1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија: Недопирливите против мафијашката држава

СН/шпигел12 март 2016

Германскиот неделник „Шпигел“ објавува текст посветен на македонските специјални јавни обвинителки Јанева, Фетаи и Ристовска и , како што се вели, нивната екстремно тешка задача.

https://p.dw.com/p/1IC80
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Политичката елита во Македонија е вплеткана во криминални махинации- изборни измами, афера со прислушкување, корупција. Сега сето тоа го истражува Специјално јавно обвинителство (СЈО). Неговите предводнички се слават поради нивната храброст, пишува германскиот неделник „Шпигел“ во статијата посветена на македонските специјални обвинителки Катица Јанева, Фатиме Фетаи и Ленче Ристовска.

Таа започнува со репортажно потсетување на објавувањето на првата истражна постапка која ја започна СЈО . Притоа авторот констатира дека Јанева на пресконференцијата покажала бескомпромисност документирајќи го тоа со нејзините изјави. „Правдата ќе победи“, „ Се чувствувам слободна и силна зашто на моја страна го имам уставот и законите“.

„Потоа таа го наведе името на првиот случај:'Титаник'- и им го препушти зборот на своите помлади колешки . Фатиме Фетаи го претстави случајот во кој станува збор за сомненија за масовни изборни манипулации спроведени од ' организирана криминална група' (...) Нејзината колешка Ленче Ристовска на крајот зборуваше за обидите на политичките партии и државните институции да гипопречат истражните постапки (...)“, пишува „Шпигел“ и продолжува:

„ Во тесна просторија во една деловна зграда во македонскиот главен град Скопје на 12. февруари Катица Јанева (51 година), Фатиме Фетаи (31) и Ленче Ристовска (34) , трите предводнички на таканареченото Специјално јавно обвинителство ја претставуваат својата работа. Станува збор за изборна измама, афера за прислушкување, корупција и многу повеќе - истраги за еден речиси непрегледен комплекс од криминални махинации на авторитарно- националистичкиот режим на Никола Груевски. Тој веќе десет години е моќната личност во Македонија. Потребна е храброст во овој режим отворено да се искаже сопственото мислење. Трите јавни обвинителки покажуваат храброст.

Од овој 12. февруари тие се хероини на јавноста. На социјалните мрежи тие предизвикаа вистински бум (...)

Публицистот Сашо Ордановски еуфоријата ја објаснува на следниов начин: ' СЈО во моментов е единствената институција во Македонија која се залага за правната држава и за почитување на демократските правила на игра' “ , „Но истовремено трите жени со нивниот настап направија од себе најголеми непријателки на режимот на Груевски. Владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ и водечки функционери постојано му го оспоруваат легитимитетот на СЈО. Во изминатите недели беа поднесени бројни кривични пријави против раководителките на СЈО.

Screenshot Spiegel Online über den Sonderstaatsanwaltschaft in Mazedonien
Фотографија: Screenshot http://www.spiegel.de

Притоа во минатата година сите партии се согласија за формирање на Специјалното јавно обвинителство- кога ЕУ посредуваше меѓу политичките табори за надминување на тешката државна криза.

Предизвикувач беше таканаречената 'афера со прислушкување' (...) Специјалното јавно обвинителство, основано во септември 2015. требаше да истражува случаи од аферата за прислушкување. Но поинаку отколку што си претпоставуваа властодржците во Скопје шефицата на СЈО Јанева сериозно си ја сфаќа работата. Таа е искусна јавна обвинителка и добро е запознаена со справувањето со организираниот криминал. Двете нејзини помлади колешки истотака се вбројуваат меѓу врвните правници во земјата. Сите три важат за апсолутно непоткупливи и партиски непристрасни.

Проблематично за властодршците- конечно станува збор за преживување на режимот на Груевски. Не е чудо што работата на СЈО се забавува. Против неговиот статус како независна институција поднесена е претставка пред Уставниот суд, буџетот на СЈО беше одобрен соповеќемесечно задоцнување, судовите одбиваат доставување на документи.

Медиумите блиски до власта не пропуштаат ниту една можност со дубиозни наклеветувања да ги озлогласат предводничките на СЈО.... Од другастрана дел од јавноста во недостаток на силна демократска опозиција полага речиси месијански надежи во нив.“ , истакнува авторот на статијата во „Шпигел“ и прашува:

„Како се живее во вакви екстреми? Трите јавни обвинителки се опуштени. Тие, велат, од почетокот очекувале напади. Меѓутоа нејзе и на нејзините колешки им приоѓаат многу луѓе и ги охрабруваат, раскажува Фатиме Фетаи.'Тоа не го очекувавме и тоа е убаво изненадување, но довербата на луѓето во нас може брзо да исчезне, затоа е и мотивацијата да работиме уште понепопустливо“.

Зошто трите јавни обвинителки ја прифатиле работата во СЈО? Во Македонија тоа може лесно да ги чини кариера. Прашањето ги изненадува трите. Велат досега не размислувале за тоа. ' Да мојата кариера би можела да е завршена', вели Ристовска. 'Но ќе имам чиста совест и ноќе ќе можам добро да спијам, зашто знам дека постапував согласно моите принципи и уверувања'“, читаме во статијата на германскиот неделник „Шпигел“.