1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што понатаму за грчкиот „Робин Худ“

Спирос Москову/превод:БГ26 јануари 2015

Алексис Ципрас влегува во најтешката фаза од неговата политичка кариера по победата на изборите. Нема да биде едноставно за грчкиот Робин Худ, смета Спирос Москову

https://p.dw.com/p/1EQOJ
Фотографија: Reuters/A.Konstantinidis

„Нема да провоцираме прекин со партнерите, ниту ќе продолжиме со политиката на безусловно потчинување“, порача кусо пред полноќ Алексис Ципрас, убедливиот победник на предвремените парламентарни избори во Грција. Неговиот левичарски сојуз Сириза, кој до пред неколку години беше маргинална појава, поради приливот на незадоволни гласачи стана нова народна партија. Харизматичниот народен трибун Ципрас, кој досега никогаш не бил на власт, се најде во најтешката фаза на својата политичка кариера: како победник на изборите и голема надеж на мнозинството граѓани, тој сега мора да ја претвори својата анти-штедачка реторика во практична политика.

Тоа нема да биде лесна задача за грчкиот Робин Худ. Неговата земја сѐ уште е зависна од парични инфузии од омразената Тројка на Меѓународниот монетарен фонд, Европската централна банка и Комисијата на ЕУ. Обидот за рефинансирање на државата преку берзите, пред неколку месеци неславно пропадна. Со други зборови: новата влада на Сириза не смее да ризикува прекин на односите со меѓународните партнери, без притоа да предизвика катастрофални последици за државата. Сириза ќе бара нови преговори за да добие ново отпишување на долговите. Во спротивно, партијата нема да може да ги одржи ветувањата кои им ги даде на осиромашените граѓани.

Deutsche Welle Griechenland Redaktion Spiros Moskovou
Спирос МосковуФотографија: DW

Држава на „стаклени нозе“

Бидејќи и во петтата година по фактичкиот банкрот, и покрај меѓународната помош, Грција се‘ уште е на „стаклени нозе“. Успесите, како минатогодишното зголемување на производството, буџетскиот суфицит и туристичкиот бум не смеат да ни отргнат вниманието од фактот дека грчката економија последниве години загуби една петина од својот волумен. Невработеноста сѐ уште е огромна, цели слоеви од населението се втурнати во сиромаштија со лошо осмислените мерки за штедење и со огромните даноци. Може да се каже дека Грција минува низ задоцнета и несистематска модернизација со енормни социјални трошоци.

Брисел треба да соработува

Столбовите на коалициската влада во последните години секогаш беа конзервативната Нова демократија на поразениот премиер Антонис Самарас и социјалдемократскиот Пасок. Тоа беа партиите кои се одговорни за корупцијата и пропаста во последните децении. Гласачите за тоа ги казнија. Сега Сириза ветува дека ќе ја сузбие корупцијата, ќе ги гони затајувачите на данок и ќе го санира јавниот сектор. Тоа се задачи кои во Грција претставуваат Сизифова задача. Оваа свежа и неискусна политичка сила планира да го пресече Гордиевиот јазол. И за Грција и за Европа би било добро кога партнерите во Брисел, па и на други места, сега не би провоцирале судир со новите власти во Атина.