„Или ќе бидеме држава достојна за ЕУ или нема да не биде!“
4 мај 2021Работата на заедничката комисија за историски и образовни прашања, политичката употреба на бугарските пасоши и модалитетите за излез од бугарската блокада, се дел од темите за кои разговаравме со искусниот македонски политичар Марјан Ѓорчев. Зад него стои пратеничко, градоначалничко, министерско и дипломатско искуство. Беше македонски амбасадор во Бугарија од 2016 до 2020 година, токму во периодот на најфреквентните случувања во македонско-бугарските односи.
ДВ: Германскиот министер за надворешни работи, Хајко Мас, изјави дека Германија нуди поддршка преку нивните искуства за решавање на прашањето помеѓу Скопје и Софија, но дека тоа треба да се реши билатерално, преку експертите кои водат разговори во рамки на нивните комисии. Имајќи ги предвид проблемите во досегашната работа на мешовитата историско-образовна комисија, мислите ли дека таа ќе успее да го заврши нејзиниот дел од обврските?
Марјан Ѓорчев: Пројавените конфронтации помеѓу историчарите од двете земји за време на досегашните работни средби, се плод на различниот методолошки пристап на членовите на мешовитата историско-образовна комисија, која е обврска од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка. Имено, бугарската историска наука во формулирањето на својата научна доктрина го употребува „статичниот методолошки пристап". Тоа значи дека се пристапува кон толкување на одделна историска манифестација како да е во констатно мирување, односно, не се зема предвид влијанието на општествено-политичките и социјални критериуми кои што имаат детерминантно влијание на историските збиднувања во даден простор и време во географската област Македонија. Согласно со таквата теорија „етносот Бугарин“ се смета за супстанца на бугарската нација уште од Првото средновековно бугарско царство сѐ до денес. Се знае како настануваат нациите во Европа - од половината на 19. до средината на 20. век! Во тој контекст, историски се толкува дека „етносот Бугарин" е доминатниот етнос на географскиот македонски простор од половината на 9. век (христијанизирањето на Бугарите во 864г.) до 21. век, така што, тој етнос во себе ги содржи и ги асимилира сите други етноси кои што живеат на просторите на Мизија, Тракија и Македонија - Аромани, Евреи, Македонци, Тракијци. Македонската историска наука како основна детерминанта го има дијалектичкиот метод - анализа на сите критериуми и сили - временски, просторни, општествено-политички, економски и социјални, кои влијаат врз одделна историска манифестација. Тоа е еталонот на сите научно-историски објаснувања за сѐ што се случувало на македонскиот географски простор низ вековите. Македонскиот дел од мешовитата историско-образовна комисија понуди многу рационален метод за усогласување на ставовите. Тоа беше предлогот да се дефинираат најпрво општите поими - кога се јавуваат етносите, како настануваат средновековните држави, кога се формираат нациите на европско тло, а дури потоа да се оди кон усогласување на ставовите околу поединечни случаи - Св.Кирил и Методиј, Св.Климент и Наум, Гоце Делчев... Тоа, за жал, беше одбиено од бугарска страна! Заклучок: ако една наука, во случајов историска, е со појдовна методологија која е погрешна и несоодветно ја одразува историската панорама на Балканскиот простор, тогаш не може да се дојде до конкретни резултати. Бугарската страна тврди дека македонската историја е „фалсификувана" и дека „краде бугарска историја". Оттука, се промовира ставот дека македонската страна мора да ги промени учебниците, додека бугарската страна нема што да менува во своите историско-образовни содржини. Македонската страна спокојно констатира дека со самото тоа што државничкото име го содржи поимот и топонимот Македонија, неотуѓиво право е историските манифестации на македонскиот географски простор да бидат проучувани од македонската историографија, на начин и со методологија којашто е усогласена со современата европска историска, хуманистичка и општествена наука. Сѐ додека бугарската страна не разбере дека Македонија и Бугарија се две рамноправни држави, и работните тела и комисии формирани како обврска од Договорот имаат рамноправен статус, нема да има можност за прогрес во историската конфронтација помеѓу научниците од двете држави.
Како се случи да нѐ изненади односот на Бугарија и тоа по потпишувањето на Договорот? Имаше ли знаци дека ќе се случат вакви проблеми додека тој се подготвуваше - какви беа сознанија на нашата амбасада во Софија?
Македонската амбасада во Софија во периодот од 1-ви април 2016 до 31-ви март 2020 година имаше можност да ги следи, анализира, синтетизира и навремено да ги информира македонските државни власти за бугарските ставови кон државотворноста на Македонија и проблематизирањето на клучните државнички атрибути - македонска нација и македонски јазик. Сите бугарски партии во опозиција или на власт, Бугарската академија на науките, интелектуалците, комори, граѓански здруженија, имаат не само во споменатиот период, туку за целиот период од формирањето на Бугарското кнежество 1879 г. идентичен став кон поимот Македонија, кон македонскиот географски простор и населението што ја населува таа територија. Тие ставови може да се синтетизираат во следните бугарски историски и современи аксиоми: „Македонија е бугарска земја", „Населението што живее на територија на Р. Македонија сѐ до втори август 1944 г. е со бугарски карактер", „Македонскиот јазик е дијалектна форма на бугарскиот јазик и Бугарија ќе ја спречи неговата употреба во мултилатералната комуникација на Македонија со институциите на Унијата", „Бугарија нема да дозволи погрешна и фалсификувана интерпретациија на историските факти од македонска страна и кога ќе дојде време ќе ја стопира македонската држава на европскиот пат"! Во основата на бугарскиот светоглед кон македонското постоење како држава, нација и јазик, се трите фундамента: сонот за Санстефанска Бугарија (протокол донесен на Мировната конференција во Сан Стефано на 3-ти март 1879 г. со кој Бугарското кнежество ја добива безмалку целата македонска географска област. Протоколот никогаш не стапува во сила и е ревидиран на Берлинскиот конгрес истата година). Второ, екстериторијална дејност на Бугарската Егзархија, недозволена со христијанските канони на православната црква, (Егзархијата е формирана во 1870 г.од Цариградската патријаршија, а во актот за формирање за заштита на „булгар-милет” - бугарскиот етнос, нема ниту една епархија од географската област Македонија, ниту пак повикување на духовното извориште на Охридската Архиепископија, која е симбол за духовната независност на македонското население) за асимилиција со крст, оган и кама на македонското население и „освестување за неговото бугарско потекло". Поради тоа Бугарската егзархија е ставена под шизма во 1872 г. а трае сѐ до 1953 г. кога Егзархијата се откажува од сите епархии во географската област на Македонија (во состав на СР Македонија и Р Грција), освен од епархиите во пиринсикот дел, кој е составен дел на НР Бугарија. Трето, амбициите на младата бугарска буржоазија за нови освојувања на земја, капитал и стоки, надградена со тежнението на бугарскиот кнез Фердинанд Кобуршки за владеење на што поголема територија на Балканот. За жал, стеротипите на бугарската доктрина за „македонизмот", доминираат и во современата бугарска држава-членка на ЕУ, со носење на Декларација за црвените линии на Бугарија во односите со Македонија - декември 2018 и „Законот за светите браќа Кирил и Методиј и старословенското глаголично писмо"- декември 2020, со кој старословенското писмо се толкува како старобугарско, а светите браќа се восприемаат како Бугари!
Бугарските политичари во контекст на нивните тези сѐ повеќе се повикуваат на бројот на македонски граѓани кои добиле или бараат бугарско државјанство. Стануваат ли бугарските пасоши метод за асимилација?
Во контекст на негативната димензија на бугарско-македонските односи е и издавањето на бугарско државјанство на македонски граѓани, со цел за санирање на бугарската демографска катастрофа. Од крајот на 1989 година населението на РБ броеше над 9 милиони жители, на крајот од 2019 година помалку од 7 милиони жители, а негативната стапка на прираст се заканува за понатамошна демографска ерозија. Во процесот на издавање бугарски државјанства се опфатени Македонија, Албанија, Косово, Србија, Молдавија и Украина. До 31.03.2020 г. беа издадени околу 90.000 бугарски државјанства на македонски граѓани, а околу 30.000 се во процедура. Блокадата од страна на Грција за европскиот пат на Македонија предизвика огромни загуби во македонската економија, одлив на млада, едуцирана и потентна работна сила, пораст на сиромаштијата и социјалната исклучивост на македонските граѓани. Бугарските власти изготвија стратешки план за т.н. „нежна прегратка" за браќата од Македонија, по пат на издавање на бугарско државјанство, со засилена агитација почнувајќи од 2002 година. Во кампањата се вклучени бугарските клубови во Скопје, Битола и Струмица, како и Бугарската агенција за Бугарите во странство, преку свои лоби групи. Користејќи ја тридецениската блокадна ситуација, големата невработеност и бесперспективноста, пред сѐ на младото македонско население, со издавањето на бугарско државјанство на македонските граѓани се врши фактички нивна „економска асимилација". Истиот атак се повторува и кај македонското малцинство кое што живее во регионите Пустец и Голо Брдо во Албанија, но и кај Гораните од областа Гора во Косово, кои главно живеат во Скопје. Треба да се потенцира дека сите македонски граѓани што добиле бугарско државјанство, не се откажале од македонското државјанство и де факто нивното отсуство од гласање за изборните циклуси во Бугарија, на неколку изборни пункта во македонската држава, го потврдува тоа. Досегашните резултати од гласањето на македонски граѓани кои што се чуствуваат Бугари по род, не ја надминува бројката од 1.000 лица! Тоа ја докажува тезата за „економска асимилација" на македонското население, ко што се определува за аплицирање за бугарско државјанство исклучиво од економски мотиви: поголеми шанси за работа на заедничкиот европски пазар, дозволен престој и слободно движење низ европските земји и полесен и поевтин пристап до елитните европски универзитети. ЕУ ќе мора да поведе сметка за непринципиелниот пристап од бугарска страна, која на нерегуларен начин го смалува работнииот потенцијал на македонската држава, со што ја намалува можноста за нејзин економски раст и доближување до европскиот стандард.
По сето ова, кои се можните решенија за излез од натамошната бугарска блокада на македонскиот пат кон ЕУ?
Македонија треба да извлече поука од непринципиелните преговори со Грција, во врска со оспорувањето на уставното име на македонската држава. Тој спор беше непознаница во меѓународното право. Раритет. Една држава да ѝ го одрекува правото на друга држава да се нарекува така, како што решил македонскиот народ на референдум! Политичкиот систем на државата не се издигна над тесноградиот партиски интерес и не усвои Собраниска Декларација, во која ќе беа наведени вредностите на мaкедонската држава за кои никој не може да преговара. Примерно - името, знамето, границите, нацијата, јазикот, територијалниот интегритет. Во тој случај, меѓународната заедница ќе мора да ги почитува сопствените стандарди и резолуции. Неопходност е во конкретниот случај за спорот со Бугарија околу поимите „заедничка историја" и „национално малцинство", да се донесе собраниска Декларација, која ќе биде изгласана од сите партии, во присуство на претседaтелот на државата, претседателите на Уставниот и Врховниот суд, началникот на ГШ на Армијата и лидерите на верските заедници. Тогаш, независно кој ја практикува политичката власт, ќе има одврзани раце да не преговара за прашања за кои што не смее да преговара, ниту на билетерален, ниту на мултилатерален план. Тоа ќе биде сигнал за соседните држави и за НАТО и ЕУ, дека македонската држава не бара ништо друго освен она што претставува примена на закон, право, стандард, теорија и пракса во меѓународното право. Ако Бугарија претендира дека во Македонија има македонски граѓани со бугарско етничко потекло, тоа право го има и Македонија - да бара почитување на бугарските граѓани кои се изјаснуваат дека се Македонци по род и примена на Европската конвенција за малцинствата, која е потпишана од двете држави. Тезата дека Бугарија е членка во Унијата, а ние не сме, не значи ништо. Некогаш Бугарија беше дел од Варшавскиот пакт и членка на СЕВ (Советскиот модел на Совет за економска помош), а Македонија како држава во Југословенската федерација преговараше да биде 10-та членка во тогашната Европска Заедница, период 1970-1978 г. Само временските периоди се различни, сѐ друго е прашање на право, принципи и стандарди. Доколку некој мисли да ги прекрши меѓународните норми, нема да ни помогне нашата сервилност, попуштање, слабост и виткање на р’бет. Или ќе бидеме држава достојна да е дел од европското семејство, или нема да нѐ биде!