност на „американскиот сон“ за остварување на индивидуалната среќа.

Vertrag von Nanking
Договорот од Нанкинг во 1842 година го означи крајот на првата војна за опиум и почетокот на „столетието на срамот“Фотографија: picture-alliance/CPA Media Co. Ltd

„Вистинска светска сила до 2049“

Плановите за „големата преродба на кинеската нација“ достигаат до 2049 година: на 100-годишнината од основањето на републиката, Кина треба да биде вистинска светска сила. На овој пример изгледа се потврдува теоријата дека колку повисоко се поставуваат целите и колку подалеку во иднината, толку поголеми се жртвите кои може да се бараат од луѓето во полза на целта.

Повеќе: Ши Џинпинг- еден одлучува за милијарди

Кога се работи ни повеќе ни помалку за „преродбата на кинеската нација“, според сфаќањето на Пекинг, може да се занемарат граѓански слободи или комплицирани процеси иманентни на правната држава. Луѓето кои мислат поинаку, активисти за човекови права, па дури и нивните адвокати - лежат во затвор. Тоа што порано било извојувано како право, меѓу другото и во медиумите, сега се ускратува.

Визијата за „кинескиот сон“ е толку неодредена и толку сеопфатна што под нејзин чадор може да си најдат место најразлични пораки. Оној што ја има надлежноста да го толкува, тој може речиси секоја мерка да ја дефинира како средство за реализација на „кинескиот сон“. Така, кога Ши Џинпинг изминатиот месец посети еден од големите проекти за изградба на брана, како мерка за реализација на сонот на пример ја дефинираше способноста за самостоен технолошки развој. Кога лидерот кон средината на март се сретна со високи претставници на војската, тоа беше посилната интеграција на воената и граѓанската сфера. Постојано се споменува единство и развој на сила.

Hong Kong | Trauer um  Liu Xiaobo
Кина го прогнуваше до смрт Ли Шиаобо, добитник на Нобеловата награда за мир кој почина во 2017 годинаФотографија: picture-alliance/AP Photo/Kin Cheung

Со можноста за негова широка интерпретација, кинескиот сон се користи и како алатка за ширење на, особено во последните две децении силно изразениот, кинески национализам. Тој пак, служи како извор за легитимност на владеењето на Комунистичката партија. Идеолошки партијата е веќе потрошена - како организатор на еден, мора да се каже високоефективен, државен капитализам. Со функционери и администрација како корисници на државниот капитал, за инает на кампањите за антикорупција.

Цврстото позиционирање на Кина, на пример во спорот со Јапонија за островите во Источнокинеското море, секако им служи свесно на националистичките очекувања на домашната публика.

Преку патот на свилата во центарот на светот

Под чадорот на „кинескиот сон“ влегува уште еден голем проект на Ши Џинпинг - иницијативата за Патот на свилата. Со огромни средства се туркаат инфраструктурни и сообраќајни проекти во Кина и нејзиното поблиско и подалечно опкружување. Кина со овој амбициозен проект во моментов е единствена земја во светот којашто има глобална визија. Сигурно не е случајност што иницијативата за патот на свилата и според називот се надоврзува на времињата на дамнешните династии.

China Wirtschaftskorridore DE
Кинеските економски коридори

Со ефективната инвестициска политика Кина би можела својата економска сила сѐ повеќе да ја претвора во политичко влијание. Преку новите сообраќајни патишта, новите економски услови сосем природно ќе си го најдат својот удел во „кинескиот сон“ и ќе ја зајакнат позицијата на Кина како центар на гравитирање во евроазискиот регион. Само по себе разбирливо е дека влијанието на таквата позиција треба да се прошири низ светот.

Повеќе: Зошто Кина инвестира на Балканот?

На говорот на конгресот на Комунистичката партија минатата есен Ши Џинпинг го препорача кинескиот развоен модел, „социјализам на кинески начин“, како пример и за други економии. На почетокот на годинава „Народен весник“, официјалното гласило на Комунистичката партија, ги извади основите на политиката. Во написот се зборуваше за претопување на „кинескиот сон“ во „сон на целиот свет“.