1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што очекува Србија во Берлин?

Ивица Петровиќ
27 април 2019

Пред посетата на српската делегација на Берлин на 29 април, „врие“ од изјави на српски политичари за Косово и косовскиот проблем.

https://p.dw.com/p/3HGeh
Bulgarien EU-Balkan-Gipfel in Sofia | Merkel & Thaci & Vucic
Фотографија: Reuters/V. Donev

Посетата на српската делегација на Берлин на 29 април е проследена со цела низа изјави на српски функционери за Косово и решавањето на косовскиот проблем.

Секако предничи српскиот претседател Александар Вучиќ, а во неговите изјави има сѐ помалку оптимизам. Така, тој тврди дека има впечаток како „сите во регионот, Европа и светот да погребале секаква шанса за било каков договор“. Србија, според неговите зборови, направила сѐ за постигнување некаков компромис – оваа изјава е појаснување на она што го изрекол Вучиќ пред своите партиски колеги, пред раководството на Српската наредна партија.

Вучиќ и таа прилика ја искористил за да го пласира своето очекување – „од Белград ќе се бара да го признаеме Косово, а да не добиеме ништо“, од Берлин тој очекува „почеток на барање за нов формат, каде целта би требало да биде целосна независнот, а Србија да не добие ништо“. Белградските медиуми со денови пласираат ставови според кои регионалната конференција во Берлин ќе биде место каде Србија ќе добие некакви ултиматуми и планови кои ќе морада ги прифати. Целосно спротивни ставови изнесува косовскиот претседател Хашим Тачи, според кого во Берлин нема да има никаков план за спогодба меѓу Белград и Приштина, собирот нема никаква тајна агенда.

Се пренесува и пишувањето на западните медиуми, дека во Берлин всушност ќе биде погребана идејата за промена на границите според етнички принцип, дека Германија ќе предложи специјален статус за северниот дел од Косово. Белград во секој случај очекува да добие „нешто“, а таа идеја е тесно поврзана со некои територијални очекувања. Инсистирањето да се добие „нешто“ веќе долго време е присутна во изјавите на српските власти. Од друга страна сѐ погласно е противењето на одделни западни земји на идејата за корекција на границите, и успехот на берлинската конференција очигледно ќе биде зависен од проценките на учесниците, во прв ред Србија, дали добила „нешто“ или „ништо“. 

Косово е европски проблем?

Мислам дека цел на берлинската конференција е одржување на идејата за дијалог меѓу Белград и Приштина, кој моментно е во целосен прекин, оценува за ДВ Наим Лео Бешири, директор на Институтот за европски работи.

„Проблемот со Косово, поради европските избори, нема да биде во фокусот на ЕУ барем до наесен“, додава Бешири, истакнувајќи дека „можеме да очекуваме силна француска поддршка на германското противење на разграничување или корекција на границите. Тоа може да биде и многу силна порака дека проблемот со Косово ќе се решава во Европа, зашто тоа е во нејзин двор, а не во Вашингтон“.

Schweiz Weltwirtschaftsforum in Davos | Angela Merkel und Aleksandar Vucic
Ангела Меркел и Александар Вучиќ во Давос годинаваФотографија: picture-alliance/AP/M. Schreiber

Политичкиот аналитичар Драгомир Анѓелковиќ смета дека освен општите места за бавната но достижна европска перспектива на Западен Балкан, во Берлин ќе се промовира и внатрешната политика на ЕУ:

„Во таа смисла Меркел и Макрон ќе испратат порака дека имаат иницијатива и без оглед на критиките, тие ги држат работите на Косово под контрола, таа спорна област нема да ја препуштат ни на Америка, ниту на Русија“, вели Анѓелковиќ.

Суштината на приказната за специјален статус за северно Косово е обид за пронаоѓање некое преодно решение, кое на Косово би му овозможило побрз напредок кон меѓународните организации, потенцијално можеби и кон членство во ОН, истакнува Наим Лео Бешири. 

Членство во ЕУ – слаба награда

Тоа „нешто“ што би требало да го добие Србија за возврат, или некаква награда, барем засега делува недоволно. Србија очигледно под „нешто“ подразбира само некои територијални отстапки, а во европските интеграции во тој поглед не гледа како на посебна награда. Наим Лео Бешири ги наведува резултатите од истражувањето спроведено од Институтот за европски работи во март годинава:

„ На прашањето дали се за признавање на Косово ако тоа значи побрзо зачленување на Србија во ЕУ, дури 78 проценти од испитаниците одговориле негативно. Значи, за граѓаните на Србија ЕУ-членството веќе не е баш доволно убедлива награда", вели Бешири.

Повеќе:

Меркел и Макрон го открија Западен Балкан - принудно!

Нов формат на дијалогот Белград-Приштина и јасно дефинирана цел

Моја Европа: Последната битка на Меркел

Според перцепцијата на дел од српската политичка јавност и ЕУ, европските интеграции се некоја голема и привлечна награда, додава Драгомир Анѓелковиќ:

„Како евроскептик, не мислам дека продолжувањето на курсот на европски интеграции е некоја награда, зашто не мислам дека ваква Европска унија има некоја перспектива. Но, од нивен аспект, продолжувањето на евроинтеграциите е доволна награда“, дополнува Анѓелковиќ.

Белград не се предава

За работите да тргнат нанапред во било која смисла, потребно е продолжување на дијалогот меѓу Белград и Приштина. Процесот првенствено го кочат царинските такси на Приштина, тие остануваат и натаму во сила, а српскиот државен врв најавува и некои нови потези во тој контекст. Ако таксите не бидат укинати, по 6 мај ќе следи одговор на Белград, најави Вучиќ, тврдејќи дека Србија врши притисок за натамошен дијалог и без укинување на косовските царини. 

SEAE Mogherini - Vucic - Thaci -Treffen in Brüssel
Дијалогот Белград-Приштина во ќорсокак: Вучиќ, Могерини и Тачи во 2018 во БриселФотографија: picture-alliance/AA/EU POOL

Косово окончува политички кариери

Специјалниот статус на Косово, кој добива на актуелност, за Драгомир Анѓелковиќ е нејасен потез, зашто секој специјален статус подразбира косовска независност.

„Србија сигурно нема да ја прифати косовската независност, освен ако не се пристапи радикално кон нешто што е тежок компромис, а тоа пак би подразбирало сериозна поделба на Косово, која сигурно не би го опфаќала само северниот дел. Во крајна линија, специјален статус на северно Косово би бил помалку од Заедница на српските општини.Таа подразбираше поширока автономија и за Србите јужно од Ибар“, укажува Анѓелковиќ.

Наим Лео Бешири исто така оценува дека е тешко да се очекува Србија било кога да го признае Косово без нешто да добие:

„Сега е прашање колку политичките елити ќе имаат сила трајно да го решат овој проблем. Сите показатели одат кон тоа дека и Белград и Приштина сакаат одолговлекување на овој процес. Што се однесува на српските власти, мислам дека тие не сакаат ова да го решат, зашто тоа потенцијално би значело крај на нивната политичка кариера. Потсетувам дека и секој лидер од воведувањето повеќепартизам исчезна од политичката сцена кога на овој или оној начин се занимаваше со прашањето за Косово“, вели Бешири.