Ѓаволот носи Пра(в)да
16 јули 2019За некој да биде осомничен за „примање награда за противзаконито влијание“, би требало да биде на позиција да го ефектуира тоа влијание. Според работните биографии на двајцата притворени, тие не се на таква позиција. Тие не би можеле да убедат некој осомничен дека „ќе му го решат или олеснат проблемот“ само ако му покажат фотографија на која се фотографирани со субјект кој е на таква позиција, во случајов обвинител. За некого да го притисикаат и финансиски да го „олеснуваат" цела година, морале да дадат многу поцврсти докази дека со конкретно лице на соодветна позиција се на „ти“, дека можат да му се јават во кое било време од денот или ноќта, за жртвата лично да слушне и да се увери дека некој обвинител е во тек со нивните активности, дека ги одобрува и дека сериозно работи на тоа - проблемот да го снема. Накусо, некој може да се шепури со „Прада“, но тешко дека може да продава „Правда“ без соодветен партнер во таа коруптивна криминална операција.
Затоа, главната алка што е клучна за да се заокружи оваа истрага е да се утврдат дејствата на трето/трети лица. Без таа алка ни Б.Ј. ни З.М. не би можеле да земат еден денар од некого, а камоли толкави суми какви што биле пријавени од жртвата.
Но, можеби ЈО и нема да има многу работа околу утврдувањето на евентуални комуникации на двајцата осомничени со трети лица. Според извори блиски до лицето кое било рекетирано, постојат несоборливи („ин флагранти“) видео и други докази дека сите алки во синџирот функционирале во една добро организирана и синхронизирана група, нешто што во законот е дефинирано како злосторничко здружение.
Тест за правната држава
Според тоа, очекувано е оваа истрага да биде многу значаен тест за ЈО и за правната држава. На повидок е голем земјотрес. Секако, големо ќе биде разочарувањето во јавноста ако истрагата утврди дека во посоченото кривично дело учествувало и лице/лица кои до вчера беа третирани како „икони на правдата“ и кои ја апсорбираа целата граѓанска надеж дека правдата ќе стане достапна и несективна. Но, не може и да генерализираме и да тврдиме дека сите јаболка во истата кошница се гнили. Ако истрагата утврди дека некој обвинител станал недостоинствен за да ја извршува таа функција, ако ја преминал професионалната и морална линија и загазил во криминални води, првата последица секако ќе биде нов, огромен пад на довербата во моралниот интегритет на луѓето во обвинителско-судскиот систем. Но, тоа е помалиот проблем. Уште поголем земјотрес ќе се случи ако истрагата се обиде да ги минимизира или да „не ги види“ таквите криминални активности, за кои, наводно, има „готови“ докази од пријавувачот. Секако, тие треба да се проверат и потврдат, и доколку ги има - не смее да се „стопат“.
Се мора да излезе на виделина. Ако не се расчисти овој случај, грубо кажано, се ризикува „да се заколе вол заради една кременадла“, односно да се закопа цела една значајна обвинителска институција со чесни и професионални луѓе, заради можно незаконито делување на поединец/и. Тоа што некој поединец можеби не размислувал каква штета и прави на институцијата и на правдата, дека ги сече крилјата токму на рефренот врз кој се катапултираше новата надеж по деценискиот крик „нема правда нема мир“, тој поединец не смее да биде причина за генерален сомнеж во институцијата и нејзино погребување. Затоа гнилите јаболка мора да се издвојат од кошницата. Не само заради СЈО, туку и заради многумина кои овој случај сигурно ќе го (зло)употребат како алиби за сопствена амнестија, ставајќи ја под прашање кредибилноста на целата институција, а токму во пресрет на решавањето на нејзината иднина. Одговорноста секогаш има конкретно име и презиме. Таа не може да се генерализира по принципот „ако има една црна овца, и другите сигурно не се бели“. Единствено професионална истрага и без колегијални сентименти, може да ги расчисти сите вакви сомнежи и „мини“ на патот до правдата. Претпоставувам дека обвинителката Рускоска е свесна каква „бомба“ има на нејзината работна маса. И дека од начинот на кој ќе ја активира или деактивира, ќе зависи дали ќе и се радуваме на правдата или во воздух ќе одлета и државата.