Штрајкот продолжува - зошто пензиите ја поделија Франција?
9 декември 2019Штрајковите против пензиската реформа во Париз и денеска предизвикаа стотици километри застој во сообраќајот. Околу 8 часот утрово сообраќајниот застој се протегаше на 600 километри, како што информираше сообраќајната служба Ситадин. Вообичаено е половина од тоа. И во понеделникот париското метро и возовите од предградието штрајкуваа, тоа е веќе петти ден по ред со масовно попречување на јавниот сообраќај.
И железничкиот сообраќај за подалечни релации функционира со ограничени капацитети, само околу 20 проценти од супербрзите возови ТеЖеВе според податоците на француската железница се во сообраќај.
Релаксирање на состојбата не се очекува ниту во наредните денови. Штрајкот е насочен против планираните реформи на владата. За утре синдикатите повикаа на нов масовен протест, во среда се очекува премиерот Едуард Филип да ги претстави планираните реформи во детали.
Пензиската реформа е еден од централните проекти на претседателот Макрон. Многумина од оние кои штрајкуваат се директно засегнати ако владата на Макрон ги усвои реформите, но прашање е дали ќе се случи тоа.
„Подолго ќе мора да работиме", вели синдикалниот лидер Филип Мартинез на француската телевизија. Нееднаквоста ќе се заостри и пензиите ќе се намалат - ако Макрон го спроведе планот.
Хомогено со систем за бодување
Но, како всушност? Тоа никој во земјата не може точно да го каже. Специјален пратеник на владата веќе година и половина ја подготвува реформата и се среќава со сите засегнати страни. Реформата сепак е позната само во нацрт. Пензискиот систем треба да стане похомоген, во иднина да се базира на систем со бодување и да дава „поттик” подолго да се работи. Многу повеќе од наведеново не е познато.
Во Франција де факто нема еден пензиски систем, туку 42 поединечни - за железничарите и вработените во енергетскиот сектор или на пример Банката на Франција, за рудари, па и за глумците на театарот Комеди Франсез. Поединечните системи делумно се уште од времето на Луј 14-ти, зачудено јавува новинската агенција Ројтерс и според нив на пример морнарите може да одат во пензија со 52,5 години.
Други правила биле воведени во 50-тите години во времето на Де Гол, а според нив на пример и натаму е дозволено железничарите најдоцна со 57 години да одат во пензија.
Но, затоа пак железничарите во првите години на работно искуство заработуваат значително помалку од колегите во приватниот сектор. Во таквата зделка составен дел е надежта на подобри примања во подоцнежните години. Таквиот договор владата сега сака еднострано да го раскине.
Повисок животен стандард
Вообичаено Французите одат во пензија на 62 годишна возраст. Во Германија горната граница постепено се крева на 67 години. Во Германија нивото на пензиите кое го покажува соодносот меѓу пензијата и платата во следната година ќе се намали од актуелните 48,2 на 48,1 процент. Франција пак, како што вели експертката за пензии на ОБСЕ, Моника Кеисер за весникот „Ди велт“, „не само што е една од малкуте земји каде пензионерите можат да го задржат својот животен стандард”, туку тој е и нешто „над стандардот на вкупното население".
Тоа секако има своја цена. Дефицитот во францускиот пензиски фонд во 2025 година би можел да порасне на 17 милијарди евра. Актуелно дотациите за пензискиот фонд на годишно ниво изнесуваат 8 до 9 милијарди евра, јавува „Ди цајт“. Германскиот пензиски фонд пак според сопствени податоци тековната буџетска година ќе ја затвори со вишок од 2,1 милијарди евра. Германците актуелно издвојуваат помалку од 20 проценти од приходите за продонеси за пензиско осигурување , во Франција ставката изнесува околу 28 проценти.
Според податоци на ОБСЕ, Франција околу 14 проценти од својата економска моќ насочува во пензискиот систем, во Германија ставката е 10 проценти. Но, соред нова студија, Германија е дел од една третина од 41 земји на ЕУ и ОБСЕ во кои лица над 65 години почесто се погодени од сиромаштија отколку млади до 18 годишна возраст. Според анкета спроведена минатиот месец, секој втор човек во Германија се плаши од сиромаштија во староста.
„Многу аналитичари", констатира советник на поранешниот шеф на Европската централна банка Драги, „навистина не можат да поверуваат дека економски толку силната Германија има пензиски систем со толку мала моќ", вели Кристијан Тиман во интервју за „Ханделсблат“.
Недоверба кон Макрон
Очигледно во Франција демонстрантите деновиве се исплашени дека и нив наскоро ги чека истото, па затоа излегуваат на протести. Мнозинството Французи смета дека системот треба да стане похомоген. Но, истовремено 70 проценти од нив сметаат и дека протестите се исправни. Противречните бројки покажуваат дека населението не и` верува на владата на Макрон.
Пред речиси четврт столетие последен пат една француска влада се обиде да го реформира пензискиот систем. Протестите почнаа на 5. декември 1995. година. Неколку недели подоцна реформата веќе беше ад акта, а премиерот Алан Жипе мораше да си поднесе оставка.
Синдикалците во француската државна железница и во париското метро се насочени на штрајк со неограничено времетраење, кој може да трае и до Божиќ, се вели. Следната недела премиерот Филип конечно ќе објави детали. Тогаш може да е и веќе предоцна.